Истражувањa

Лоши прогнози за шумите во Малешевијата

Цела деценија ќе биде потребна за пошумување

Нема оган, но мириса на чад! Од патот се гледаат само црнила под облаците, малку подлабоко во шумата – јагленосани стебла. Два месеца по пожарот во пијанечко-малешевскиот регион, сликата наликува на кутија од цигари, на која стојат оштетени бели дробови.

Шеесетина дена по гаснењето на големите пожари, „Национални шуми“ имаат податоци. Според нив е направена штета од речиси 5 илјади хектари, што одговара на  површина приближна како на пример скопската Општина Бутел.

Визуализација: БИРН

Во првите осум месеци од годината, на територијата на Македонија имало вкупно 166 пожари, од кои 81 пожар биле само во пијанечко- малешевскиот регион. Од јануари до август, низ целата држава е изгорена површина како половина Скопје, околу 10.000 хектари, а половина од таа површина била пеплосана само за неколку дена во малешевскиот крај.

Колку за споредба, годишно, „Национални шуми“ заедно со приватни шуми, произведуваат околу 800 илјади кубни метри дрвна маса на целата територија на државата, а во пожарот во август, во Малешевијата изгореа над 400 илјади кубни метри дрвна маса.

Цела деценија за пошумување

Законскиот рок од две години е премногу кус за да се надомести целата изгорена површина | Фото: БИРН

На 19 август, на својот фејсбук-профил, премиерот Зоран Заев во статус напиша: „Комисиите за проценка на штети се на терен, ги очекуваме извештаите, народот ја има државата, сите ќе бидат обесштетени. Есенва следува масовно пошумување насекаде.“

На 3 октомври, Заев, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Аријанит Хоџа, и директорката на „Национални шуми“, Јулијана Николовска, пошумуваа во атарот на селото Теново, Општина Брвеница. Тогаш премиерот рече дека есенската и пролетната сезона ќе се искористат за пошумување на најголемиот дел од опожарените делови на земјата.

Но, во пијанечко-малешевскиот регион се далеку од овој процес. Таму, тројца инспектори тукушто извршија увид кои дрвја треба да се исечат. Следно е да се расчисти целиот терен, па потоа да се почне со процесот на пошумување.

Според Законот за шуми, член 22, стои дека пошумувањето мора да се изврши во рок од две години по настанувањето на пожарот. Но, од „Национални шуми“ велат дека законскиот рок од две години е премногу кус за да се надомести целата изгорена површина.

Нема податоци дали има изгорено диви животни во големите пожари | Фото: БИРН

Директорката на одделот за пошумување, Марија Басова вели дека ќе направат промени во процесот. Наместо само домашни, во овој случај, во тимот на експерти сака да вклучи и странци. Тоа ќе одземе дополнително време, но Басова се надева оти ќе се направи побезбедна стратегија за во иднина.

Професорот на факултетот за шумарски науки, Никола Николов смета дека за пошумување на овој крај ќе биде потребна цела деценија.

„Секое пролонгирање на санација на пожариштето значи речиси сигурен развој на растителни болести и штетници, првенствено инсекти. “

Николов укажува на примерот со локалитетот Абланица во близина на Беровско Езеро, каде што со децении трае процесот на развивање штетници, како последица на шумскиот пожар во 1990-тите.

Што се` изгубивме во пожарот

Професорот Николов вели дека пролонгирањето на санацијата на пожариштето значи речиси сигурен развој на растителни болести и штетници | Фото: БИРН

Во големите летни пожари не изгоре само шума. Според податоците на Министерството за земјоделство, во Пехчево изгореле 400, во Делчево 500, во Берово 150 и во Кочани 400 хектари пасишта. Само во Пехчево се опожарени околу 1.000 стебла на модра слива. Пет проценти од вкупниот број пчелни семејства во овој регион се, исто така, изгорени.

Бојчовски на карта ја покажува целата опожарена површина во Пијанечко-малешевскиот регион | Фото: БИРН

Шумарскиот инженер Борче Бојчовски вели дека со големиот оган, стотина семејства од овој регион останаа без основната егзистенција.

„Тие се собирачи на разни шумски плодови – печурки, шумски капини, шумски малини, боровинки, дренки, модра смрека, мов и многу други, развиваат туризам, лов. Сега тоа за одреден подолг временски период е уништено трајно, приходите од тие активности се изгубени, со што директно е загрозена и самата егзистенција на многу семејства, посебно од селските населби“.

Бојчевски вели дека изгорената шума, директно и индиректно, ги менува и сточарството и земјоделството, а нарушува и илјадници други функции што носат нова реалност во Малешевијата.

Кој ни ја гори шумата

Овој регион не бил со висок ризик на шумски пожари | Фото: БИРН

Во официјалните извештаи на „Национални шуми“ стои дека огнот во пијанечко-малешевскиот регион е причинет од човечки фактор. Засега конкретен виновник сѐ уште нема.

Професорот Николов вели дека историски гледано, овој регион не бил со висок ризик на шумски пожари, но во последните три децении ситуацијата се менува. Тој упатува на неколку фактори.

„Со процесот на миграција село-град, драстично се намалува бројот на руралното население, што резултира со напуштање на обработливите земјоделски површини, но и со намалување на сточниот фонд и испашата на пасиштата. Како последица на тоа има процес на „зашумување и затревување“ на напуштените површини, односно натрупување на лесно запалив горлив материјал“.

На ова се надоврзува и богатството на овој регион со природни и вештачки подигнати борови шуми, кои се исклучително лесно запаливи и кај кои пожарите често се развиваат во најекстремната форма на пожари, т.н. „комбинирани пожари“, вели Николов, а во такви услови пламените јазици одат и до 50 метри во височина.

При превенцијата и гаснењето, вели тој, важна е и старосната граница на населението што живее во овој регион.

„Сепак, како еден од најважните фактори е променетата клима. Долгите и сушни периоди и зголемените температури на воздухот се „бензин“ за нашите шуми“, вели професорот.

Лошото допрва следува

Таму каде што асфалтот е близу до дрвја се вози како по макадам | Фото: БИРН

По гаснењето на пожарот сѐ почести се изјавите дека во соголениот регион има опасност од поплави.

При посетата на БИРН на овој регион, воочливо беше дека првиот слој меѓу изгорената шума е измиен и на некои места веќе има нови наноси на земја. Таму каде што асфалтот е близу до дрвја се вози како по макадам.

„Со изгорената шума, изгубена е функцијата на регулирање на режимот на водите, регулирање на режимот на ерозивните наноси, што ќе резултира во појава на поплавни бранови од вода и ерозија“ , вели Бојчовски.

Есенските дождови не се повеќе благодат за Малешевијата.

„Тоа директно се заканува на сообраќајната инфраструктура, на земјоделското земјиште во најниските делови на сливните подрачја, полнење и затрупување на речните корита со стерилен нанос, што директно влијае врз излевањето на водата од коритата на реките“,

За Бојчовски – лошото допрва ќе следува.