Истражувањa

Луѓето кои криумчареле оружје за ОВК, бараат статус на политички затвореници

Луѓето кои завршиле во затвор, затоа што за време на СФРЈ криумчареле оружје за за УЧК денес се незадоволни, бидејќи не се нашле на списокот на поранешни политички затвореници

Но, полицијата ги запрела и ги уапсила тогаш 25-годишниот Атом Красниќи и неговиот постар брат. Три месеци подоцна, судот во Скопје ги осудил на три и пол години затвор.

Во 2015 година, Красниќи поднел барање за добивање на статус политички затвореник, во рамките на програмата за исплата на отштета на Владата на Косово, наменета за оние кои поради политички обвиненија поминале повеќе од два месеци во затвор, во периодот помеѓу 1913 и 1999 година.

Красниќи посочува дека во затворот бил малтретиран, па дека дури и се обиделе да го убијат.

„Сите на Косово знаат за мојот случај и нема потреба од други докази. Оружјето (што тој се обидел да го донесе во Косово) беше наменето за војување“, нагласува тој.

Но, Владата ја отфрлила неговата, но и апликациите на многу други лица, бидејќи законот со кој се уредува статусот на политичките затвореници не ги вклучува лицата осудени за нелегално поседување или трговија со оружје, наменето за ослободувањето на Косово од контролата на Белград.

Поголем број политички затвореници од очекуваниот

Атом Красниќи. Фото: БИРН

Во 2010 година, Собранието на Косово усвои закон со кој се утврдуваат правата на лицата осудени и прогонувани на политичка основа. Четири години подоцна, Владата формира и Комисија за верификација на статусот на поранешните политички затвореници.

Комисијата, во 2014 година, соопшти дека очекува околу 5.000 лица да аплицираат за статусот политички затвореник, но нивниот број до денес се искачи на 12.670.

Од 2014 година, потврдени се повеќе од 2.840 апликанти, за чие обештетување се издвоени вкупно 49 милиони евра.

Секретарот на Комисијата, Шефик Садику, за БИРН изјави дека законот има многу недостатоци, како оние што се однесуваат на лицата кои се нашле во затвор поради набавка на оружје за ОВК.

„Можеби некого сме дискриминирале, но тоа не е наша вина. Ние не го донесовме овој закон“, вели Садику, кој и самиот е поранешен политички затвореник.

Тој објаснува дека Комисијата, заради случаите како што е овој на Красниќи, побарала од кабинетот на премиерот правно толкување на законот, но досега, како што нагласува, не добиле одговор.

„Законот не опфаќа обештетување на оние што се осудени за поседување и транспортирање на оружје. Законот има многу недостатоци што ја отежнуваат неговата примена“, нагласува Садику.

Според законот, секој што поминал повеќе од два месеци во затвор, има право да добие 16,70 евра, за секој ден поминат зад решетки.

Бројките на Комисијата покажуваат дека повеќето од оние на кои им била исплатена отштета, биле во затвор во периодот 1990-1995 година. Со оглед дека уште 4.000 апликанти побарале отштета за времето поминато во затвор за периодот 1998-1999 година, претпоставка е дека ќе бидат потребни неколку години за да се заврши целиот процес.

Комисијата, исто така, започна да ги обештетува и семејствата на политичките затвореници, кои биле затворени од 1940 до 1960 година, за што ќе треба да се издвојат повеќе од 30 милиони евра.

Семејствата на затворениците од период 1913-1940 година, нема да можат да добијат отштета, бидејќи законот како корисници ги признава само заробеното лице и неговиот сопружник.

Снабдувачите со оружје во затвор трпеле тортура

 

Ахмет Сијариќ. Фото: БИРН

И поранешниот политички затвореник, Ахмет Сијариќ, од Пеќ, не се нашол на списокот на лица што треба да добијат отштета.

Во јуни 1994 година, Сијариќ, заедно со уште осум лица, во Косово донеле камион полн со оружје. Тој објаснува оти оружјето дошло од поддржувачите на албанско-босанското здружение и од босанското Министерство за одбрана, и оти тоа било наменето за движењето што подготвувало вооружен отпор во Косово.

Во тој период, режимот на Слободан Милошевиќ ја засилил репресијата над 1,8 милиони Албанци кои живеат во Косово. „Српските власти користеа полициско насилство, тортура и политички судења како репресивни мерки против Албанците и како начин да го поттикнат нивното исселување од тој регион“, се вели во извештајот од 1996 година на организацијата Хјуман Рајтс воч.

Сијариќ, заедно со најголемиот дел од неговата група, бил уапсен и осуден на пет години и шест месеци затвор за трговија со оружје, но тој отслужил само две години.

Сијариќ (59), е поранешен војник кој се школувал во Белград. Тој тврди дека оружјето било набавено за војната, а не за лична корист и дека обвиненијата против него биле политички мотивирани.

Тој ја цитира пресудата на судот, во која, како што посочува, јасно се кажува дека „оружјето што биле донесено на Косово било наменето за востанието“.

„Оружјето беше дел од контингент испратен од Унгарија за војните во Босна и на Косово“, вели тој.

Сијариќ додава оти во затворот постојано бил измачуван. „Еден од членовите на групата подоцна почина поради тортурата во затворот“, вели тој.

Сијариќ, кој е и воен ветеран на ОВК, тврди дека член на Комисијата за верификација на статусот на политичките затвореници, побарал од него пари, за да му биде одобрено барањето за отштета.

„Ми побараа 10 проценти од вкупната сума од 12.600 евра што ми припаѓа“, потенцира тој.

Тој тврди дека дошло до злоупотреба на системот. „Видов дека на некои луѓе, осудени за обични злосторства, им е доделен статус на политички затвореник“, вели тој.

Но, Садику негира оти дошло до злоупотреби и објаснува дека апликантите имаат право да се жалат пред суд, доколку сметаат дека тоа е потребно.

Тој, како пример за ова, го наведува случајот на Јахја Лука од Пеќ, кого српски суд го осудил за транспорт на оружје на Косово, а чие барање за отштета Комисијата го отфрлила, иако е тој советник на косовскиот премиер во заминување, Рамуш Харадинај.

Затоа Садику посочува дека се сомнева оти апликантите се дискриминирани на политичка основа, кога некој што е политички близок со висок функционер, каков што е Харадинај, може да биде одбиен.

Од кабинетот на Харадинај не добивме одговор на нашето барање да го коментираат фактот дека Комисијата во 2019 година обработила само пет случаи, но Лука нѐ извести дека Владата го продолжила мандатот на Комисијата.

Секоја година, Владата издвојува пет милиони евра за обештетување на поранешните политички затвореници.

Сепак, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предупреди дека исплатата на отштета на поранешните политички затвореници, на воените ветерани и на лицата кои работеле во системот на паралелно образование на Косово во 1990-тите години, е тежок товар за малиот буџет на државата.

ММФ во неколку наврати го предупреди Косово дека мора да биде претпазливо во однос на овие програми, заради големите трошоци.

Сепак, Ахмет Сијариќ, смета оти лицата кои обезбедувале оружје за вооружената борба на Албанците во Косово, имаат право на отштета, бидејќи тие навистина биле политички затвореници.

„Ако не сме политички затвореници, што друго можеме да бидеме?“, праша тој.