Регион

Истрага за снајперското делување во Сараево

Поглед на Сараево Фото: БИРН

Обвинителството на Босна и Херцеговина соопшти дека формирало предмет откако медиумите во оваа земја објавија видеоснимка од документарен филм на францускиот новинар, Филип Буфон, од 1992 година, на која се гледа како снајперист пука во Сараево, за време на опсадата на градот, од страна на силите на босанските Срби.

„По објавувањето на видеоснимката на странски новинар, на повеќе портали и медиуми, на која е забележано делување на снајперисти во сараевската населба Неџариќи, беа собрани достапните снимки и фотографии, и беше формиран предмет во Посебниот оддел за воени злосторства, во рамките на кој ќе бидат испитани сите околности, факти и наводи за снајперското делување од наведената локација врз цивилни жртви на подрачјето на населбата Алипашино Поље“, соопшти Обвинителството на БиХ.

Порталот Istraga.ba претходно објави дека ги пронашле луѓето кои се појавуваат на видеото и оти разговарале со семејството на момчето, убиено од снајперист во населбата Неџариќи.

По објавувањето на снимките, кабелскиот оператор „Телемах БХ“ објави дека на нив препознале еден од своите вработени, кого го суспендирале.

„Телемах БХ не може да покрене истрага, тоа можат да го направат само надлежните институции, но поради вознемиреност на јавноста, како и на вработените во самата компанија, донесовме одлука за суспензија на вработениот, додека судските органи на БиХ не ги утврдат фактите и не донесат одлука“, соопштија од оваа компанија.

Никогаш не е покренато обвинение против директните извршители на снајперските напади врз Сараево, за време на опсадата на градот, и покрај фактот дека има значителни докази во хашката база на податоци, вклучително и воени извештаи и наредби.

Хашкиот трибунал го осуди командантот на сараевско-романскиот корпус на Војската на Република Српска, Станислав Галиќ, на доживотен затвор, за тероризирање на граѓаните на Сараево, додека неговиот наследник како командант, Драгомир Милошевиќ, беше осуден на 29 години затвор.

И политичкиот лидер на Република Српска, Радован Караџиќ, беше осуден за водење кампања на терор врз сараевчани, со снајперски и артилериски напади. Тој, за овие и други злосторства, беше осуден на доживотен затвор.

Поранешниот командант на ВРС, Ратко Младиќ, беше осуден по истите обвиненија. Неговиот предмет е во жалбена постапка, а конечната пресуда се очекува следниот месец.