„Кој го донесе Рио Тинто во Србија? Рио Тинто дојде во Србија привлечен од минералните потенцијали на нашата земја. Бев директно вклучен во тоа“, вели Ненад Грубин, геолог и долгогодишен директор во Рио Тинто, во едно интервју.
Од него навистина почнува приказната за истражувањето на литиумот во Србија. Овој 55-годишен експерт бил еден од четворицата геолози, кои официјално го открија „јадаритот“, литиум натриум боросиликат, во 2004 година, автентичен нов минерал што странските медиуми колоквијално го нарекоа „криптонит“ затоа што има слична хемиска формула како истоимената фиктивна супстанција од филмот „Враќањето на Супермен“.
Меѓутоа, Ненад Грубин, заедно со други колеги, почнал уште во 1990-тите да соработува со Рио Тинто, додека работел за Геолошко-рударскиот факултет, во време кога фирмата сѐ уште формално не работела во Србија. По падот на Слободан Милошевиќ и отворањето на српскиот пазар кон светот, Рио Тинто отвора фирми во Србија и во Босна и Херцеговина, а нивни директор станува Ненад Грубин.
Меѓутоа, тој не е единствениот Грубин со важна улога во истражувањето литиум во Србија. По откривањето на јадритот, и други странски компании пристигнуваат во Србија во потрага по скапоцениот минерал, а нивни деловен водич е постариот брат на Ненад, Јован Грубин.
Од 2010 година, 56-годишниот Јован почнува соработка со бројни странски компании. Бил директор во пет компании што истражувале литиум во Србија, а во една од нив бил и основач и сопственик.
И покрај тврдењата на активистите дека Рио Тинто, чиј проект наводно бил стопиран од српската влада, продолжува да истражува литиум преку други компании во Србија, нема докази за тоа. Меѓутоа, истражувањето на БИРН покажува дека во голем број други истражувачки проекти за литиум од 2010 година до денес учествувале или учествуваат бројни поранешни долгогодишни вработени во Рио Тинто, од кои некои беа директно ангажирани во проектот Јадар.
Според официјалните податоци, четири компании во Србија, во моментов имаат дозвола за истражување литиум или побарале од државата: Еуро Литиум Балкан, кој е во канадска сопственост, Арсена Инвестмент во австралиско сопствеништво, Балкан Истражувања, во сопственост на австралиска компанија на чие чело е поранешниот вработен во Рио Тинто Шон Мареј, и ГеоМин Про, единствената активна фирма во сопственост на српски државјанин.
Мирослав Мијатовиќ од Антикорупцискиот тим во Подриње, ПАКТ, смета дека не треба да се верува приказни дека проектот за ископ на литиум во долината на Јадар е навистина стопиран. Тој истакнува дека територијата на Србија, без разлика за кои компании станува збор, е генерално премала за толкав број рударски проекти, кои, според неговите зборови, се недвосмислено штетни за животната средина.
„Треба да се биде исклучително наивен за да се поверува во триковите на Вучиќ. На теренот гледаме сосема спротивен процес… Заради ситни имотни интереси се обидуваат да ја уништат Србија, затоа што на сите им стана јасно дека Србија е мала земја за вакви инвазивни рударски проекти какви што се тие за експлоатација на литиум, според познатите достапни технологии“, рече Мијатовиќ за БИРН.
„Бизнис и авантуристички дух“
Ненад Грубин бил 30-годишен асистент на Рударско-геолошкиот факултет во Белград, кога Рио Тинто во 1997 година испратиле писмо до неговата тогашна менторка, професорката Јелена Обрадовиќ, распрашувајќи се за минералните потенцијали на Србија. Следната година, геолозите на американската Боракс, фирма која е дел од Рио Тинто, ја посетија Србија.
„Заедно со гостите ги посетивме терените околу Ваљево, Горњи Милановац, Златибор, Алексинац и Рашка. Освен теренските обиколки, имавме состаноци на факултетот, посетувавме рудници во Србија, со цел да им дадеме слика за геологијата и рударството на нашите терени, како и на самата нашата земја“, изјави Грубин за БИРН.
Во 1999 година, Ненад Грубин со своето семејство замина во Канада, каде што официјално почнува да работи за Рио Тинто.
„Работев хонорарно, како „геолог по договор“ на неколку програми за геолошки истражувања, кои се однесуваат на наоѓалишта на неметални минерали во Онтарио, како и на проекти поврзани со геологијата на поранешна Југославија“, рече тој.
Во пролетта 2001 година, Рио Тинто ја регистрира својата филијала во Србија, меѓу првите странски компании што пристигнаа во земјава по соборувањето на Слободан Милошевиќ. За директор беше назначен токму Грубин, кој тогаш и формално го напушти Рударско-геолошкиот факултет и неговата академска кариера.
„Ги сакав наставата и науката, но ми проработе деловниот и истражувачки дух “, рече тој во едно интервју.
Сепак, интересот на Рио Тинто за минералното богатство на овие простори датира од раните 1990-ти, пред почетокот на војната во Југославија.
Експертите на оваа мултинационална компанија биле охрабрени од научната работа на српските експерти, вклучувајќи ја и професорката Обрадовиќ, за богатото наоѓалиште на борни минерали во басенот на Јарандол кај Рашка. Тоа наоѓалиште е откриено во текот на 1980-тите од експерти од Државниот геолошки завод, во рамките на деталните истражувања за потребите на државната фирма „Ибарски рудници“.
Првиот географски информациски систем на податоци за потенцијалните области за истражување на рудното богатство е направен на почетокот на 1998 година. По совет на професорката Обрадовиќ, Рио Тинто пролетта истата година за првпат го посети басенот Јадар, а потоа го стави на листата на приоритети за понатамошни истражувања.
Зоран Стевановиќ, професор во пензија на Рударско-геолошкиот факултет и претседател Геолошкото друштво на Србија (2012-2016), за БИРН изјави дека кризата на државата, која престанала да финансира геолошки истражувања и систематски да се занимава со нив од јавен интерес, ги турна српските експерти во приватниот сектор.
„Кога се појавија странските инвеститори, таму засолниште најдоа голем број наши геолози. Со себе го однесоа и своето знаење и одредени карти и податоци. Кога државата не се грижеше за нив, логично е дека своето парче леб го побараа во приватниот сектор“, изјави Стевановиќ за БИРН.
На прашањето дали е нарушен принципот на пазарна еднаквост со тоа што експерти од државните институции, додека работеле за истите тие институции, споделувале информации со поединечни приватни компании, Стевановиќ вели дека тоа „има смисла“, но дека е поважно дали тоа се прави во интерес и под контрола на државата.
„Тенка е линијата меѓу едното и другото. Ние, како држава треба да донесеме одлуки за тоа дали се создадени предуслови за да се експлоатира кој било минерал, како и колку државата ќе профитира од тоа, а не да ги подарува своите ресурси на странски инвеститори“, рече тој.
Рио Тинто ја доби својата прва дозвола за истражување во долината на Јадар во 2004 година и набргу дојде до историско откритие – минералот јадарит.
„Кога по добивањето на одобрението за истражување во првото дупчење во јадарскиот басен најдовме борни минерали, тоа за нас беше феноменална вест“, изјави Грубин за БИРН, нагласувајќи дека Рио Тинто во тоа време првенствено барала борати и дека во почетните години, присуството на литиум не се сметало за многу важна појава.
„Фокусот на компанијата беше на боратите, а самиот литиум не беше предмет на голема побарувачка на светскиот пазар“, објаснува менаџерот на Рио Тинто, кој извесно време како вработен во таа компанија беше на чело на Комитетот за рударство на Советот на странски инвеститори.
Три години подоцна, јадаритот стана дел од богатата минерална збирка на Природо-научниот музеј во Лондон, предизвикувајќи големо меѓународно внимание поради неговата сличност со „криптонитот“. Таа 2007 година во светот се зема како пресвртница, по која почнува трката за литиум, а Србија станува важна точка на мапата на рударските компании.
Братот и соработката со поранешни експерти од Рио Тинто
Ненад не е единствениот Грубин во бизнисот со литиум. Неговиот брат Јован, една година постар од него, во последните 12 години е исклучително активен кога станува збор за управување со стартап-проекти за истражување на литиум/бор во Србија. Бил директор во пет фирми, кои биле или сѐ уште се заинтересирани за експлоатација на литиум во Србија.
Првата позната деловна операција почна во 2010 година, кога постариот Грубин стана директор на две новоформирани рударски компании: „Литиум Ли Експлорејшн“, која имаше филијала во Босна и Херцеговина, и „Литиум Ли Балкан“. Три години подоцна, првата беше инкорпорирана во втората, а сопственик остана канадската компанија „Литиум Холдингс Инк“, во сопственост на Питер Палковски.
Грубин, во изјава за БИРН, вели дека роднинската врска со геологот што го открил јадаритот и работел долги години за Рио Тинто нема никаква врска со неговиот влез во бизнисот со литиум.
„Ние сме браќа, но нашите ќесиња не се сестри“, нагласи тој за БИРН.
„Во светот одекна тоа што во Србија е откриен криптонит, бидејќи таа формула беше коинциденција. И тоа беше знак за инвеститорите дека тоа може да се најде и на други места во Србија, а поттик даде и глобалниот раст на побарувачката за литиум“, објаснува Јован Грубин.
Кога го прашавме со што се занимавал претходно, тој накратко одговара: „Не е важно, се занимавав со приватна работа“.
Во „Литиум Ли Балкан“ беа ангажирани и поранешни експерти од Рио Тинто: Џон Рејнолдс, Дејан Јовановиќ и Боб Кели, еден од геолозите што го откриле јадаритот.
Оваа компанија не влезе сама во проектот за истражување на литиумот во Србија и во Босна и Херцеговина, туку во партнерство со друга компанија со седиште во Ванкувер, Пан Глобал Рисорсис Инк., во која високи позиции имаа уште тројца поранешни вработени во Рио Тинто: тогашниот претседател на компанијата, Џулијан Бавин, кој работеше во Рио Тинто до 2010 година, како и директорите Вилијам Пенел и Роберт Вилијам Бакстер. Бавин и Пенел беа вклучени во проектот Јадар.
На прашањето зошто има толку многу поранешни вработени од Рио Тинто во овој бизнис, Грубин рече дека тие бараат стручни луѓе со искуство.
„Кога сакате да ги вработите вистинските луѓе што имаат искуство, тогаш барате такви луѓе. Таму беа луѓето што биле во пензија или имале искуство со истражување литиум во светот. Тука нема ништо необично“, рече тој.
Сепак, овој бизнис пропадна, а компанијата беше затворена во 2018 година.
Јован Грубин веќе во 2015 година основал друга компанија, ГеоМин Консалтинг доо, која во 2018 година во целост му ја продал токму на Питер Палковски по што останал на директорската позиција. Следната година, компанијата е преименувана во Еуро Литиум Балкан, како што се нарекува и денес, а Грубин поднел оставка како директор.
Компанијата во моментов има две активни лиценци за истражување литиум: една во областа на ваљевско-мионичкиот басен и уште еден во подрачјето Ваљево-север.
Активистите за заштита на животната средина го критикуваа Евро Литиум Балкан поради наводно нестручно затворање истражни бунари и загадување на земјиштето и на водата за пиење во селата во регионот на Ваљево. Компанијата го негираше тоа.
Американец со српско државјанство и инвестициски фондови
Јован Грубин бил директор и во две неодамна формирани рударски компании: Асенa инвестмент, која е формирана во 2020 година и Еделвајс минерална експлорација, која е регистрирана една година подоцна.
Првичниот сопственик на двете беше 30-годишниот Американец Рохан Патнаик, директно или преку компанијата Ропа Инвестментс од Гибралтар, позната офшор-дестинација.
Сепак, во јануари оваа година, Патнаик ja продаде Асенa на австралиската компанија Волт Рисорсис Лтд, заедно со три лиценци за истражување литиум во Србија на локациите Јадар Север, Петловача и Љиг, кои српското Министерство за рударство и енергетика допрва треба да ги одобри. Во случај да добие зелено светло, Асена Инвестмент и Рио Тинто стопроцентно ќе го покријат Јадарскиот басен, се образложува во официјалното соопштение на австралиската компанија, а Рохан Патнаик за возврат ќе добие 36 милиони акции во Волт Рисорсис.
Австралиската компанија очекува првата фаза од дупчењето да почне во третиот квартал од оваа година.
Патнаик сè уште е сопственик на Еделвајс минерални истражувања, во која директор е Јован Грубин. Компанијата поднела барање за истражување на литиум и бор во април 2021 година, но таа работа, очигледно, е продадена на Волт заедно со Асена. Тоа го потврди Грубин во изјава за БИРН, нагласувајќи дека компанијата повеќе не е заинтересирана за литиум: „Таа компанија работи нешто друго. Добиено е едно истражно право, во прашање е друга минерална суровина“.
Рохан Патнаик до неодамна беше сопственик на две компании во Босна и Херцеговина – Динарик Металс и Родон д.о.о – а Јован Грубин беше директор и во двете.
Американскиот бизнисмен доби и српско државјанство во февруари 2021 година. Одлуката ја потпиша премиерката Ана Брнабиќ, врз основа на процена дека тоа било „во интерес на Република Србија“. БИРН постави прашање до српската влада за каков интерес станува збор, и на предлог на кое министерство е донесена таа одлука, но одговор не добивме.
Ниту Патнаик не одговори на прашањата на БИРН.
„Балкан Истражувања“ со најмногу дозволи
Дозволи за истражување на литиум во Србија има и „Балкан Истражувања“, компанија основана во 2016 година, а моментално е во крајна сопственост на австралиската компанија „Јадар литиум“.
„Балкан Истражувања“ има дури пет дозволи за истражување на литиум и бор низ Србија, на подрачјата на Рековац, Урсула, Шиоковац, Прањан, Добриња и Јанок. Компанијата наведува дека Србија во моментов е единствениот познат извор на јадарит, новиот литиум-борски минерал, како и дека тој се наоѓа на стратешки важно место за европските производители, бидејќи е на само девет часа возење од „индустриското срце на Германија“.
Заработка од потенцијалната експлоатација нема да има само Јадар Литиу, бидејќи оваа компанија своите проекти на Балканот ги подведе под подружницата „Балкан Мајнинг енд Минералс“, а нејзините акции котираат на австралиската берза. По продажбата на акциите, Јадар Литиум задржа 22 отсто од учеството во капиталот од балканскиот проект, исто како и Сендфаер Рисорсис, уште една австралиска компанија, додека шест отсто имаат корпоративни советници, а 50 отсто од акциите се на различни инвеститори.
Еден од водечките луѓе во компанијата е и Шон Мареј, поранешен заменик извршен директор на компанијата Рио Тинто Боракс, додека меѓу водечките геолози до неодамна беше Дејан Јовановиќ, исто така поранешен вработен во Рио Тинто и еден од водечките српски експерти што беа ангажирани во компанијата Литиум Ли Рисрч – заедно со Јован Грубин и Питер Палковски.
На местото на Јовановиќ дојде Милош Бошњаковиќ, адвокат роден во Тузла со долгогодишно искуство со инвестиции во рударството. По војната, Бошњаковиќ заминал во Нов Зеланд и во Австралија, каде што ја почнал кариерата во рударството, основајќи и работејќи за голем број компании или инвестициски фондови. Преку различни фирми, Бошњаковиќ во последниве години почна бројни рударски проекти во соседна Босна и Херцеговина, истражувајќи олово, цинк, злато, никел и бакар. Некои од тие проекти, исто така, наидоа на жестоки протести од локалното население или, пак, на обвинувања за корупција.
Литиумскиот проект во Србија, исто така, наиде на отпор и кај локалното население, за што сведочи протестот од април минатата година кога, според извештаите на медиумите, илјадници луѓе протестираа во селото Горња Добриња кај Пожега.
БИРН испрати прашања до компанијата за нивните планови во Србија, но одговор не добивме до објавувањето на текстот.
Смедеревската компанија ГеоМинПро, основана во 2019 година, е единствената компанија во српска сопственост со лиценца за истражување литиум во Србија. Нејзиниот сопственик, геологот Ненад Ракиќ, меѓу другото, е поранешен соработник на компанијата Литиум Ли Експлорејшн, каде што работел со Јован Грубин и со Питер Палковски.
Ракиќ е и поранешен вработен во Државниот завод за геолошки истражувања, а соработувал и со бројни странски компании на истражување разни руди во Србија, а не само литиум. Во изјава за БИРН, тој вели дека сѐ уште е неизвесно дали во одреден момент ќе ја продаде лиценцата за истражување литиум на некој „поголем играч“.
„Помалите компании во геологијата функционираат така што ќе најдат нешто и потоа ќе го продадат на други компании што се посилни од нив. Сето тоа е сериозен ризик. Во принцип, на ниво на целиот свет, само една од седум компании наоѓа нешто на локацијата“, објаснува Ракиќ.
Тој истакнува и дека критиките кон експертите од јавноста се „нефер“, наведувајќи дека политичарите се одговорни, бидејќи тие ја создале законската рамка.
„Тој што ја водеше државата и што требаше да носи закони, требаше да го контролира и нивното спроведување. Од друга страна, не можете да влезете во либерален капитализам без да донесете закони во согласност со него. Јас сум прв од тие што не го сакаат, но тоа е тоа“, вели Ракиќ.
Како пример за стратешка грешка на државата, тој го наведува Геозаводот, за кој тврди дека можел да биде водечка компанија од ваков вид во Југоисточна Европа.
„Геозаводот денес не може да прави детални истражувања, туку само општи истражувања што им претходат на деталните. Со самото тоа, државата му ги отсекла крилата на Геозаводот, а можеше да биде водечка компанија“.
Светската треска за литиум неминовно ја стави Србија на мапата на рударските компании, но и во мрежата на интересите на моќните држави, за што БИРН веќе пишуваше. Пензионираниот професор Зоран Стевановиќ истакнува дека за времето што го поминал на чело на Српското геолошко друштво и во бројни државни работни групи видел како „лоби групите се обидуваат да влијаат врз српското законодавство“.
„Тогаш имав можност да видам колкав интерес имаат овие странски инвеститори и да сфатам како некои работи се распродаваат однапред. Сето тоа кулминираше со она што го имаме денес, и тоа е огромен број дозволи за истражувања во рударството“, истакнува Стевановиќ.
Тој особено ја нагласува 2015 година, кога се измени Законот за рударство и геолошки истражувања, во кој, меѓу другото, за првпат воведе дека државата, во корист на носителот истражување, односно на експлоатацијата, може да врши и експропријација на имот на приватни лица. Со таа измена на законот, литиумот се стави на листата на минерални суровини од стратешко значење за државата.
„Јас за тоа имам записи. Во тој закон се втурнати членови копирани од најлибералните правилници на земји, како Конго и Монголија, во кои инвеститорите што добиваат истражно право практично автоматски им се обезбедува експлоатација“, нагласува Стевановиќ.