Регион

Кристофер Хил – нов американски амбасадор во Србија

Кристофер Хил за време на мисијата во Ирак | Фото: defense.gov

Американскиот претседател Џо Бајден го назначи Кристофер Хил за нов амбасадор на САД во Белград. Хил е познато лице на Балканот од 1990-тите, кога прво беше вклучен во преговорите за Дејтонскиот договор, со кој заврши војната во Босна и Херцеговина во 1995, па беше амбасадор на САД во Македонија меѓу 1996 и 1999, а потоа беше медијатор во преговорите за време на косовската војна, меѓу тогашните југословенски власти предводени од Слободан Милошевиќ и Ослободителната војска на Косово (ОВК).

Хил, чие назначување треба да биде потврдено од Сенатот, извршувал амбасадорски функции и во Полска, Јужна Кореја, Албанија и во Ирак.

Белградскиот весник „Наша борба“, во јуни 1997 година го опишуваше Хил како „дипломат во сенка, кој го подготвува теренот за големи историски договори, но неговото име не се појавува во ударните вести“.

„Подоцна, сепак, излезе на голема врата и речиси преку ноќ се претвори од обичен амбасадор во еден од клучните играчи во разврзувањето на косовскиот јазол“, пишуваше „Наша борба“.

Во весникот се додава дека „Хил бил првиот западен претставник кому му било дозволено да влезе во Косово без придружба за време на ‘офанзивата на српските сили против Ослободителната војска на Косово’“.

Во 1998 и во 1999 година, Хил беше специјален претставник за Косово и беше вклучен во клучните настани, како средбата меѓу познатиот американски дипломат Ричард Холбрук и борците на ОВК во селото Јуник, во јуни 1998 година.

Во декември 1998 година, Хил објави дека бил подготвен предлог-договор, кој може да обезбеди „цврста рамка за мирна разрешница на Косово“, но процесот на преговори бил непотребно развлекуван.

„Луѓето може да се согласат на тоа сега, или може да продолжат да се убиваат и да си ги палат домовите едни на други, а да се согласат на истото подоцна“, додаде тој.

Два месеца подоцна, за време на последниот официјален обид да се најде мирно решение за конфликтот, на состаноците во замокот Рамбуе во Франција, Хил беше член на т.н. меѓународна контакт-група за Балканот, заедно со рускиот дипломат Борис Мајорски и со претставникот на ЕУ, Волфганг Петрич.

Откако преговорите не успеаја, НАТО почна со 78-дневно бомбардирање цели во Србија, што на крајот го присили Милошевиќ да ги повлече своите сили од Косово.

По почетокот на бомбардирањата, неколку илјади демонстранти ја нападнаа американската амбасада во Скопје и запалија дел од неа, додека Хил бил внатре. Со полициска интервенција било спречено да се нанесе поголема штета, а тој и целиот персонал на амбасадата се извлекле неповредени.

Дваесет години по крајот на косовската војна, во интервју за Дојче веле, Хил рекол дека „сакал Косово да стане независно затоа што неговите луѓе сакале независност, но сакал таа независна држава да биде прифатена од соседите и од Европа“.

„Мислам дека косовското прашање останува проблем што ја спречува Европа да ја постигне својата цел – обединување и мир“, рече тој.

Милица Стојановиќ