Ракопис

„Ленинова“

Раскази: Улиците што ги нема

 

nebeska-skopjanovna1

Баба Цветка цел живот живееше на „Ленинова“. Во почетокот со родителите и многу помалата сестра, потоа само со родителите, зашто многу помалата сестра, речиси дете, мораше итно да се омажи за постар човек од приградскa населба. По ненадејната смрт на мајка ѝ на која срцето ѝ препукна од љубовноста на малата и од нељубовноста на големата ќерка, а најмногу од себеобвинувањето дека ѝ го уништила животот на поголемата кога ја однела на логопед во Белград каде што ја научиле да вика р („Пред тоа, без р, ама си беше сосем нормална!“), живееше само со татко ѝ – тивко, сложно и праведно,.. сѐ додека не го прегази некој пијаница сред право пладне на нивната улица… Последните 20-тина години, живееше сама. Така се вели, иако станот во старите згради спроти познатите маалски кафулиња беше вистинско врталиште за нејзините недобројни пријатели.  x  Влези-излези и за мажи и за жени. Од секакви возрасти, со секакви страсти. Баба Цветка беше интересна, спастрена старица со долги нозе, смерни гради, убав профил и многу дух. Кога беше млада – една Цветанка на судијата Ѓорѓи беше! До што беше маж воздивнуваше по неа, а нејзе, кутрата, никој никогаш не ѝ влегуваше ни в око, ни в срце.

Сестра ѝ по мажачката доаѓаше ретко. Кога баба Цветка имаше 30-тина години, здружена со родителите, везден ѝ бараше маж. Како да мора да се има маж! Кога баба Цветка имаше 40-тина години, здружена со татко им, постојано ѝ повторуваше дека е крајно време да си најде каков било маж.

– Не сакам да најдам каков било маж! Сакам да најдам маж за бегање! Да го видам и да не ми се седи ни секунда овде каде што сум! – одговараше баба Цветка, тогаш веќе добродржечка тетка, и продолжуваше да си го тера животот по свое. Повеќе со пријатели, отколку со роднини. На 50-тина и на 60-тина години, дури и сестра ѝ престана да ѝ зборува за маж. Единствено баба Цветка не беше заборавила дека сѐ уште скришно копнее по својот маж за бегање.

Кога веќе беше престара и за своите пријатели, за пладневните кафиња и за вечерните седенки и прошетки во Градскиот парк, а камоли за љубов, баба Цветка си најдe маж за бегање. Пасионирана гледачка на телевизија во што се беше престорила последните години, таа го виде на екран Трајан Трајановски и не сакаше да седи ни секунда веќе каде што беше, на овој свет! Трајан беше совршен и имаше таман толку години колку што треба. Ем да види аир со него млада девојка, ем стара госпоѓа да не чувствува повеќе вина отколку што е неопходно. Некаде околу четириесет и пет, шест. Среќа што Трајан Трајановски беше јавна личност, па можеше често да го „фати“ на различни ТВ канали.

– Ова ти е маж за бегање на оној свет! Да легнеш покрај него во бел фустан и среќна да чекаш венчавка со смртта! – си велеше баба Цветка полугласно, не испуштајќи го далечинскиот од рацете, додека сините очиња ѝ светкаа како џамлии.

Набрзо баба Цветка толку многу се вљуби во нејзиниот совршен маж за бегање, што од тој миг веќе не можеше да изговори р. Како кога беше мала и, според зборовите на мајка ѝ покојната, „кога беше нормална“. Додека си зборуваше сама со себе, не можејќи да го извади од телото и од душата Т*ајан Т*ајановски, се чувствуваше како никогаш и да не била во Белград со мајка ѝ со воз, за време на зимскиот распуст една далечна зима брзо по Втората светска војна. Во Скопје немаше логопеди. Луѓето зборуваа кој како умееше. Ама нејзината мајка, угледната жена на судијата Ѓорѓи, не можеше да се помири со нештата какви што беа. Сѐ сакаше да биде како што треба. Две недели седеа во Белград, баба Цветка, тогаш десетгодишно девојче – во детската клиника на „Тиршова“, а мајка ѝ во блискиот хотел „Топлица“ од каде што секој ден по два-трипати одеше кај ќерка си. Се вратија во Скопје со истиот воз, по истите шини, на истиот студ,.. само со ново и нормално р. „Како сите други деца.“

leninova-skopje-prizma-birn_vintage_doris

Баба Цветка не можеше да помине ниту миг без својот одвај најден маж за бегање. Својот совршен Т*ајан. Набрзина ќе претрчаше до маркетчето по леб и јогурт, кога мораше и до пазарчето Буњаковец по малку зеленчук и овошје, особено по сирење од Мавровчаните без кое не можеше да си го замисли појадокот. А ни утринската програма на која нејзиниот Т*ајан често гостуваше. Одеше најбрзо колку што ѝ дозволуваа нозете. Далечинското си го носеше во пазарското платнено торбиче „I love Skopje“, скришно од сите, а најмногу од својот бистар ум. Зашто баба Цветка не беше сенилна и знаеше дека далечинското го носи со себе исклучиво од љубов!

Траеше таа љубов и не запираше месеци и месеци, година се стори. Баба Цветка чекаше некаков таен знак. Со своите најблиски пријатели имаа зборувано за такви знаци со децении. Длабоко веруваа дека за сѐ мора да се појави знак. Треба само да се знае да се забележи и да се протолкува.

2013 година го сменија името на „Ленинова“ во „Аминта III“. Сите скопјани се лутеа, зашто беа променети имиња на 32 познати улици во градот. Не се лутеше само баба Цветка, зашто таа во промената на името на улицата препозна таен знак. Со далечинскиот во платненото торбиче отиде во ГТЦ и си купи бел фустан. Го облече и седна спроти телевизорот. Кога и да е, тој ќе дојде, а таа е спремна. Се појави на ТВ Телма. Прекрасен! Како никогаш порано. Баба Цветка легна покрај телевизорот во белиот фустан, чекајќи ја својата венчавка со смртта. Не чекаше долго…

Сестра ѝ ja најде среќна и мртва по неколку дена. Телевизорот работеше, ама имаше само некаков снег на него. Го исклучи и повика и Полиција и Брза помош.

– Сестро, сестро! Требаше да си најдеш каков било маж! Тој ќе те најдеше сега пред телевизоров, а не јас! Вака, сѐ останува на мене, кутрата јас! – лелекаше бабичката од приградската населба, не знаејќи дека сестра ѝ е тукушто венчана со нејзиниот совршен маж за бегање. Нејзиниот Т*ајан.

„Ленинова“ не постои веќе три години. Исто толку ја нема ни баба Цветка, една Цветанка на судијата Ѓорѓи беше!

Рубриката Ракопис е скромен обид на Призма да им понуди на своите читатели можност за литературно бегство од баналностите на македонската реалност. Секоја сабота наизменично ви нудиме раскази и драми, мал артифициелен арт остров во океанот секојдневни проблеми.