Политиката константно има потреба од доза свежа крв со интегритет, а зависничката криза како по правило ескалира пред избори. Речиси секогаш меѓу малкутемина со оваа ретка крвна група јавноста ја препознава поранешната судијка од Стразбур, Мирјана Лазарова-Трајковска, меѓутоа партиските поглавици на крајот, сепак, посегнуваат по примерок компатибилен на нивниот хемоглобин.
Така е и пред овие претседателски избори.
Во интервју за БИРН, Лазарова-Трајковска открива дека пријателите и сега ѝ пристапиле со предлог да се кандидира за претседател. Пришле и обични граѓани, па дури и политичари.
„Многумина кои себеси се гледаа и се гледаат како кандидати се вознемирија од таквите споменувања и честопати со резервираност се однесуваат кон мене.“
„Многумина кои себеси се гледаа и се гледаат како кандидати се вознемирија од таквите споменувања и честопати со резервираност се однесуваат кон мене.“
Јавноста ја проектира на политичката сцена уште многу одамна, откако ја водеше Државната изборна комисија (ДИК) во периодот од 2002 до 2003 година.
Не се само партиите тие што ги отфрлаат овие луѓе како антитела, тоа го прави и системот.
„Само во мојата земја немам ангажман. Не сум добила ниту една конкретна понуда од државава за институционален ангажман, иако Судот во Стразбур испрати предупредувачко писмо и до премиерот и до министерот за правда укажувајќи на обврските на земјата да прифати судија од меѓународен суд.“
Малку надеж во собраниски спас на СЈО
По нејзиното враќање од Европскиот суд за човекови права, единствено се пријавила на ланскиот конкурс за директор на Академијата за обука на судии и обвинители. Раскажувајќи го своето искуство од конкурсот, таа иронично се служи со излитената фраза што ја користат македонските политичари дека „сѐ било по закон“.
„Остана нејасно врз основа на кои критериуми Управниот одбор ја направи селекцијата и само се потврдија претходните навестувања дека одлуката кој ќе биде директор била донесена пред изборот и надвор од Управниот одбор.“
И додека државава ја игнорира, Лазарова-Трајковска повремено пишува во правни журнали и држи предавања на судии и на обвинители во странство. Единствената професионална врска со државава е тоа што меѓународни организации повремено ѝ бараат мислење за реформите во македонското правосудство.
Поранешната судијка и на Уставен суд во моментов е дел од шестчлена експертска група што селектира судии за Високиот антикорупциски суд во Украина. Таму ја предложиле Европската унија, Советот на Европа и други меѓународни организации.
„Несомнено е дека украинското искуство за прочистување на судството од луѓе без интегритет, но и без практични знаења и без способности може да биде користено во многу земји со корупција, па и кај нас.“
„Несомнено е дека украинското искуство за прочистување на судството од луѓе без интегритет, но и без практични знаења и без способности може да биде користено во многу земји со корупција, па и кај нас.“
Главниот повод за разговор со поранешната судијка се постапките на Врховниот суд што влијаат врз дел од истрагите и обвиненијата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), како она фамозно правно мислење кое ги „пушта низ вода“ дел од најважните предмети на СЈО.
И Лазарова-Трајковска како повеќето правни експерти смета дека Врховниот суд во овој случај го толкувал Законот за СЈО и со тоа влегол во ингеренциите на Собранието.
Врховниот суд, вели таа, можел да превенира или да реагира благовремено во однос на предмети за кои веќе имало створено судска пракса, која оди во различни насоки.
„Во овој случај нема такво нешто.“
Таа потенцира дека највисокиот суд може да изгради интегритет и правна стабилност на ваквите начелни правни мислења.
„Конкретниот случај дејствува во обратна насока.“
Проблемот е во тоа што Врховниот суд и СЈО различно го толкуваат законскиот член кој ги определува оние 18 месеци рок за случаите што ги води тимот на Катица Јанева. Затоа е покрената постапка пратениците да ја толкуваат одредбата.
Лазарова-Трајковска нема сомнеж дека Врховниот суд ќе мора да го ревидира начелното правно мислење, доколку пратениците застанат на страната на СЈО.
Меѓутоа, во реалноста работите најверојатно нема да одат така мазно.
Поранешната судијка смета дека во најмала рака ќе се изначекаме на собраниското толкување, и поради процедурите и зашто толкувањето ќе треба да се усвои со мнозинството со кое е донесен законот, односно со две третини од пратениците.
„Големи се шансите процесот да трае и поради квалифицираното мнозинство со кое треба да се усвои толкувањето да не биде донесено.“
Врховен да не ја повтори грешката и со „бомбите“
Во целиот овој период на надмудрувања меѓу највисокиот суд и експертската јавност, првиот човек на Врховен, Јово Вангеловски најави дека судот повторно ќе одлучува околу дилемата дали „бомбите“ може да се користат како докази во судската постапка.
Нашата соговорничка смета дека Врховен би ја повторил грешката, ако и за „бомбите“ донесе начелно мислење дека тие треба или, пак, дека не треба да се користат во судската постапка.
„Европскиот суд за човекови права во Стразбур, со години наназад гради судска пракса во однос на вакви докази во постапките и во ниту еден момент судот не рекол дека ќе заземе ‘анблок’ став во однос на примена на посебни истражни мерки и особено не при користењето незаконски обезбедени докази преку прислушување.“
„Неспорна е само праксата ‘анблок’ да се отфрлаат ваквите докази кога се обезбедени со тортура, мачење или со закана.“
„Врховен би ја повторил грешката, ако и за „бомбите“ донесе начелно мислење дека тие треба или, пак, дека не треба да се користат во судската постапка.“
Според неа, добро е што Вангеловски најавува оти на седниците за „бомбите“ ќе бидат консултирани претседатели на врховни судови и судии од странство, меѓутоа поранешната судијка има дополнителен предлог.
„Ова е погоден момент Врховниот суд за едно такво правно прашање да побара советодавно мислење од Европскиот суд за човекови права.“
Таа образложува дека судот во Стразбур изминативе години многу работел на прашања поврзани со проблемот на користење на недозволено прислушување и пресретнување електронски форми на комуникација.
Обвинителот не смее да биде поведен од политиката
Ја искористивме можноста да разговараме со поранешната судијка и за поведението на Специјалното јавно обвинителство.
Проблематично е што СЈО во изминатиов период реагираше на политичките импулси, најмногу околу притворите во случајот „Империја“, се затвори самата институција и во многу клучен момент, кога се вршеше притисок врз ВМРО-ДПМНЕ за Преспанскиот договор, ова обвинителство објавуваше истраги со цели имиња и презимиња, што не му беше вообичаена пракса.
Лазарова-Трајковска внимателно ѝ пријде на анализата за СЈО. Потсети дека СЈО беше формирано во специјални околности, кога јавното обвинителство не ја покажа сензитивноста за прашања од широк јавен интерес.
„Неспорно е дека тие донесоа нова форма на обраќање кон јавноста и енергијата ја црпеа од поддршката од јавноста, која беше желна да ја види правдата на дело. Токму затоа и секој изречен збор, секоја нивна постапка будно се следеше и се следи.“
Таа со истата внимателност од анализа, премина на критика.
„Обвинителите не можат да си дозволат да излегуваат, особено не во предистражна и истражна постапка, со цели имиња и презимиња на осомничени.“
„Обвинителот мора да се грижи за неговиот настап во јавните расправи и нема место за популистички изјави. Неговата улога е да правораздава, да шири правна култура.“
Ваквото кршење на пресумпцијата на невиност, вели таа, го поткопува во старт правичното судење.
„Тоа е солидна основа понатаму во постапката таквите предмети да бидат оспорувани од одбраната и пред националните судови и кога ќе дојде време пред Европскиот суд за човекови права.“
Поранешната судијка со искуство од Стразбур потенцира дека обвинителот е составен дел од општеството, дека тој слуша и внимава што се случува, по допрен глас покренува постапки, меѓутоа не смее да си дозволи да биде воден од политичките мигови во даден момент.
Ја прашавме и колку СЈО си го задржа и имиџот имајќи го предвид поведението на некои од обвинителите во судница, кои повеќе мислат како ќе бидат цитирани на порталите, отколку да го аргументираат своето обвинение.
„Препознавам на кои поведенија мислите, ги следевме тие искази и тоа е погрешен и недоличен пристап на обвинител. Тој мора да се грижи за неговиот настап во јавните расправи и нема место за популистички изјави. Неговата улога е да правораздава, да шири правна култура на начин да биде препознаено она што тој го застапува и од оние што не се правници.“