Истражувањa

Култура на негирање: зошто толку мал број на воени злосторници чувствуваат вина

Дел од воените злосторници од војните во 1990-тите години, кои ја признаа вината на суд, со БИРН разговараа за причините поради кои го сториле тоа

  • 1
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Многу е поголем бројот на оние кои ја негираа одговорноста и вината за сторените злосторства, кои се докажани и за кои тие се осудени. Некои од нив, во своите земји, се третираат како херои.

„Кој ќе ја признае вината, е предавник“, вели за БИРН, Душко Томиќ, адвокат од Сараево, кој ги бранеше обвинетите за воени злосторства.

„Ги охрабрував своите клиенти да ја признаат вината, доколку за тоа имаше основа. Особено оние кои имаа деца, за да не се пренесува товарот на нив. Но, тука децата на осудените воени злосторници се гордеат со татковците“.

Искрено каење или цинична стратегија?

 

 

Најголем број на признавања на вината имаше на судењата за воени злосторства пред Хашкиот трибунал и пред судовите во Босна и Херцеговина.

„Признавањето на вина е исклучително моќен инструмент за утврдување на вистината, но и за можно помирување. Но, многу малку се знае и се зборува за тоа, дали овие признанија имаа никакво влијание надвор од судниците. Јас би рекол дека се неутрализирани, никој не сака да слуша за вината на припадниците на сопствениот народ“, вели за БИРН, Рефик Хоџиќ, активист во областа на транзициската правда и поранешен портпарол на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ).

Хашките судии во повеќе наврати го потенцираа влијанието на признавањето на вината, во земјите што беа во војната. Но, со оглед на тоа што признавањето на вината најчесто е резултат на спогодба за признавање на вината, при што за возврат на признанието, обвинителството се согласува да отфрли некои точки од обвинението и/или да бара казна затвор во одреден опсег, потенцијалот на ваквите спогодби е под знак прашалник: дали изјавите за жалење и каење се искрени или само прагматични одлуки, за да се добијат помали казни?

Ниту еден од трите покајници, што Весна Тершелиќ и Наташа Кандиќ ги оценија како искрени, не беа достапни за коментар, за тоа како тие денес гледаат на своето признавање.

Милан Бабиќ се самоуби во 2006 година, додека ја издржуваше казната за злосторства извршени над хрватски цивили. Во Хаг, тој сведочеше против бројни српски функционери. Поради каењето и сведочењето, тој се плашеше за безбедноста на своето семејство.

Мирослав Брало моментално ја издржува казната затвор во Шведска, за злосторства извршени над бошњачки цивили, што тој ги извршил како припадник на специјалните сили во хрватската војска. Брало ја призна вината на судењето, но неодамна му беше одбиено барањето за условно ослободување, бидејќи тој не искажа каење, па дури и негираше некои злосторства, што претходно ги призна.

Драган Обреновиќ ја издржа казната за учество во геноцидот во Сребреница. Тој го смени својот идентитет и живее во странство.

На судењето на Обреновиќ во Хаг, судскиот совет утврди дека неговото признавање на вината е „навистина значајно и оти може да придонесе кон задачата на Трибуналот, за обнова на мирот и промовирање на помирувањето“.

Веднаш откако Драган Обреновиќ и учесникот во злосторството во Сребреница, Момир Николиќ, ја признаа вината, Емир Суљагиќ од Сребреница, во својот текст за „Њујорк тајмс“, напиша: „… признанијата ми донесоа чувство на олеснување, какво што немав од падот на Сребреница во 1995 година. Тие ми дадоа потврда, каква што барав во изминатите осум години. (…) Ние, босанските муслимани, веќе не мора да докажуваме дека бевме жртви“.

Денес, Емир Суљагиќ, е директор на Меморијалниот центар Поточари, изграден во знак на сеќавање на жртвите на геноцидот во Сребреница. Тој вели дека изминатите години му го избришале уверувањето од текстот од 2003 година објавен во „Њујорк тајмс“, дека признанијата на злосторниците ќе го урнат ѕидот на негирање и на молчење, врзано за злосторствата извршени во војната.

„Тоа не се случи. Напротив, негирањето на злосторствата уште повеќе се размафта, бидејќи српската политика не ги уважува фактите. Покрај тоа, никој не ја презеде одговорноста, ниту ја призна вината надвор од судница“, нагласува Суљагиќ за БИРН.

Суљагиќ е роден и живее во Братунац, каде што се случи геноцидот врз Бошњаците и каде што и денес живеат и Бошњаци, и Срби:

„За сите овие години, никогаш не сум слушнал некој да зборува за својата вина. И многумина тука на различни начини учествуваа во масовното злосторство“, истакнува тој.

„Кога молчиме, знаеме за што молчиме, а кога разговараме, знаеме за што не раговараме. Така живееме тука“.

„Мирно спијам и мирно сонувам“

Дамир Иванковиќ за време на судењето. Фото: Суд на БиХ

Дамир Иванковиќ учествувал во масовно злосторство. Како член на интервентниот вод на српската полиција во Босна и Херцеговина, тој учествувал во убиство на околу 200 бошњачки и хрватски цивили од Приедор. Тие беа убиени во еден ден, во август 1992 година.

Откако ја призна вината пред судот во Босна и Херцеговина, Иванковиќ сведочеше против другите обвинети и детално ги опиша околностите на злосторството и својата улога во тоа злосторство.

Важноста на признанието на Дамир Иванковиќ ја истакна и Един Рамулиќ. Тој е, исто така, од Приедор, град во кој и околу кој, за време на војната, се случија низа злосторства. Овој мал град со помалку од 100.000 жители, има најголем број осуденици за воени злосторства во Босна и Херцеговина. Речиси 50.

Денес, повеќето од нив веќе ги издржале своите казни и се наоѓаат на слобода. Рамулиќ повремено ги среќава во градот. Нивните лица му се добро познати од судењата.

Веројатно нема ниту еден жител на Приедор, кој повеќе од него го поминал времето следејќи ги судењата за воени злосторства. Тој имал и премногу мачни причини за тоа. Неговиот брат и татко, неговите пријатели, роднини и соседи, биле убиени. Како што вели, целиот свет што го познавал до војната, му бил уништен.

Тој смета дека Драган Колунџија е одговорен за смртта на неговиот татко. Колунџија, за злосторствата што ги извршил како чувар во логорот Кератерм кај Приедор, ја призна вината во Хаг.

„Ми значеше што барем во еден момент на суд рече дека му е жал и дека било погрешно она што го правел. Но, откако ја издржа казната, тој ова го негираше пред камерите на Федералната телевизија“, нагласува Рамулиќ за БИРН.

Но, Дамир Иванковиќ може да биде различен, ни рече Рамулиќ. Дури и обвинителката во случајот на Иванковиќ го истакна неговото „искрено каење и сведоштво“ и „подготвеноста на обвинетиот да им се извини на оштетените“.

На судењето, Иванковиќ рече: „Сакам да признам дека извршив злосторство. Никој не ми вети ништо за ова признание, се работи за чиста совест“.

Тој во 2009 година беше осуден на 14 години затвор. Меѓутоа, кога БИРН го посети во затворот во Мостар, тој негираше дека убил некого.

„Мирно спијам и мирно сонувам. Еден куршум да имав испукано, не би спиел мирно“, ни рече Дамир Иванковиќ.

Кога на судењето го опиша убиството на околу 200 цивили, тој раскажа дека „испукал еден рафал“. Сега тврди дека му било наредено да пука, но дека тој одбил.

Луѓето со автобус биле донесени до бездна на планината Влашиќ, биле построени на работ на провалијата и стрелани. Иванковиќ го испратиле да ги ‘среди’ оние што преживеале.

„Не можев да пукам во луѓето. Само на еден му го дадов пиштолот да се самоубие, бидејќи ме молеше да му ги скратам маките“, раскажува тој и додава оти се согласил да ја признае вината, заради намалување на казната.

„Судењето беше катастрофа. Се плашев дека ќе поминам уште полошо, ако не се договорам. Имав мало дете и сакав да излезам од затвор што е можно поскоро“.

Неговиот син во меѓувреме порасна. Како тој му одговара на прашањето, зошто е во затвор? „Му кажав сè, тој знае дека неговиот татко не е убиец“, вели Иванковиќ.

Кога БИРН му прераскажа на Един Рамулиќ дека Иванковиќ негира оти активно учествувал во злосторството за кое е осуден, тој не се изненади. Многумина дополнително го негираа своето признавање на вината на суд.

„Не направив ништо погрешно“

 

Како политички водач на босанските Срби, Билјана Плавшиќ, во Хаг беше обвинета за геноцид, злосторства против човештвото и за воени злосторства. Откако ја призна вината, обвинителството ѝ го намали обвинението.

Плавшиќ е единствениот висок функционер, од сите страни во војната, која јавно изрази жалење поради злосторствата. Таа беше осудена на 11 години затвор, по што ѝ беше одобрено предвремено ослободување од затвор.

Уште додека ја издржуваше казната, во 2009 година, Плавшиќ, во интервју за шведското списание „Ви“, го повлече признанието. Таа рече дека се изјаснила за виновна, за да ѝ бидат отфрлени некои точки од обвинението.

„Не направив ништо погрешно“, изјави таа.

Сепак, признавајќи ја својата вина во Хаг, таа изјави: „Сознанието дека сум одговорна за такви човечки страдања (…) секогаш ќе остане дел од мене“.

БИРН, во телефонски разговор со неа, побара коментар врзано за оваа изјава. Дали сознанието дека таа е одговорна за илјадници убиени, прогонети и несреќни, и натаму ѝ лежи на совеста, како што рече пред судот?

„Не можам да се сетам на таа изјава, тоа беше одамна“, ни одговори Плавшиќ.

На прашањето, како таа денес се однесува кон своето признавање на вината, таа ни одговори: „Сето тоа ми е флуидно. Се обидувам да го заборавам тој период“.

„Лесно е да се негира, сѐ додека не ги слушнете жртвите“

И Есад Ланџо сакаше да заборави, но не можеше. Тој беше свесен за тоа што го направил, но се уверуваше дека само го направил она што му било кажано. И тогаш тој се соочи со сведоците во Хашкиот трибунал.

Тој таму се најде во 1996 година како обвинет за воени злосторства, кои ги извршил над Срби во 1992 година, како стражар во логорот Челебиќи, близу градот Коњиц. Во тоа време имал 19 години.

„Лесно е да се негира, сѐ додека не ги слушнете жртвите. Но, тогаш ги слушате и знаете дека е вистина она што тие го кажуваат. Тоа беше како будење од сон и осознавање дека живеам во ужас“, изјави Ланџо за БИРН, во своето прво подолго интервју за балканските медиуми.

Тогаш започнала несоницата, гласовите и вресоците во главата. Тој, во притворот во Хаг, започнал редовно да посетува психолози и со години потоа интензивно одел на терапии.

„Трибуналот ме спаси, ми даде нов живот. Таму ја добив целата помош што ми беше потребна“, вели тој за судот, кој го осуди на 15 години затвор за тортура, воени злосторства и злосторства против човештвото.

„Ниту казната не ми беше проблем. Се сметав себеси за виновен и сакав да бидам казнет“, нагласува Ланџо.

Тој вели дека за време седумте години што ги поминал во притворот во Хаг, запознал најмалку 90 затвореници, и никогаш, со ниту еден од нив, не разговарал за вината.

„Таму се избегнуваше да се зборува за војната. Знаевме кој за што е таму, но не зборувавме за тоа. А камоли да зборуваме за вината, одговорноста, лошите соништа“, објаснува тој.

Ланџо беше ослободен од затвор во 2006 година. Тој ја отслужи казната и можеше да го продолжи својот живот во тишина и без јавни појавувања, како и многу други воени злосторници.

Но, совеста и натаму му работеше. Тој сакаше да им се извини на своите жртви.

Данскиот режисер, Ларс Фелдбале-Петерсен, сними документарен филм насловен како „Непростено“, за потрагата на Ланџо по неговите жртви.

„Ми беше важно да ги погледнам луѓето што ги повредив во очи и да им се извинам. Не очекував прошка. Најголемиот подарок што некој можеше да ми го даде е тоа што тие се согласија да се најдат со мене“, раскажува тој.

Ланџо денеска живее во Финска. Тој вели дека доколку не бил осуден во Хаг, доколку останел во Босна, неговиот пат на соочување со самиот себеси не би се случил.

„Опкружувањето таму не ја преиспитува сопствената одговорност. Јас од никого не сум добил поддршка во Босна. Напротив. Но, тоа секако го правам за себе, јас самиот сакав да се сменам. Но, можеби на другите што минуваат низ она што јас сум го поминал, им треба поддршка“.

Стотици илјади луѓе учествуваа во војните во поранешна Југославија. Многумина извршија злосторства. Некои беа осудени, некои никогаш не беа гонети.

Но, како што рече Ланџо, меѓу нив сигурно има такви кои не спијат мирно и сакаат да „симнат еден слој на нечистотија од себе“, како што тој тоа го стори.

Овој текст е напишан во рамките на програмата Балканска транзициска правда, која е поддржана од Европската комисија.