Курти овој месец изјави оти сака, пред меѓународен суд, да поднесе тужба за геноцид против Србија, две години откако поранешниот претседател на парламентот, Кадри Весели, даде слична најава.
Во јуни 2019 година, членовите на парламентот усвоија нацрт-резолуција со која се бара правда за вкупно 186 масакри, што за време на војната во Косово (1998-1999) беа извршени од Војската на Југославија, српската полиција и од паравоените сили, и формирање на нов трибунал, кој ќе суди за злосторства против човештвото и геноцид врз косовските Албанци.
Весели истакна дека режимот на Слободан Милошевиќ имал намера да ги уништи косовските Албанци како група, извршувајќи геноцид, како што е тоа дефинирано во Конвенцијата на ООН за спречување и казнување на злосторството геноцид, и повика на формирање нов меѓународен трибунал за гонење на Србите.
Но, предлогот на Весели беше опишан од неговите противници во Косово како политички опортунизам, додека меѓународните експерти истакнаа дека предлогот е непрактичен, со малку шанси за успех.
Сепак, ништо не беше преземено по оваа иницијатива, а самиот Весели, во ноември минатата година, беше уапсен по обвинението дека, додека бил припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), извршил воени злосторства и злосторства против човештвото, и беше префрлен во Хаг за да му се суди пред Специјализираните совети на Косово (ССК).
Сега, неговата иницијатива ја оживува неговиот поранешен противник, Курти, левичарски политичар кој стана премиер во март, кој ја „турка“ идејата за меѓународен судски процес на сличен начин како и Весели во 2019 година.
Од кабинетот на Курти негираа дека неговата идеја има врска со иницијативата на Весели и наведоа дека таа се базира на обврската што произлегува од резолуцијата усвоена од косовското собрание.
„Судската постапка за геноцид против Србија, требаше да биде покрената во 2008 година, кога Косово прогласи независност. Бидејќи тоа не беше сторено, ние сме должни да го направиме тоа“, потенцираат од кабинетот на премиерот.
„Владата на Косово има обврска пред своите граѓани, чии рани остануваат отворени, да подготват тужба за геноцид“, додаваат од кабинетот.
Курти ја претстави идејата за поведување тужба за геноцид, за време на неговата кампања пред изборите одржани во февруари, а ја спомна и за време на претставувањето на програмата на неговата новоизбрана Влада.
Минатата недела, германскиот амбасадор во Приштина, Јорн Роде, го предупреди Курти да не ја започнува иницијативата.
„Мислам дека тоа е многу проблематичен и можеби погрешен начин за напредок. Затоа што тоа би бил многу долг процес, многу работи на Косово би можеле да бидат запрени и не е познато како ќе заврши … ако ме прашате, дали е ова вистинскиот чекор, одговорот е – не, не е “, рече тој.
„Политички – да се тужи една земја за геноцид, значи да се донесе целата земја пред лицето на правдата … Многу е важно, дури и за Германија, кога ќе погледнеме во историјата на мојата земја, да се соочиме со минатото, но вината е секогаш индивидуална“, додаде Роде.
И Наташа Кандиќ, координатор на иницијативата РЕКОМ и основач на Фондот за хуманитарно право, невладина организација која ги документираше воените злосторства на Косово, смета дека иницијативата не е добра идеја.
„Ова е политичка иницијатива што нема да придонесе кон владеење на правото или правда за жртвите“, истакна Кандиќ.
Од кабинетот на Курти го негираа ова, нагласувајќи: „Од човечки, а никогаш од политички причини, ние, без измама, сме посветени на исцрпувањето на сите алатки за триумф на вистината и правдата“.
Прашања се поставуваат и врзано за тајмингот на овој потег на Курти, кој доаѓа во моментот кога СВК се подготвуваат за судењето на Весели и на неколку други поранешни високи припадници на ОВК и повоени политички лидери, вклучувајќи го и поранешниот претседател, Хашим Тачи.
„Србија не штедеше напори да не истреби“
Поднесувањето на тужба за геноцид против Србија, долго време беше тема во политичкиот дискурс на Косово, а жртвите на војната сакаат политичарите да преземат чекори за да се постигне правда и кривично да се гонат злосторствата извршени од српските сили.
Флурим Хајдари, чиј татко и пет браќа, од кои најмладиот имал 12 години, биле убиени во масакрот во косовското село, Мала Круша, во март 1999 година, ја поддржува идејата за поднесување тужба против Србија.
„На Косово, Србија се обиде да изврши геноцид и не штедеше напори да нè истреби“, вели Хајдари за БИРН.
„Ако Косово не го стори тоа, тоа ќе биде помилување на Србија за крвопролевањето што го предизвика. Тоа би било непростливо“, додава тој.
Но, иако политичките лидери многу зборуваа за тоа, никогаш не беа преземени сериозни чекори за подготовка на таков случај, иако Владата објави оти ќе формира институт за собирање на докази.
Гезим Висока, вонреден професор по мировни студии и студии за конфликт на Универзитетот Даблин Сити во Ирска, кој е роден во Косово, вели дека ова всушност не е сфатено сериозно, „исто како што на целото прашање на транзициската правда и справувањето со минатото, му недостасува сериозно стратешко размислување и политика“.
Неколку босански Срби беа прогласени за виновни за геноцид врз Бошњаците од Сребреница пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), но никој од Србија никогаш не е обвинет за геноцид врз Албанците од Косово.
„Како што беше демонстрирано во неколку случаи пред МКТЈ, југословенската војска и полиција, извршија бројни воени злосторства и злосторства против човештвото на Косово, но пронајдени се малку докази за геноцидни дела“, вели за БИРН, експертот за Балкан, Кристијан Аксбо Нилсен, вонреден професор по студии за Југоисточна Европа на универзитетот Архус во Данска.
„Затоа, започнувањето на тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) е многу неразумно“, нагласува тој.
Претходните обиди да се докаже дека Србија е одговорна за геноцид, беа безуспешни.
Да потсетиме, и Босна и Херцеговина и Хрватска, покренаа постапка пред МСП, тврдејќи дека Белград ја прекршил Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид.
Во 2007 година, МСП утврди дека Србија не го спречила геноцидот во Сребреница, но дека таа не е одговорна за него, ниту дека била соучесник во извршувањето на злосторството. Случајот на Хрватска беше отфрлен во 2015 година, како и противтужбата на Србија, со која Хрватска беше обвинета за геноцид.
Во 2010 година, МСП издаде значајно правно мислење дека прогласувањето на независност на Косово е легално. Сепак, судот се занимава само со случаи иницирани од земји членки на ООН, а Косово не е тоа.
„Шансите за успех се мали“
Флоријан Бибер, координатор на Советодавната група за јавна политика Балкан во Европа и професор по политички науки и историја на Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац (Австрија), смета дека е малку веројатно дека МСП ќе го прифати случајот на Косово.
„Шансите за некаков успех се мали, имајќи ги предвид пресудите на МКТЈ со кои се утврдени воени злосторства, но не и геноцид (во судските процеси поврзани со Косово)“, вели Бибер за БИРН.
Тој сугерира дека Курти можеби планира да го искористи случајот во тековниот дијалог со Србија, за нормализирање на односите меѓу двете земји, кој се води со посредство на ЕУ.
„Можеби ова е начин да се искористи во преговорите со Србија, т.е. да понуди да се откаже од случајот во замена за компромиси, но со оглед на ограничените шанси за успех, тоа не изгледа толку корисно“, нагласува тој.
Висока наведува дека предложениот случај му служи на Курти за домашни цели, да ја зајакне поддршката на Косово и да ги неутрализира противниците, кои го повикуваат да ги укине ССК и да создаде антагонизам кон српската влада, што може да ги одложи преговорите во Брисел.
„Тоа му помага на Курти да купи повеќе време за да се подготви подобро и да ја зајакне својата моќ за преговори во разговорите за чувствителни теми“, нагласува тој.
Додава дека претходните случаи пред МСП покажале дека прагот за утврдување повреда на Конвенцијата на ООН за спречување и казнување на злосторството геноцид, е висок.
„Мали се шансите случајот (на Косово) да биде успешен и да добие афирмативна пресуда од МСП“, заклучува тој.