Анализи

Крипто во Македонија: Технологија што не чека дозвола

Иако криптовалутите се сè поприсутни, оваа сфера сè уште е нерегулирана

Во неговите тинејџерски години, Дарко бил гејмер и бил доволно добар во играта „Дота“ за да учествува на натпревари каде што следеле награди во форма на биткоин.

„Бев дете од 18 години, не го сфаќав тоа сериозно. Секој месец добивав по 10-20 биткоини и цело време ги користев за да купувам други видеоигри“, раскажа тој за БИРН.

Кога отворил своја стоматолошка ординација во 2016 година, првпат по десетина години помислил на оваа тема, кога негова вработена сакала да купи графичка картичка за да „копа“ биткоин. Со доза на потсмев, Дарко почнал да ја убедува дека биткоинот не вреди ништо. Сепак, тоа го заинтригирало да провери онлајн што се случува со криптовалутите.

Бил вчудоневиден кога видел дека вредноста пораснала на повеќе од 20.000 долари. Наскоро, сфатил дека криптовалутите, во меѓувреме станале многу сериозна работа, па решил повторно да влезе во сферата.

Што се криптовалути?

Криптовалутите се дигитални средства, кои се појавија како алтернативни методи за плаќање по финансиската криза во 2008 година, кога голем број луѓе ја загубија вербата во традиционалниот банкарски систем.

Дарко не е неговото вистинско име. Како и другите криптоентузијасти со кои зборувавме, тој инсистираше да остане анонимен.

Иако криптовалутите се сè поприсутни, оваа сфера е сè уште во сивата зона. Луѓето често ги асоцираат криптовалутите на пирамидални шеми, измами или на криминал. Дополнително, во Македонија нема регулација на криптовалути, што значи дека тие што инвестирале во крипто, немаат јасен начин како да ги внесат овие средства во формалниот финансиски систем.

Кај нив постои страв дека ако јавно зборуваат на оваа тема, можно е надлежните органи да им тропнат на врата.

Премиерот Христијан Мицкоски, од почетокот на својот мандат, ветува регулација на криптопазарот, што, според него, ќе значи поголем прилив на пари во државата и во буџетот.

При посетата на премиерот во Вашингтон за инаугурацијата на претседателот Доналд Трамп, канадскиот бизнисмен со македонско потекло и сопственик на социјалната мрежа „Рамбл“, Крис Павловски го поврза македонскиот државен врв со претставници од „Тетер“, една од најголемите криптокомпании во светот.

Како продолжение на оваа соработка, на средината на мај, премиерот ги дочека во Скопје, Џанкарло Девасини, сопственикот на „Тетер“, заедно со директорот на компанијата, Паоло Ардоино.

Крис Павловски го поврза македонскиот државен врв со претставници од „Тетер“ | Фото: БИРН

Павловски го придружуваше тимот на „Тетер“ во оваа посета и дури го интервјуираше Ардоино на бизнис-конференцијата „Македонија 2025.“

Сигналите што ги даваат овие големи играчи, заедно со државниот врв, е дека Македонија е атрактивна земја за криптоиндустријата.

Како пример ја земаат Ел Салвадор, мала централноамериканска држава, која во 2021 година стана првата држава што го призна биткоинот како дел од економскиот систем и ги обврза сите економски актери во земјата да го прифаќаат при плаќање.

Под притисок на Меѓународниот монетарен фонд, овие политики беа делумно повлечени и компаниите веќе не мора да прифатат плаќање во биткоин ако не сакаат.

Сепак, Ел Салвадор останува синоним за крипторај бидејќи таму најмногу се интегрирани плаќањата во криптовалути.

„Многу сакам мали држави бидејќи побргу се адаптираат“, кажа Ардоино при неговата посета во Македонија.

Нерегулиран пазар

Горан никогаш не ги „извадил“ парите што ги заработил од оваа сфера поради немањето регулација | Фото: БИРН

Од една страна, немањето соодветни закони и регулаторни тела ја отвара можноста за нелегални трансакции, перење пари и за финансирање тероризам.

Од друга страна, тие што едноставно инвестирале на криптопазарот може да наидат на бројни проблеми од несоодветно даночење до одбивање на средствата во банка.

За да добиеме подобра слика за присуството на криптовалутите во Македонија, БИРН спроведе анкета на која добивме анонимни одговори од речиси 90 луѓе.

Преку анкетата стапивме во контакт со повеќе луѓе од криптозаедницата. Еден од нив е Горан, скопјанец во неговите доцни 40-ти, кој повеќе од седум години се занимава со крипто. Учествувал во повеќе криптопроекти, некогаш како тестер на технологијата, некогаш како инвеститор. Од некои проекти заработил, а од некои изгубил пари.

Меѓу крипто корисниците има и функционери. Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов има 10 биткоини, а директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Петар Богојевски поседува 11 биткоини и 129 етериуми.

Но, никогаш не ги „извадил“ парите што ги заработил од оваа сфера поради немањето регулација. Смета дека моментално, внесувањето на криптовалутите во формалниот систем е преголем ризик за него, иако нема направено ништо нелегално.

„Можеби криминалците знаат како да ги оправдаат овие средства, ама јас не знам“, вели тој.

За разлика од него, Атанас, пак, вели дека има префрлано пари на банкарска сметка, со тоа што ги пријавил како „интернет-заработка“ и на тоа платил персонален данок. Тој, исто така, е еден од сопствениците на криптокомпанија регистрирана надвор од државата.

„На наша иницијатива се обидуваме да сме чисти со данокот, ама големи се шансите дека никој нема да забележи бидејќи е нерегулирано“, објасни тој.

Сопствената плата ја добива во криптовалути и често вади кеш од криптоменувачниците.

„Реално не би ни помогнала регулацијата бидејќи кога некоја индустрија е нерегулирана, тогаш имаш најголеми можности за заработка“, искрен е тој.

Криптоентузијастите со кои зборувавме тврдат дека повеќето луѓе во Македонија, иако можеби слушнале за криптовалутите, сепак не се доволно финансиски писмени околу оваа проблематика.

Многумина го гледаат криптото, или како измама, или како начин за брза заработка, а не сфера за која е потребно техничко и финансиско знаење.

Дури ни Дарко, кој сега е еден од поактивните луѓе во македонската криптозаедница, не само што не верувал дека овие валути ќе добијат толкава вредност, туку и самиот направил голема грешка кога првпат почнал да користи крипто.

„Ми останаа биткоини, го имам и стариот лаптоп на кој играв видеоигри. Ама немам пристап до нив и сега никој не може да ми помогне, а сигурно имам пет-шест биткоини на него,“ раскажува тој.

Кој користи криптовалути во Македонија?

Левков додава дека биткоинот речиси и да не се користи во промет | Фото: БИРН

Тргувањето со криптовалути во Македонија претставува „игра без правила“ поради која има различни судбини, меѓу кои и бројни измами.

Впрочем, во Македонија, илјадници наши сограѓани првпат дошле во контакт со криптосферата кога инвестираа во пирамидалните шеми, како Конти и ДГПТ, каде што плаќањата се вршеа во криптовалути.

Претставници од „Бајнанс“, една од најголемите глобални криптоберзи, во минатиот месец соопштија дека токму лани имале пораст од 40 отсто на бројот на корисници.

Дополнително, од „Бајнанс“ велат дека сметка на нивната платформа веќе има отворено 11 отсто од населението во Македонија, или околу 200.000 граѓани.

Сепак, не може да се каже дека во нашата земја има олку голем број  „автентични“ криптокорисници.

Според анкетата на БИРН, тие што ни одговорија, во просек се занимаваат со крипто околу три и пол години, а берзата на која најмногу тргуваат е „Бајненс.“ Освен биткоин, велат дека користат и други криптовалути, како етериум, солана, тетер и рипл.

Додека еден од анкетираните вели дека купил 100 евра од криптовалутата етериум и ги заборавил, друг ги опишува овие средства како „иднината на дигиталниот свет.“

Најголемиот дел од нив велат дека имале некаква заработка, но меѓу испитаниците има и дел што загубиле пари.

Во 2022 година, Никола Левков, професор на Економскиот факултет при универзитетот „Кирил и Методиј“, и неговите двајца коавтори пишуваат за овој феномен во нивното академско истражување за профилот на криптокорисниците во нашата држава.

Mеѓу испитаниците има и дел што загубиле пари | Фото: БИРН

Иако Левков посочува дека нивниот примерок од 122 криптоинвеститори е ограничен, вели дека профилот на овие луѓе во Македонија е главно сличен со криптокорисниците во странство, идентификувани во слични истражувања.

Во Македонија, над 80 отсто од корисниците се мажи, најголемиот дел од нив се млади луѓе меѓу 19 и 34 години, најчесто живеат во урбани средини и се со високо образование.

Генерално, корисниците се свесни дека инвестирањето во крипто е поризично од инвестирањето во акции. Иако меѓу нив има технолошки ентузијасти, за повеќето, главната мотивација за вложување им е брза заработка или стекнување богатство за кус рок.

Истовремено, Левков додава дека биткоинот речиси и да не се користи во промет, дури и во земји што ја имаат либерализирано оваа валута за плаќања.

„Значајно е што две третини се пасивни инвеститори што купуваат криптовалути, не учествуваат понатаму во тргување, туку чекаат да им порасне вредноста и можеби да ги продадат кога вредноста значајно ќе порасне“, додаде тој, потенцирајќи дека повеќето од македонските инвеститори вложуваат мали суми на пари.

Еден од одговорите што го добивме во анкетата што ја спроведе БИРН ги рефлектира токму овие трендови.

„Иако моментално сум во нереализирана загуба, јас верувам во иднината на криптовалутите и верувам дека за 5-10 години од сега ќе имам многу поголем профит“, пишува во одговорот.

Вредноста на криптовалутите постојано се менува, а тоа е често резултат и на шпекулативни активности. На пример, вредноста на биткоинот драстично скокна по победата на Трамп, кој во кампањата за својот втор мандат ветуваше прокриптополитики.

„Биткоинот нема вградена вредност како класичните средства, на пример златото, туку е финансиско-технолошка иновација, која главно е водена од вербата на луѓето во вредноста на таа валута и затоа инвестираат во неа, очекувајќи дека и понатаму нејзината вредност ќе расте“, објасни Левков за БИРН.

Деновиве, еден биткоин вреди над 100 илјади долари. Ако Дарко сега имаше пристап до својот криптопаричник, ќе имаше над половина милион долари.

„Ама што да правиш?“, Дарко ги крева рамениците.