Во периoдот на транзицијата и брзиот раст на инфлацијата, кога банките нудеа лош курс за размена на девизите и немаше голема верба во државните институции, цветаше работата на уличните менувачи на девизи – паралелен финансиски систем, кој се базираше на лична доверба, но оставаше голем простор за измами.
Неколку децении подоцна, оваа пракса главно е напуштена, но, под влијание на светските трендови, во земјава се создаде нов систем што функционира надвор од радарот на институциите. Само сега, улицата е заменета од социјалните мрежи, трансферите се вршат и по модерни објекти, а средството што се разменува се – криптовалутите.
Анализата на БИРН покажува како низ овој систем, во недостиг од правна регулатива и непочитување на таа што постои, минуваат големи количества кеш што никој не ги следи, овозможувајќи од затајување данок, преку измами, па сѐ до перење пари „заработени“ од криминални активности.
„Нема лимит“

Криптомат во Скопје за трансакции до 500 евра | Фото: БИРН
Многу од трансакциите се случуваат по менувачници што работат во сива зона. Сместен во центарот на Скопје, посетивме еден ваков објект, кој однадвор изгледа како обична менувачница. Но, штом ќе влезете во него, откако однатре ќе ви отклучат и веднаш по вас ќе ја заклучат вратата, ќе сфатите дека тука не може да замените денари во евра. Се работи за криптоменувачница, каде што во кеш, обично со денари или со евра, се купуваат и се продаваат криптовалути. Трансакцијата е анонимна, готова за неколку секунди, а менувачницата задржува одреден процент за услугата. Во онаа што ја посети БИРН, овој процент беше најмал ако сумата надмине 10.000 евра.
„Нема лимит за размена“, потврди еден од вработените, појаснувајќи дека ако сумата е навистина голема, за сѐ ќе може „посебно да се договориме.“
Вака е на терен. На хартија, пак, од 2022 година е донесен новиот Закон за спречување перење пари, кој, пак, забранува промена на повеќе од 500 евра во кеш за криптовалути или како што се именувани во него, за „виртуелни средства“, а, исто така, предвидува секоја трансакција повисока од 1.000 евра да биде проследена до Управата за финансиско разузнавање, за да се следи кој сѐ е дел од криптосветот.
„Ако легитимираат, никогаш не би вадел пари кај нив (н.з. во криптоменувачница)“, коментира за БИРН, криптоинвеститор со кого разговаравме, под услов на анонимност.
Криптомат
Во Македонија функционира и криптомат, како дел од ланецот „Shitcoins Club“. Во 2020 година, овој ланец добил забрана за работа во Германија поради немање лиценца, а во 2021 година во Естонија. Со него управува фирмата „Виртуелна планета“, на полскиот државјанин Бартоломиеј Јан Бојциецховски. Формирана во 2021 година, двапати е казнета за неподнесување на задолжителните годишни завршни сметка. Криптоматот дозволува трансакции до 500 евра и бара потврда за идентитет.
„Секогаш е анонимно“, додава друг, потсетувајќи се дека неодамна, негов пријател така извадил 5.000 евра во кеш.
На социјалните мрежи, пак, сето ова ескалира. Доволно е само да се погледнат рекламите на многуте криптоменувачници.
„Дневниот лимит за откуп и исплата изнесува 100.000 $.“, стои во еден пост.
Друга менувачница, пак, нуди и услуга за носење на парите до дома ако се работи за Скопје, за секоја трансакција што надминува 3.000 долари.
Со трета, во телефонски разговор, без да се претставиме дека сме новинари, договаравме анонимен трансфер на средства во висина од дваесетина илјади евра во кеш. Условот беше, само да се најавиме неколку часа порано, за да имаат толку пари во објектот и секако, да го носиме телефонот, бидејќи тоа е местото каде што вообичаено се инсталираат криптопаричниците.
Вакви „менувачки работи“ вршат и регуларните менувачници со лиценци што ги издава Народна банка, од каде што, пак, во одговор за БИРН, појаснуваат дека оваа лиценца важи само за купувањето и продавањето ефективни странски пари и чекови.
„Работата со криптовалути не е опфатена со дефиницијата за менувачки работи. Оттука, во рамки на законски определените надлежности, Народна банка нема овластување да врши надзор на активности поврзани со криптовалути“, се оградуваат оттаму.
Закон заглавен во бирократија

Од Народната банка велат дека ги следат глобалните иницијативи за регулирање на криптосекторот | Фото:БИРН
Донесен во 2022 година, како обврска за прифаќање на новите европски директиви, Законот за спречување перење пари, за првпат во земјава го препозна постоењето на виртуелните средства, а целата контрола над нив ѝ беше оставена на Управата за финансиско разузнавање. Од надзорот над субјектите што работат со криптосредства, па сѐ до водењето регистар за да се знае кој сѐ е вклучен во овој бизнис во земјава.
Три години подоцна, никој ништо не контролира во овој сектор. Од УФР појаснуваат регистарот не е направен, бидејќи предлог-правилникот што тие го напишале, а треба да го одобри министерот за финансии, уште е предмет на „меѓуинституционални консултации.“
Проблем има и кај надзорот, затоа што овие бизниси често работат како физички лица преку странски платформи, на т.н. нехостирани паричници – каде што само тие ја имаат контролата над приватните клучеви и средствата што се чуваат во нив, па потребна е дополнителна регулација. И пишувањето казни е проблематично, бидејќи зависат од големина на фирмата.
Поради сето ова, УФР предупредува на ризик од нелојална конкуренција и создавање систем на т.н. подземно или банкарство во сенка, што пак е закана за стабилноста на финансискиот систем, „во ситуација во која не постои посебен закон што ќе го забрани вршењето на овие услуги како физички лица, односно ќе воведе построги критериуми за лиценцирање и стандарди што треба да ги исполнуваат основачите, управителите, вистинските сопственици, како и под кои услови може да се смета за давател на услуги поврзани со криптосредства.“
Први судски случаи за перење пари преку крипто

Нема државен паричник за заплена на виртуелни средства | Фото: БИРН
Иако сам по себе не мора да е незаконски, овој систем станува ризичен и проблематичен токму затоа што работи без транспарентност, надзор и одговорност. Во Македонија веќе ги забележа и првите поголеми судски случаи поврзани со перење пари.
Преку две криптоменувачници, семејство од Штип што примало социјална помош, меѓу 2022 и 2024 година успеало да стави во оптек околу 300.000 евра, пари заработени од водење мрежа за нелегално онлајн-коцкање. Сите средства ги добивале во криптовалути, кои потоа ги менувале за кеш, главно во криптоменувачница од Скопје. Кога истражителите влегле во менувачницата, се договарал трансфер од 30.000 евра. Проверката на БИРН за оваа менувачница, пак, покажа дека таа како правно лице била формирана на средината на минатата година, откако во неа влегле истражителите, за подоцна од НБРМ да добие и лиценца за менувачко работење.
Во друг случај, државата конфискувала 80.000 евра, кои ги заработил македонски државјанин, така што преку повеќе криптоплатформи, вршел конвертирање, префрлање и мешање на криптосредства во обид да го прикрие изворот од кој доаѓале тие. А приходите доаѓале од германски државјани, кои биле мамени да инвестираат со помош на измамнички кол-центри. Обвинетиот, овојпат ги прескокнал менувачниците, па криптосредствата преку онлајн-платформите, во 2022 година ги трансферирал во девизи и директно ги префрлал на две девизни сметки во банка. Бил откриен две години подоцна, како резултат на меѓународна истрага, во која асистирала македонската УФР.
Заедничко во двата случаи е тоа што осомничените ја признале вината, а криптосредствата веќе им биле конвертирани во денари и девизи. Потоа со нив се купувале автомобили и недвижен имот, па овој имот бил конфискуван од надлежните органи.
Ако требало да се конфискуваат во вид на криптосредства, ќе се појавел проблем, затоа што во земјава нема државен криптопаричник на кој тие би можеле да се запленат.
И за него нема правна регулатива, ниту, пак, протокол како да се постапува, потврдува Ирена Илиевска, директорката на Агенцијата за одземен имот.
„Досега не сме имале вакво барање. Следиме што се случува и во регионот, но мислам дека засега е далеку од нас. Ако се појави потреба, ќе бараме согласност од владата, а ќе треба да се вклучи и Народна банка“, вели Илиевска.
Милијарди во криптосредства

Милионски суми нелегални средства минуваат низ сметки поврзани со македонски корисници | Фото: БИРН
Додека македонските институции „будно следат“ што се случува, обемот на трансакции на глобалниот криптопазар се мери во милијарди. Дел од овие средства се трансферираат и кон Македонија. Според Центарот за алтернативни финансии на Универзитетот во Кембриџ, лани во септември (последниот месец за кој имаат објавено податоци), кон земјава имало прилив и одлив на криптовалути во вредност од по околу 30 милиони американски долари, сума што е, на пример, двојно повеќе од трговската размена што сме ја имале со САД, во текот на тој месец.
Според податоците од овој центар, во 2023 година, вкупниот прилив на криптосредства кон земјава „тежел“ околу 900 милиони долари, а одливот уште толку. Ако, пак, се земе предвид дека во 2023 година, на глобално ниво, волуменот на илегалните трансакции според глобалната мрежа „Chainalysis“ изнесувал 0,61 отсто и тој процент се пресмета во однос на бројките за Македонија, се стигнува до милионски суми нелегални средства што минувале низ сметки поврзани со македонски корисници.
Стабилни коини
Проблемот со шпекулативниот раст и пад на криптосредствата беше решен со појавата на т.н. стабилни коини, чија вредност обично се врзува со онаа на доларот. Тоа се валутите што ги преферираат криминалците, затоа што на тој начин во секој момент знаат колку пари имаат на сметка.
Дека целиот систем е во „сива зона“, признаваат и властите. Неодамна, во интервју за емисијата 360 Степени, министерот за дигитализација, Стефан Андоновски забележа дека тоа што во земјава се „дозволува да се менуваат криптосредства на еден сив начин“, носи ризик од злоупотреба. Лекот за ова, смета, дека е регулацијата.
„Во Македонија не е забрането да поседувате или да разменувате криптовалути, но не е регулирано и тоа создава несигурност“, изјави Андоновски.
Или, како што ќе забележи адвокатот и познавач на оваа сфера, Душко Гошевски, сегашната поставеност на системот остава простор за измами.
„Секој нерегулиран пазар носи ризици – како од даночен аспект, така и во делот на спречување перење пари и послаба рамка за меѓународна соработка во борбата против нелегалните активности“, вели тој.
Иако е свесен дека зад создавањето крипто-средствата се крие идејата за децентрализација и независност од банкарскиот сектор, смета дека во моментов важна е правната сигурност и воспоставувањето јасни ,,правила на игра“ за заштита на граѓаните, преку правна рамка за институционализација на овој финансиски пазар.
„Тоа секако ќе овозможи и други важни аспекти, пред сѐ поттикнување на иновациите и инвестициите, а врз основа на тој иден технолошко-финансиски пазар и приливи по основ на даноци и инвестиции“, дополнува Гошевски.
Законот за данок на личен доход, на пример, пропишува дека и добивката од продажба на криптовалути треба да се пријавува и даночи со 10 отсто, па податоците од Управата за јавни приходи откриваат дека лани, ваков данок пријавиле 49 субјекти, за што државата инкасирала околу 16 илјади евра.
Ако, пак, се погледне изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, партијата што ја предводи актуелната влада, ветено е до следната година да се донесат бројни олеснувања за криптоинвеститорите, меѓу кои и ослободување од плаќањето данок на капитална добивка.
Истовремено, останува во игра и носењето нов закон, за легализација на криптовалутите.
„Сакаме сето тоа легално да го канализираме… Тоа е иднината и мислам дека ќе бидеме меѓу првите во регионот…“, изјави во декември премиерот Христијан Мицкоски.