Три со три

Лахтов: Ист политички наратив, со различни нијанси

Разговор со Михајло Лахтов, експерт за медиуми и комуникација

Во предизборието, македонските политичари сѐ почесто се служат со лични навреди за да предизвикаат силни емоции кај гласачите. Во кампањите неретко се користат непроверени податоци и селективно презентирани информации, со што носењето информирана одлука на денот на изборите станува сѐ потешко.

Работите дополнително се комплицираат со тоа што особено социјалните мрежи и онлајн- медиумите се користат за ширење штетни политички наративи.

Шестмесечното истражување на Институтот за комуникациски студии покажува дека најголемите партии се токму тие што најмногу придонесуваат кон создавањето на ваквиот дискурс. Разговаравме со Михајло Лахтов, еден од експертите, кој работи на ова истражување.

БИРН: Деновиве, во рамките на претседателските кампањи на Стево Пендаровски и на Гордана Сиљановска-Давкова, се слушаа навреди на лично ниво. Симпатизер на Пендаровски, во негово присуство ја навреди противкандидатката врз основа на нејзината возраст, а таа, пак, дискредитираше политичар од спротивниот табор, коментирајќи дека има прекар во женски род. Како треба да се однесуваат медиумите во овие случаи?

Лахтов: Медиумите, на некој начин, носат директно и вина зошто ваквиот наратив се развива. Последните сто години се дел од целиот тој концепт со кој се создава масовната/популарната култура и начинот на кој комуницираме секојдневно.

Во последните петнаесетина години, пак, на социјалните мрежи, нашиот начин на комуницирање видно се менува. Преку мали клипови, нашата медиумска реалност се претвори во многу краток период да добиваме содржина што ќе нѐ шокира, изненади, ќе работи на нашите емоции зашто во спротивно нема да ни биде интересна.

Заедно со сето ова се менува и политичкиот наратив, а медиумите се дел од целата приказна. Пренесуваат кога нешто е шокантно и негативно, грдо, навредливо, вулгарно, затоа што гледачот се налепува на тоа и сака да го види.

Но, истовремено, медиумите имаат многу одговорна улога и задача – да го формираат општествениот живот и да придонесуваат кон демократските вредности. Залепувањето на вулгарниот, негативен и навредлив дискурс од политичарите не оди во прилог на тоа. Доколку се сметаат себеси за професионални медиуми, не треба да им даваат простор на таквите вулгарни наративи, треба да ги избегнуваат и во ситуации кога можат да ги осудуваат.

БИРН: Традиционалните медиуми, полека, но сигурно го губат влијанието врз публиката на сметка на сѐ поголемата популарност на нерегулираните портали и социјалните мрежи, чии алгоритми ги поттикнуваат штетните наративи и поделбите. Тоа значи дека и доколку традиционалните медиуми се придружуваат на професионалното известување, сепак, навредите и дискредитациите лесно може да најдат пат до широката публика преку интернет. Кој и како треба да одговори на овој предизвик?

Лахтов: Долги години трае борбата, онлајн-медиумите што се сметаат за професионални да се регистрираат или да имаат импресум и да кажат кој им е сопственикот. Изгубивме  десет години на тоа, а работите се менуваат така што онлајн-порталите веќе ја губат
релевантноста.

Информациите што ние ги анализиравме во ова истражување беа од фејсбук-страниците на политичките партии и нивните лидери затоа што таму се одвива комуникацијата. Таму тие се слободни буквално да кажат што сакаат и забележуваме дека најголемиот број штетни наративи е во онлајн-просторот, кој воопшто не е регулиран.

Потребни се регулации, кои на некој начин нема дополнително да ја стават во стеги и да ја ограничат слободата на изразување на интернет, туку ќе наметнат едни правила на игра, каде што овие медиуми нема да можат да се злоупотребуваат, особено од политичките елити во нивните цели.

БИРН: Кој е ефектот на штетните наративи во предизборието и како тие подоцна се рефлектираат врз односите во општеството?

Лахтов: Предизборните кампањи на површина секогаш ги исфрлаат негативните наративи и дискурсот. Тоа што го забележувам е дека во последниве години, за неверојатно брзо време, тој наратив е извулгаризиран. Сега можеме да слушнеме работи што пред 15-20 години беа невозможни да се слушнат во етерот поради две причини – медиумите не дозволуваа и политичките актери не си дозволуваа такви излети зашто беа осудувани.

Денес имаме наратив, кој алудира на насилство, не само на вулгарност, туку и на одмазда. Тоа се рефлектира во општеството на многу начини бидејќи општеството функционира на различни односи на моќ, кои се креираат од секаде. Тие односи на моќ потоа се рефлектираат во сите области во општеството, а штетните наративи придонесуваат до дополнителна поларизација.

Од една страна зборуваме за поделби, а од друга страна имаме сѐ похомогени групи сведени на два пола, кои светот го перцепираат бинарно и црно-бело. Нашето истражување го покажува токму тоа: сведени сме на еден ист наратив, кој доаѓа од различни страни. Кој било од половите, од политичките актери го употребува речиси истиот тип на наратив, само козметиката е различна. Едните ги обвинуваат другите дека се анти-ЕУ и анти-НАТО, а другите ги обвинуваат првите дека се предавници и дека не се патриоти. Во суштина, тоа е истиот наратив, само зборуваме за нијанси.