Истражувањa

Незабележано и неказнетo: Економското насилство на Балканот

Последиците од економското насилство врз жените на Балканот се далекусежни

Адина го споредува начинот на кој добива пари од сопругот со хранење на лажичка

„Секој пат треба да објаснам зошто ми треба тоа што го купив… Понекогаш буквално морам да го молам за да ми даде пари“, вели таа.

Адина (која вака ја нарековме затоа што побара да не ја идентификуваме со вистинското име), останала бремена во 2014 година, како студентка на универзитет во Босна и Херцеговина. Се омажила и се откажала од студирањето. Сега, вели таа, не е ни сигурна каква работа би можела да работи. Се обидела да направи нешто ситно од дома, преку интернет, но нејзиниот сопруг се спротивставил, обвинувајќи ја дека поминува премногу време на интернет и комуницира со „странци“.

Во меѓувреме, сопругот на Адина држи строга контрола врз семејниот буџет.

„И често, кога се караме, една недела ништо не ми дава, а јас не можам да си дозволам да купам храна и основни средства за хигиена. Понекогаш морам да позајмам од сосетката за да купам влошки“.

А нејзиното семејство? Тие знаат. Секако дека знаат. Велат „Молчи и трпи, тој е твој човек“. Велат дека сама го избрав; барем не ме тепа… Мајка ми поминала низ истото“.

Можеби звучи екстремно, но ситуацијата на Адина не е невообичаена на Балканот, каде што економското насилство премногу често останува незабележано во претежно патријархалните општества, каде што жените трошат двојно повеќе време на неплатена работа од мажите и сочинуваат непропорционално поголем дел од невработеното население.

Во едно истражување, во кое биле опфатени 680 жени од Србија и од БиХ, 101 жена изјавила дека се расправала со партнерот поради пари. Според нивните одговори, главен повод бил недостигот од пари, обвинувањата од мажот дека жената троши премногу, како и непочитувањето на домашните работи што ги работи жената.

Повеќе од 10 отсто од жените изјавиле дека трошат помалку од 20 евра месечно за свои лични потреби. Половина од нив се вработени. Над 30 отсто рекле дека трошат помалку од 50 евра месечно за себе.

Сепак, близу 56 отсто одговориле дека не знаат дека економското насилство е казниво со закон во двете земји, и покрај тоа што речиси нема регистрирани случаи.

„Проблемот е што многу често нема експлицитни забрани и закани. На почетокот на врската, тоа може да се завитка во идејата за љубов, заедништво и грижа, а подоцна да се покаже во вистинското светло, кога жената нема да може да направи ништо без дозвола на партнерот“, истакнува социологот Јелена Ризниќ, член на Мрежата за солидарност на жените од Србија.

„Почнува од обични работи, како што ќе купи за дома, а што за себе и слично, и се развива до ситуации кога жената не може да ја напушти врската затоа што технички не поседува ништо и не може да живее сама бидејќи финансиски е зависна од мажот“.

Принудени да веруваат дека се „неспособни за работа“

Јелена Ризниќ | Фото: лична архива

Економското насилство се манифестира на три начини, вели Медина Мујиќ од феминистичко-активистичката фондација „CURE“ од БиХ.

Првиот е кога жената е финансиски зависна од сопругот, „што значи дека нема сопствени приходи и дека зависи од партнерот за каква било материјална потреба или желба“.

Второ, жената може да се вработи и да придонесува во буџетот на домаќинството, но во обем што ќе го определи мажот, за „жената да нема целосна контрола врз своите пари“.

И трето, кога машкиот партнер ја „саботира“ работата на жената, „кога постојано доаѓа на нејзиното работно место, ја вознемирува со телефонски повици, а често во таквите ситуации и ги вознемирува и колегите и соработниците со закани, предизвикувајќи ѝ проблеми“.

Таквото однесување е „многу присутно“ во регионот, вели Јасмина Буљиќ, психолог од Фондацијата за локална демократија, која води безбедна куќа во Сараево.

Тоа „ја става жената во зависна положба, во која таа верува дека е неспособна за работа, верува во она во што сторителот ја тера да верува“, рече Буљиќ за БИРН.

Според последните официјални податоци, жените сочинуваат повеќе од 55 отсто од невработените во Србија; а во БиХ речиси 58 отсто од тие што бараат работа се жени.

Жените, за разлика од мажите, трошат двојно повеќе време на неплатена работа, што изнесува близу 15 отсто од националните економски перформанси на Србија, или 6,37 милијарди евра. За многумина, домашната работа е втора смена.

Тој го прави тоа за да биде супериорен

Јасмина Буљиќ | Фото: лична архива

Марија (која, исто така, побара да не биде идентификувана со нејзиното вистинско име) е професорка по англиски јазик, работи хонорарно, и која одржува часови преку интернет. Нејзиниот партнер е адвокат. Таа не знае колку заработува тој, додека тој има речиси целосна контрола врз нејзината заработка.

„Почна спонтано“, вели таа. „Искрено, се изнервирав кога првпат ми зеде половина од платата, а кога реков дека нема да ми биде доволно до следната плата, ми рече – ќе се снајдеш. Тогаш навистина почна да ми пречи. И ми пречи што не сме еднакви“.

„Штом ја добив првата голема исплата, тој ми рече дека имаме некои долгови да платиме“.

Марија, една од испитаниците на БИРН, го опиша однесувањето на нејзиниот партнер како форма на психичко насилство.

„Имам чувство дека го прави тоа за да биде супериорен… Да измислува трошоци само за да немам пари. Мислам дека не е среќен за мене затоа што успеав и затоа што заработувам повеќе пари од него… Мислам дека е исплашен и тоа е форма на манипулација“.

Мујиќ истакнува дека тоа не е невообичаено. „Самото управување со финансиите дава чувство на супериорност и задоволство“.

Нада Падејски, раководителка на Домот за безбедни жени во Сремска Каменица, во северна Србија, вели дека родовото насилство, вклучително и економското насилство, е често вкоренето во желбата на насилникот да ја „изолира жртвата и да има целосна доминација, моќ и контрола врз нејзиното однесување и живот“.

Сепак, често економското насилство останува непрепознаено.

„Врз основа на моето петнаесетгодишно искуство, доколку ги прашаме жртвите и сторителите, верувам дека жртвите нема да препознаат дека тоа што им се случува е економско насилство и дефинитивно не би го нарекле така, но ќе признаат дека нивните права се загрозени“, рече Падејски. „Жената секогаш знае кога некој е насилен кон неа… Насилникот дефинитивно би негирал дека е насилен, дури и ако го препознае тоа. Би релативизирал што претставува економското насилство“.

Наследени општествени норми и психолошко влијание

Медина Мујиќ | Фото: лична архива

Патријархалните норми на Балканот се длабоко вкоренети и често се пропагираат со изјавите и со политиките што ги водат политичките лидери.

„Кога жените станаа финансиски независни, почнаа да заработуваат пари и да бидат активни во јавниот живот, дојде до нерамнотежа во која општеството го загуби вообичаениот модел на однесување“, нагласува Мујиќ.

„Тоа беа нормите на однесување што ги наследуваме од генерација на генерација, од нашите родители, баби и дедовци…“.

„Живееме според патријархални норми. Живееме во општество што е нееднакво, во машко општество“.

Ова води до тоа многу жени да останат во насилна врска, не само заради финансиски причини, туку и затоа што тоа го гледаат како своја улога во општеството.

„Тие ја прифаќаат својата улога во општеството, сметајќи дека нивните улоги како сопруги и мајки бараат таква жртва“, рече Мујиќ за БИРН.

„Културниот аспект во кој живееме, многу влијае врз тоа жените да останат во насилна врска, бидејќи тоа е резултат од патријархалното покровителство, каде што учиме да трпиме и да толерираме насилство, а да не зборуваме за тоа“.

Последиците може да бидат драматични, вели Буљиќ.

„Жените ја губат самодовербата, се чувствуваат неспособни за работа. Тие не ги ценат работите што ги прават во своето домаќинство – воспитување деца, грижа за домот – кои се огромни. Тие не го ценат тоа затоа што некој постојано им кажува дека не се способни“.

Со тоа се согласува и Ризниќ, кој нагласува дека економското насилство може да му наштети на менталното здравје на жената.

„Идејата дека треба да побарате дозвола за да купите хигиенски влошки или лекови што ви се потребни – сето тоа се форми на економско насилство“, рече Ризниќ. „Економско насилство е и кога жената нема можност да ги контролира сопствените или заедничките финансии или кога не може да учествува во распределбата на финансиите. Тоа е понижувачко и влијае врз менталното здравје на една личност“.

Падејски за БИРН изјави: „На долг рок, таа почнува да верува дека не може да заработи пари, дека никој нема да ја вработи, дека е неспособна да работи и дека е целосно зависна од својот насилен партнер. Тоа е целта на насилникот, да има целосна моќ врз жртвата и да управува со нејзиниот живот. Тоа доведува до чувство на беспомошност, недостиг од перспектива и развој на одредени симптоми на депресија, анксиозност и ниска самодоверба“.

Широко распространето економско насилство, „спорадични“ поплаки

Од 680 испитанички, 380 не знаеле дека економското насилство е казниво со закон

Економското насилство е признаено со закон и во БиХ и во Србија.

Сепак, според портпаролката на Основниот суд во Нови Сад, Свјетлана Радовановиќ, откако во Србија стапи во сила Законот против семејно насилство во 2017 година, судот регистрирал само два директни случаи поврзани со економско насилство.

Обвинителите го отфрлија првиот, додека вториот е во тек. БИРН контактираше и со Министерството за правда, но не добивме одговор.

„Овој вид насилство многу ретко се јавува како самостоен случај на семејно насилство, но е присутен заедно со другите форми на злоупотреба“, посочува Радовановиќ. „Тоа најчесто се случува со физичко и со психичко насилство“, додаде таа.

Проблемот е да се најдат докази, вели Радовановиќ за БИРН.

„Нашиот судски систем можеби нема искуство со такви случаи, така што не можам да кажам дали имавме одредени видови докази што укажуваат како да се препознае економската форма на насилство. Претпоставувам дека како еден од доказите ја имате неговата одбрана и сведочењето на оштетениот. Останува на судијата да одлучи кому ќе му верува“.

Недељко Јуркиќ од Центарот за социјална работа во Тузла, БиХ, вели дека, иако економското насилство е широко распространето, формалните жалби се „спорадични“.

„Годишно, можеби имаме десетина пријави, можеби и помалку“, изјави тој за БИРН.

Арбен Муртезиќ, директор на Центарот за едукација на судии и обвинители во Федерацијата БиХ, посочува дека законот треба да оди подалеку во дефинирањето на економското насилство.

„Колку што знам, немаме пресуди за економско насилство“, рече Муртезиќ за БИРН. „Овој вид насилство, според моите сознанија, се случува заедно со други форми на насилство… Дури и во овие пресуди, видов, нема конкретно споменување економско насилство.

„Многу е тешко да се изолира економското насилство. Не сум сигурен, каде што нема други форми, како би изгледал хипотетичкиот случај на економско насилство… Мислам дека е важно да се знае повеќе за тоа. Токму затоа што не знаеме, мора да научиме“.

Ризниќ смета дека од витално значење е оваа појава подобро да се препознае за да можат властите да ѝ помогнат на жртвата „да застане на нозе“.

„Се разбира, треба да пријавите насилство, но што е следно? Ова е вистинското прашање со кое се соочуваат жените кога конечно ќе заминат и нема каде да одат“, рече таа и додаде: „Многу често не можат да живеат нормално и достоинствено од платата што ја имаат“.

Падејски предлага користење „куќа на половина пат“, изнајмен, субвенциониран стан што жртвата би можела да го користи откако ќе ја напушти сигурната куќа. Потоа, тука е прашањето за имотните права и компензацијата.

Жената, откако доживеала насилство, а која цел живот го поминала работејќи, градејќи куќа или стан и семеен живот, треба да се поддржи да покрене имотна постапка и да го земе имотот што ѝ припаѓа со закон“, објаснува Падејски.

„Жртвите на семејно насилство ретко го прават тоа. Тие обично бегаат и ги иницираат само оние постапки што мора да ги направат“.

Владите испраќаат „опасни“ пораки

Колку пари жените трошат на лични потреби месечно

Експертите укажуваат на вниманието, односно на недостигот од  внимание што политичарите го посветуваат на прашањето за економското насилство во регион каде што владите се многу попреокупирани со запирање на падот на наталитетот.

Во своето обраќање пред Собранието во јуни 2021 година, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, рече: „Не знам колку треба да платиме за некој да има дете. Ако треба да го направиме тоа, ќе го направиме“.

Вучиќ дури им вети олеснување на студентките што ќе останат бремени и што ќе го задржат детето, во смисла дека за нив нема да важат вообичаените рокови за испити.

Ризниќ смета дека ваквите пораки се „опасни“.

„Тие создаваат плодна почва за жените повторно да зависат од мажите“, рече таа. „Кога се финансиски зависни, тоа отвора простор за многу злоупотреби во односите, а и на државно ниво во однос на нивните активности на пазарот на трудот.

„Каде всушност можат да работат жените ако го напуштат училиштето поради децата? Тоа е официјална порака, идеален модел на однесување. Тоа е претставено како нешто одлично за жените, но во суштина е опасно“.

„Жените не се мобилни инкубатори за да „исфрлаат“ деца на секои десет месеци. Тоа е нешто што треба да се запре овде и сега затоа што со него се репродуцира целиот систем на експлоатација, во кој децата стануваат нови генерации на евтина работна сила, а жените се исклучени од пазарот на трудот“.

Тој систем веќе ја изневери Ивана (ова не е нејзиното вистинско име), исто така учесничка во истражувањето на БИРН.

По 17 години во насилна врска, Ивана го остави сопругот откако тој ја избоде 11 пати во 2016 година. Таа остана со него, меѓу другото, и поради финансиската зависност, изјави за БИРН.

„Затоа страдав со години, затоа што немав каде да одам… Немав поддршка, затоа и страдав, до…“.

Од нападот тешко е повредена десната рака на Ивана и таа има ограничена работна способност. Денес живее под кирија со возрасната ќерка, но вели дека во истата населба има три државни „социјални станови“, кои се празни.

„Не знам како живеам во моментов“, изјави Ивана за БИРН. „Неодамна добив 8.000 динари (69 евра) социјална помош. Со тоа треба да платиме за стан, облека, храна, даноци и сѐ друго“.

Таа не добила ништо од нејзиниот поранешен партнер бидејќи не поднела барање за поделба на имотот во рок од една година од разводот. Таа вели дека никој не ѝ кажал за рокот.

Ивана посочува дека не им верува многу на социјалните служби, не откако старателството врз нејзиниот син го доби поранешниот партнер поради финансиите. Постапката почна во 2020 година.

„Ако не можете да си дозволите да ги издржувате (децата), тие можат да ги одведат“.

Драгана Прица Ковачевиќ и Вања Нешковиќ

Половина од жените што трошат помалку од 20 евра месечно за себе се вработени