Анализи

Крадци на податоци на теренот на сивата е-трговија

Доволно е само малку невнимание и недоволно трпение

Секој ден има околу 15 нови објави во една фејсбук-група со над 50 илјади членови за споделување искуства од онлајн-купување. Од нив, според она што може да се забележи, барем две-три се пријави за измами. Другите објави главно се сведуваат на прашања за искуството со една или со друга онлајн-продавница, на кои барем некој ќе одговори дека, или не го добил тоа што го барал, или тоа што го добил набргу се расипало.

Поголемиот број продавници за кои се разговара во групата постојат само на социјалните мрежи. Најчесто единствениот начин да се комуницира со нив е преку сервисот за пораки. Понекогаш објавуваат адреси што не може да се проверат на Гугл мапс или сајтови што не постојат. И многу од нив со години продаваат во земјава, преку една или друга страница.

Зачестените обиди за измами со кражба на лични податоци и на сметки, кои се појавија во последниве месеци, нудејќи „за само 123 денари“ електрични тротинети, кафемати, накит и други производи што реално чинат илјадници или десетици илјади денари, всушност си најдоа отворен терен во кој веќе подолг период царува сивата онлајн-трговија.

Овие измамнички страници, кои продавале во Виетнам пред да се префрлат на македонскиот пазар, а се управувани од луѓе од Украина, Латвија, Казахстан и од други земји, го следат патот на нерегистрираните трговци што со години ги водат своите страници од Македонија.

Домашните трговци не организираат лажни наградни игри како странските измамници, кои нудат „ексклузивна можност“ да се купи скап производ за 123 денари само ако се остават податоците од личната карта и од банкарската сметка,но и нивната работа е далеку од законските рамки. Истовремено и институциите се далеку од справувањето со различните форми на измами.

Затоа голем број купувачи бараат спас во споделувањето искуства со другите.

Контакт-податоци без контакт

Трговци оставаат адреси што не може да се следат | Илустрација: БИРН

По случаен избор проверивме десет домашни домејни за да видиме дали, освен фејсбук-страницата преку која продаваат, имаат и портал преку кој може да се вршат нарачки и каде што можеби објавиле повеќе контакт-податоци. Ниту еден од десетте не беше вистински регистриран домејн, покажа сервисот на Марнет.

Во земјава постои и регистар на онлајн-трговци и Асоцијација за е-трговија, која доделува беџови за верификација. Но, на многу купувачи им е доволно да можат да испратат порака преку Фејсбук и некој друг да имал позитивно искуство со нарачката на производот.

Сѐ додека не се случи некоја измама. Конфекцискиот број на облеката е различен од очекуваниот, обувките се скинале вториот ден, апаратот за бричење се расипал при првата употреба, садовите се различни од нарачаните на фотографијата… Долг е списокот на форми на измами. Кога ќе се случат, на потрошувачот му останува само да се помири дека ги загубил парите и да ги предупреди другите купувачи да не наседнат.

Овие измамнички страници, кои продавале во Виетнам пред да се префрлат на македонскиот пазар, а се управувани од луѓе од Украина, Латвија, Казахстан и од други земји, го следат патот на нерегистрираните трговци што со години ги водат своите страници од Македонија

„Правата на потрошувачите се заштитени само ако купуваат од регистрирани трговци. Само тогаш може да бидат сигурни дека ќе го добијат тоа што го платиле или дека ако не се задоволни од производот, имаат опции пред себе – да го вратат во рок од 14 дена, да пријават на институциите ако им се прекршени правата итн.“, вели Виктор Стојковски, генералниот секретар на Асоцијацијата за е-трговија.

Нема точни податоци колкав обем зазема сивата економија во онлајн-трговијата, а од Асоцијацијата веруваат дека процентот е сличен како и во преостанатата економија – околу 30 отсто. Стравот од измами е голем, па фејсбук-продавниците се проверуваат по неколкупати пред некој да одлучи да нарача од нив.

Тоа ги тера регуларните трговци да објавуваат мобилни телефони, координати со локација на нивните дуќани и други податоци за да докажат дека се легитимни бизниси што постојат и во физичкиот свет, а продаваат и онлајн. Но, слични методи применуваат и поединците на социјалните мрежи, само што нивните адреси и телефонски броеви не постојат и служат само за да остават впечаток на веродостојност.

Кога купувачот ќе се побуни дека бил измамен, страницата престанува да одговара на пораките, а по некое време и целосно се брише. Истите производи многу често може да се најдат на повеќе страници, што укажува дека тие се клонираат за ако некоја треба да се избрише, трговецот да продолжи да работи со друга.

Сиви, ама „добри“

Ако нерегистрираните трговци не мамат купувачи, работат со години | Фото: БИРН

Потрошувачкото самоорганизирање, односно споделувањето на искуствата на измамените купувачи, често се покажало како ефикасна заштита од измамите. Кога една страница за онлајн-купување ќе стане позната, корисниците ќе почнат да ја избегнуваат. Но, тоа се случува само ако има измама.

Од друга страна, сивата економија продолжува да се засилува во онлајн-сферата, сѐ додека работи чесно, односно не ги измамува потрошувачите со стоките што им ги продава. Така, страници на кои не може да се види дека зад нив стои регистрирана фирма и трговци со кои може да се комуницира само преку фејсбук-пораки, со години продаваат на пазарот, а некои дури добиваат одлични препораки од купувачите.

Секој што врши нерегистрирана дејност, го прекршува законот, велат од Асоцијацијата за е-трговија, но казните за тоа се мали и најчесто не ги обесхрабруваат трговците. Поголем проблем, додаваат оттаму, е што не секогаш тие можат да се најдат.

„Измамниците може да се откријат и има разни начини за тоа. Веќе имаме и примери каде што некои измамници и кривично се гонети. Но, во дигиталниот свет и во дејност која што станува сè поголема како што е е-трговијата каде работите секојдневно и брзо се менуваат, потребни се брзи и ефикасни законски промени за да се подобри начинот на кој што сите засегнати страни во екосистемот на е-трговијата работат, да се подобри довербата која купувачите ја имаат во онлајн трговијата и да се намали сивата економија“, додава Стојковски. 

Понекогаш се појавуваат проблеми да се најде вистинскиот испраќач, а потешкотија е и тоа што сивата трговија ја вршат физички лица, против кои институции како Државниот пазарен инспекторат не може да реагираат.

Земјава, според Стојковски, има институционален капацитет да се справи со измамите и со нерегистрираните дејности во е-трговијата, а сите институции што имаат некаква надлежност во оваа сфера покажале интерес да ги доведат работите во ред, а Асоцијацијата со сите нив имала добра соработка.

„Неопходна е јасна распределба на надлежностите со паралелно градење на капацитети во сите засегнати институции за е-трговијата“, додава тој.

На институциите, исто така, им треба време да изградат искуство и капацитети, а време има малку, бидејќи постојано се појавуваат нови форми на измами.

Каков е профилот на измамените купувачи? Од Асоцијацијата велат дека, иако почесто тоа се луѓе со помалку онлајн-искуство, од повозрасните генерации, речиси секој може да наседне и наседнувале потрошувачи од сите генерации, со различни нивоа на образование. Доволно е само малку невнимание и недоволно трпение да се провери од каде се купува.