Регион

Два суда отфрлија забрана за четнички здруженија

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Комеморација на четничките приврзаници во Вишеград, во март 2019. Фото: Н1 Телевизија

Судовите во Добој и Соколац го отфрлија барањето за забрана на работата на 16 здруженија, во чиј назив се содржат зборовите „равногорско движење“ или „четничко движење“, додека три други судови во Република Српска (РС), сè уште не донеле одлука по барањето, дознава БИРН.

Ова барање за забрана на здруженијата, поднесено од Министерството за правда на Кантон Сараево, со образложение дека провоцираат национална, расна и верска омраза и раздор и нетрпеливост, е испратено минатата година до пет судови во РС – во Бања Лука, Добој, Бјелина, Соколац и во Требиње.

Барањето е поднесено откако во март 2019 година, во Вишеград, беше одржанa контроверзна комеморација за Драгољуб Дража Михајловиќ, водач на четничкото движење во Втората светска војна.

По комеморацијата, во Обвинителството на БиХ беше отворен предмет за овој случај, поради можноста, за време на овој настан, да биле иницирани омраза и нетолеранција. Истрагата сѐ уште трае.

Министерката за правда на Кантон Сараево, Лејла Салихагиќ-Брчиќ, за БИРН потврди дека ги чека решенијата на судовите во Бања Лука, Бјелина и Требиње.

„Се надевам дека барем во еден регистарски суд ќе се најде доволно разум и дека барањето ќе се уважи, но за жал, најчесто политиките управуваат и со судството во БиХ, така што не сум сигурна дека тоа ќе се случи“, вели Салихагиќ-Брчиќ.

Судовите во Добој и во Соколац не одговорија на прашањето на БИРН, за причините за одбивање на барањето.

Равногорското движење во Вишеград, оваа година го прослави Бадник со колона автомобили кои, трубејќи со сирените, се движеа по улиците на градот, при што се слушаа српски песни, што предизвика страв кај повратниците Бошњаци.

Хедија Касаповиќ, претседател на здружението на семејства на исчезнати лица, „Вишеград 92“, вели дека „нивното дефиле ги враќа во 1992 година и повторно задава страв кај Бошњаците“.

„Неразбирливо е еден народ да слави свој празник со величење на воени злосторници“, вели Касаповиќ.

На Михајловиќ, во 1946 година, му беше изречена смртна казна, за предавство и соработка со нацистичка Германија, но во 2015 година, тој беше рехабилитиран од страна на суд во Белград. За време на Втората светска војна, неговите сили извршија големи воени злосторства, вклучително и оние против Бошњаците во Вишеград.

Обвинителството на БиХ отвори предмет за настанот што на Бадник се случи во Вишеград, но и за сличните настани во Сребреница и во Братунац.

Сепак, Недељко Кокошар, претседател на дринскиот округ на Равногорското движење во Вишеград, изјави дека за време на одбележувањето на Бадник, немало провокации кон другите вери во Вишеград и дека „сè било исценирано од медиумите“.

Тој додаде дека членовите на Равногорското движење го прославувале Божик според српските обичаи.

„Никој во таа колона, со ниту еден збор, не ги спомна ниту Бошњаците, ниту Хрватите. Ние во Равногорското движење никогаш не спомнуваме други вери“, вели тој.

„Гледам дека се споменува оти се пеело за Турци и потурчени, јас тоа не сум го чул“, нагласи Кокошар, иако на објавената видео-снимка се слушаат зборовите „Турци и потурчени“.

Тој посочува дека Равногорското четничко движење, едноставно го зачувува споменот на Дража Михајловиќ.

„Тоа е чисто српско прашање, а не некакво ширење на омраза … Србите само сакаат да се поправи комунистичката историја, во која генералот Михајловиќ беше сатанизиран“, рече тој.

„Живеам во близина на џамија и кога муслиманите ги слават своите, јас ниту се мешам, ниту ме интересира“, додаде Кокошар.

Во Црна Гора, Равногорското движење беше забрането во 2016 година. Црногорските власти соопштија дека идеологијата на ова движење „претставува опасност за независноста, суверенитетот и уставниот поредок на земјата“ и дека претставува закана за јавниот ред и мир.