Иако на скопјани не им треба доказ за катастрофалната состојба на јавниот превоз, анализата на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) објавена денеска прецизно ги лоцира причините зошто возењето со автобус низ Скопје сѐ почесто станува понижувачко искуство што им го „краде“ времето и им ги „кине живците“ на жителите на главниот град.
Истражувањето покажува дека за една деценија, бројот на автобуси на скопските улици се намалил за една четвртина, нивната просечна старост пораснала, бројот на патници се преполовил, а загрижувачки, дел од возилата на ЈСП не ги исполнуваат еколошките стандарди и дополнително го загадуваат воздухот.
За четвртина помалку автобуси на улиците

Двокатните автобуси се стари 13 години | Фото: БИРН
Секојдневната слика на стотици граѓани што чекаат на автобуските постојки е директна последица и на тоа што сега по скопските улици дневно сообраќаат дури 56 автобуси помалку во споредба со 2015 година. Ако пред десет години, дневно, во просек, сообраќале 213 автобуси, денес се само 157, што претставува намалување за една четвртина, покажува анализата на ЦГК.
Во меѓувреме, се „стопила“ и вкупната флота на ЈСП, од 430 возила пред една деценија, на сегашни 341 автобус.
Со намалувањето на бројот и исправноста на автобусите, расте и нивната просечна старост. Таа сега изнесува околу 13 години и е во континуиран пораст од 2021 година, покажува извештајот на ЦКГ.
Најстари се десетте автобуси „Санос“, стари околу 30 години и набавени уште во минатиот век, додека кинеските двокатни, кои се најбројни, и украинските автобуси веќе 13 години возат по улиците на главниот град.
БИРН веќе пишуваше дека дневните извештаи од диспечерскиот центар на ЈСП, во кои се содржани податоците за секој автобус што бил повлечен од сообраќај (во колку часот, поради која причина, на која линија возел, колку пати пропуштил да ја извози трасата), се своевидна енциклопедија на дефекти.

Извор: Центар за граѓански комуникации
„Речиси нема дефект познат во автоиндустријата што не е забележан во нив“, беше заклучокот она текстот во кој се обработуваа и други проблеми со кои се соочува ЈСП.
Намалениот број и зголемената старост на автобусите во изминатата деценија оттурнале многу скопјани од јавниот превоз. Од 51,6 милиони патници во 2015 година, бројката во 2025 се спуштила на 22 милиони, што претставува буквално преполовување.
Во преполовувањето, клучна улога има ковид-кризата, кога за само една година ЈСП изгубило речиси 23 милиони патници на годишно ниво, меѓутоа и по пандемијата, бројките не се сјајни. Мал процент патници се вратиле во автобусите, а трендот на пад продолжил во последните две години – во 2024 година, бројот е намален за речиси шест милиони, а во 2025 година, за дополнителни три милиони.
Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации се темели на податоци од годишните извештаи на ЈСП, како и на информации добиени од претпријатието преку барања за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Личните пресметки се испречија пред новите автобуси

Патниците жртви на политички пресметки | Фото: БИРН
Вчера, на владина седница се најде долгоочекуваниот тендер за 150 еколошки автобуси. Претходно, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, на повеќе нивоа на власта, го блокираа секој обид автобусите да ги набави некој друг, оставајќи ги скопјани дополнителни четири години со старите и дотраени возила.
Јавниот превоз во изминатите четири години стана жртва на политичките пресметки меѓу поранешната градоначалничка Данела Арсовска и Мицкоски, пресметки што на моменти добиваа и лична димензија.
Нивното заедничко ветување од изборите во 2021 година, набавка на 250 екоавтобуси остана само на хартија, откако нивниот однос бргу се влоши по влегувањето на Арсовска во бараките на Град Скопје.
Пред официјалното разидување на двајцата, Мицкоски, на партиски настан, во отсуство на Арсовска и крајно невообичаено за својата тогашна улога, само како лидер на опозиција, најави „голем проект за Скопје и скопјани“, ветувајќи набавка на најмалку 100 електрични автобуси и потенцијално отворање фабрика на производител на автобуси во Скопје со 500 нови работни места.
„Односите со ВМРО-ДПМНЕ ми се одлични, но не се со поединци што тераат лични интереси“, коментираше Арсовска во тој период, на што Мицкоски реплицираше дека „во животот има моменти кога патиштата со некого се разминуваат.“
Разидувањето се официјализираше при крајот на 2022 година. Оттогаш, мнозинството во Град Скопје, предводено од ВМРО-ДПМНЕ, постојано ја блокираше набавката на автобуси.
БИРН изброи дека точката за нови автобуси била ставена на дневен ред најмалку 13 пати меѓу 2022 и 2025 година, но не била усвоена. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, или не гласале, не биле присутни, или, пак, гласале воздржано.

Извор: Центар за граѓански комуникации
Во меѓувреме, од летото 2024 година, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ од опозиција станаа власт, меѓутоа ни од Илинденска бр. 2 не му помогнаа на градот околу новите автобуси.
Бргу по седнувањето на премиерското столче, Мицкоски се оглуши на отвореното писмо на Арсовска, која бараше тој да ги вразуми советниците од неговата партија да поддржат набавка на автобуси.
„Крајно неодговорно и неразумно е граѓаните на главниот град да бидат жртви на самоволието на 23 лица, чие единствено политичко дејствување е преку деструкција, блокади и политички манипулации“, му пиша Арсовска.
Во истиот период, владата го одби и барањето на Град Скопје за набавка на 95 нови автобуси, проект што требаше да се финансира од пакетот од 250 милиони евра од унгарскиот кредит наменет за поддршка на општините.
Откако стана јасно дека владата нема да му помогне на градот додека на чело е Арсовска, а анкетите покажуваа дека ВМРО-ДПМНЕ на изборите што доаѓаа ќе го преземе Скопје, Министерство за транспорт лани распиша тендер за 120 еколошки автобуси.
Меѓутоа, јавната набавка пропадна зашто единствената пријавена фирма не ги исполнувала условите.
За новиот тендер, за кој владата вчера разговарала, нема повеќе информации, освен дека автобусите ќе се набавуваат со унгарски пари преку влада-со-влада договор со Будимпешта.

