Истражувањa

Лаборатории за здрави и лаборатории за болни од корона

Над 40 пати разлики меѓу приватните лаборатории за детекција на Ковид

Никнуваат како печурки по дожд, поради тоа ги нарекуваат и корона-профитери. Приватните лаборатории што тестираат за присуство на вирусот корона, по речиси две години од почетокот на пандемијата, двапати се удвоиле.

Опремата, просторот и кадарот со кој располагаат лабораториите никогаш не бил доведуван под прашање. За држaвата, сите се одлично опремени.

Но, затоа бројките што ги прикажуваат некои од нив, особено со пикот на сојот омикрон, отвораат сомнеж, за кој сè погласно се коментира: Дали некаде, наместо да се тестира, се печатат негативни резултати по потреба?

Истражувањето на БИРН покажа дека просекот на позитивни случаи кај приватните лаборатории драстично се разликува – некаде и над 40 отсто, а државата им дава бланко доверба во стручноста.

Еден позитивен од речиси 870 теста

Oд 20% до 30% кај едни, едвај под 10% кај други лаборатории | Фото: БИРН/ В. Апостолов

31 декември, 2021. Додека сите брзаат да ги завршат подготовките во очи на новогодишната ноќ, 425 тетовци имале и други приоритети.

Тетовската лабораторија „Лаор“ | Фото: Фан-страница на Фејсбук

Отишле да проверат дали се позитивни на вирусот корона во малата лабораторија за молекуларна дијагностика „Лаор“, отворена во јуни 2020.

Резултатите им стигнале истиот ден, а веќе следниот, излегоа во билтенот на Институтот за јавно здравје.

Од сите 425 теста нема ниту еден позитивен.

На празничниот први јануари, лабораторијата паузирала. На следното тестирање, од 451 примерок, само еден бил позитивен.

Тоа значи дека од вкупно 876 теста, позитивен излегол само еден, што во проценти е нула со една децимала, поточно 0,11.

Овие исклучително ниски бројки на позитивни случаи не се случајност. Ги има подолг период. И не само кај оваа, туку и кај неколку други приватни лаборатории.

На пример, на 31 декември лани и скопската лабораторија „ВФВ Медикал“ направила PCR тестови на 199 луѓе. И таму ниту еден не бил позитивен.

Мобилна лабораторија на ВФВ | Фото: Фан-страница на Фесјбук

Идентично е и со „Ројал Медика“. Од 152 теста во два дена, едниот ден имало еден, а другиот само двајца позитивни случаи.

Меѓу 18 приватни лаборатории што тестираат за корона е и „Ели медика“, која пријавила 130 тестирања, од кои само 5 излегле позитивни.

Нејасно е дали лабораторијата ги пријавувале и позитивните случаи од гевгелиската „Ели медика плус“, за која здравствената инспекција побара одземање на дозволата, бидејќи во листата на Институтот пишува само „Ели медика“.

Но, додека во овие лаборатории се чини дека претежно одат на тестирање здрави луѓе, односно незаболени од корона, во најголемиот дел државни и приватни лаборатории речиси половината од тие што отишле да се тестираат биле позитивни. Некаде тој број достигнува пикови и до 70 отсто.

На пример, на 3 јануари, денот кога тетовската „Лаор“ регистрирала само еден позитивен, односно 0,2 отсто, процентот на позитивни случаи во Центарот за јавно здравје Тетово е 35,7 отсто.

Истиот ден, 48,7 отсто биле позитивни случаи во Центарот за јавно здравје Скопје, а во приватната „ВФВ Медикал“ само 2,8 отсто. 

Разлики во резултатите и до 40 пати

Несоодветното земање брисови како прва можна причина за големите разлики | Илустрација: БИРН

БИРН, врз основа на податоците од Институтот за јавно здравје, го пресмета вкупниот просек на позитивни случаи од први до 24 јануари по лаборатории.

Податоците покажаа дека на подолг период има огромни и тешко објасниви разлики меѓу приватните лаборатории што прават PCR тестови.

Најголемите се воочливи во првите 10 дена од јануари, кога неколку помали лаборатории како „Лаор“, „ВФВ Медикал“, „Ели Медика“ и „Ројал Медика“ прикажале исклучително мали проценти на позитивни случаи.

Во просек меѓу 0,63 и максимум 5 отсто.

Во истиот тој период, поголемите скопски лаборатории, пак, како „Жан Митрев“, „Авицена“, „Биотек“ и „Систина“, за истиот период покажувале двоцифрени бројки. Од над 28 отсто во „Жан Митрев“ до 35 отсто во „Биотек“, 34 отсто во Авицена…

Тоа би значело дека ако „Лаор“ на 10 јануари има само 4 позитивни од 314 тестирани, „Жан Митрев“ има 99 позитивни од 192 теста, „Авицена“, 134 позитивни од 409…

Некои лаборатории, пак, како „Плодност“ и „Спектра ММ“ за овој период имале уште повисок просек, 44, односно 56 отсто.

Има денови кога и други лаборатории што тестираат за вирусот корона, детектирале многу малку позитивни случаи, како на пример, Лабораторијата за вирологија и молекуларна дијагностика. Прикажале едвај под 5 отсто позитивни случаи на 9 и 16 јануари, но во другите денови редовно имаат двоцифрени бројки на позитивни тестови.

Нашите наоди се поклопуваат и со бројките што Институтот за јавно здравје ги изготвува на неделно ниво.

Микробиологот Горан Кунгуловски, за БИРН, вели дека е непоимливо да има толкав јаз во позитивитетот на случаи меѓу приватните лаборатории, како што вели самиот, од 10 до 40 пати.

„Моментално, доколку рандомизирано тестирате 100 луѓе, сигурно 3-5 од нив ќе бидат PCR позитивни за SARS-CoV-2. Тоа значи дека има зголемен број негативни тестови, а намален број позитивни во споредба со слични лаборатории“, вели тој.

Првата причина за овие разлики можеби е несоодветното земање брисеви, што лажно прикажува дека тестовите се негативни.

Но, покрај оваа причина што може да влијае врз бројките, во јавноста сè погласно се слуша дека разликите може да бидат резултат на нешто многу поопасно, односно неизведување на тестот и издавање негативен резултат.

Јавна тајна е, велат здравствените работници со кои разговараше БИРН, дека очигледно државата замижува пред недоследностите во бројките на неколку приватни лаборатории.

На прашањето дали и како воопшто може да се докаже дека, наместо реална проверка, во некои приватни лаборатории само се печатат резултати, тие велат – за тоа има начин.

Проверката би требало да ги пресмета влезните и излезните фактури за набавени реагенси и тестови. Ако реалната слика е дека во лабораториите има поголеми залихи во моментот на контролата, тогаш тоа е првата индикација дека има проблем.

Тоа би можело да се направи и во малку посложена процедура преку проверка на PCR машините и нивните криви на флуоресценција за секој пациент посебно.

По три PCR теста во минута

За разлика од брзите тестови, само за подготовка на реагенси за PCR за 90 пациенти е потребен половина час | Фото: БИРН

932 теста направила лабораторијата „Лаор“ на 8 јануари. На фан-страницата на Фејсбук пишува дека работат од 8 до 14, што значи 6 часа.

Кога бројот на тестови би се поделил со вкупното работно време на лабораторијата, излегува дека тој ден работеле „турбо“ и правеле во просек по три теста во минута.

На посебен банер на Фејсбук, „Лаор“ се рекламирал дека и резултатите од PCR тестирањето стигнуваат за половина час.

Кунгуловски, кој и самиот на дневна основа е вклучен во микробиолошките процедури за детекција на корона, е дециден дека брзините на правење на тестовите и бројките се релативни, односно дека македонските лаборатории хипотетички би можеле да прават и по 10 илјади тестови дневно.

Лукративен бизнис во милиони евра

Пандемијата беше „златна кокошка“ за приватните лаборатории. Бројките покажуваат дека кај некои од нив, приходите скокнале од стотици илјади евра, во милиони.

Но, за тоа да се случи, како што вели самиот, потребна е роботизација на секое ниво и поинаква организација на работата.

„Ниедна македонска лабораторија моментално не е поставена на тој начин“, вели тој за БИРН.

„Горниот лимит на капацитет на поголемите лаборатории („Жан Митрев“, „Систина“, „Авицена“, „Биотек“) е некаде на 400-600 тестови дневно. Сè над тоа бара натчовечки напори и додатни автоматизации и роботизации“.

Процедурата нималку не е едноставна и брза и е составена од седум етапи: oд регистрација на пациентот, преку земање брис, до процесирање, автоматска РНК екстракција…

Само подготовката на реагенси за PCR, за максимум 94 пациенти, која најчесто се прави за 50 и 70 примероци, е потребен половина час.

Претежно тестови за патување

Објаснувањето е дека се тестираат претежно луѓе што планираат да патуваат | Фото: Роберт Атанасовски

Ги прашавме лабораториите чии проценти се далеку под процентите на поголемите приватни лаборатории како ги толкуваат огромните разлики.

Речиси сите од нив што имаат бројки далеку под просекот на големите лаборатории избраа да молчат. БИРН ги праша тетовската „Лаор“, скопската „ВФВ Медикал“ и струмичката „Ели-медика“. И покрај обидите да исконтактираме преку телефон, имејл и пораки, одговори не стигнаа.

Само од гостиварската „Ројал медика микро“ ни одговорија дека причината поради која кај нив просекот на позитивни случаи е под просекот на големите лаборатории е поради тоа што кај нив доаѓаат луѓе што бараат тестови за патување.

„Само мал процент луѓе доаѓаат кај нас со симптоми да се испитаат за своето здравје, и тоа кога нема термини и тестови во лабораториите на ИЈЗ. Тоа е причината на малиот процент на позитивни пациенти во нашата лабораторија“.

Од таму ни кажаа дека кај нив работат шест лица во една смена од 8 до 16 часот, а доколку има поголема побарувачка за работа, им помага персонал од другата лабораторија.

Лаборатории како печурки по дожд

Моментно 18 приватни лаборатории имаат дозвола за PCR тестирање | Фото: БИРН

Ако неколку месеци по почетокот на пандемијата, поточно во септември 2020 во Македонија имало само неколку приватни лаборатории за молекуларна дијагностика за корона вирусот, за една година бројот се зголемил на 13. Во јануари годинава, таа бројка е 18. Последниот оглас за добивање три лиценци е објавен во ноември 2021.

Условите, просторот и опремата во нив не се проблем, вели директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

„Сите се добро опремени“, вели таа.

Минимум за работа

За една молекуларна лабораторија да работи, треба да има чекалница и просторија за земање материјал од по најмалку 12 квадрати, PCR кабинет, микроцентрифуги, аналитичка вага со најмалку две децимали, сув инкубатор, минимум двајца вработени, од кои, еден субспецијалист…

Но, нивната инспекција „не го опфаќа стручниот дел од надзорот“. Тоа, како што кажа директорката на Инспекторатот, Ирина Бухова, е во надлежност на Министерството за здравство.

„Надзор над стручната работа на здравствените установи, здравствени работници и соработници е во надлежност на Министерството за здравство и коморите, според член 296 од Законот за здравствена заштита“.

Оттука и веродостојноста на издадените резултати од PCR тестовите се во надлежност на Министерството за здравство и Лекарската комора.

Го прашавме Министерството за здравство дали министерот во минатото формирал комисија што ќе испитува дали во лабораториите се постапува стручно.

Одговорот беше дека иницирале вакви надзори за здравствените установи, но само по барања. Најчесто биле барања на пациенти починати чии блиски починале од ковид. Потоа барањата ги испраќале до Лекарската комора.

Оттаму информираат дека до овој момент не одзеле ниту една дозвола за работа на лабораторија.