Регион

Крв и скршено стакло: Сеќавање на гранатирање на трамвај во Сараево

Сторителите на овој напад, никогаш не беа судени

Тој раскажува оти нападот се случил кога трамвајот запрел на трамвајската станица „Музеи“. Тој и неговиот татко биле во можност да излезат брзо, бидејќи биле близу вратата. Сладиќ вели оти не се сеќава на сцената, но се сеќава на „вресокот и вревата“.

„Во левото уво ми одѕвонуваше и почувствував дека левата страна од главата ми крвари … За прв пат ја видов паничната реакција на татко ми, кој отсекогаш беше мирен и сталожен“, додава Сладиќ.

„Подоцна ми стана јасно дека тоа е поради количината на крв на мојот ракав и на левата страна од главата. Тој истрча на улица и се обиде да запре возило во движење“, се сеќава тој.

Сладиќ додава оти „на почетокот на случајните минувачи не им било јасно што се случува, па не застанувале“, но малку подоцна застанал еден сограѓанин кој го превезол во службата за итна медицинска помош.

Таму наишол на хаос и дури тогаш станал свесен дека целиот ракав му е крвав и дека на облеката на неговиот татко се залепени парчиња ткиво.

Лекарот кој го примил му рекол оти „поминал добро“ и дека има неколку ситни парчиња од гранатата во главата, увото и слепоочницата.

„Следните десетина дена, со левото уво, не можев да ги препознаам звуците. Сè што можев да чујам, беше одѕвонување. Дваесет години подоцна, дознав дека „тинитус“ е стручниот назив за постојано зуење во ушите, што е последица, но и траен спомен од таа експлозија на 9 јануари 1996 година“, вели Сладиќ.

Тој нагласува дека една или две години по случката во која бил ранет, секој пат кога се возел во трамвај и кога тој ќе потскокнел по шините покрај музеите во Сараево, останувал без здив.

Повторното отворање на трамвајската линија по војната, вели тој, требаше да „означи крај на едно лудило“.

„Барем така се чинеше до тој, за некои фатален, 9 јануари“, додава Сладиќ.

„Тогаш настана хаос“

Извештај за нападот на трамвајот во весникот „Ослобоѓење“, објавен на 10 јануари 1996 година

Според податоците од Министерството за внатрешни работи, тогаш Центар на службите за безбедност во Сараево, во 17 часот и 28 минути, трамвајот со гаражен број 272, кој се движел од правец на Башчаршија, бил погоден со проектил, истрелан од југ.

Тој трамвај го управувала Мехтиба Џевлан.

„Кога трамвајот проработе, бев трета смена. Првиот трамвај беше празен од безбедносни причини, вториот беше со официјални претставници, домашни и странски, а третиот трамвај го возев јас, со патници“, вели Џевлан за БИРН.

Таа се сеќава дека тргнала од Башчаршија и дека кога стигнала до Средното машинско училиште, „почувствувала нешто чудно од левата страна“.

„Погледнав и видов светлина која се приближуваше кон трамвајот и во истиот момент почувствував удар веднаш над главата. Тогаш настана хаос… “, вели Џевлан.

„Патниците почнаа да скокаат од возилото, за малку и низ прозорците, затоа што трамвајот беше полн со патници. Многу грдо, стресно, но од некаде човек добива сила, па некако ви доаѓа присебност кога најмалку се надевате. Успеав да се договорам со патниците, да ја затворам вратата и да тргнеме понатаму, бидејќи тука имаше чиста линија, можеа да гаѓаат каде што сакаат, во кој прозорец сакаат“, додава Џевлан.

Таа нагласува оти не знаела дали некој е погоден во нападот.

„Само ми беше цел да ја затворам вратата, да се тргнеме. Ако останевме таму, којзнае што ќе беше, затоа што тоа е мета што стои – можат да ја гаѓаат колку што сакаат, но кога сме во движење, кога сме засолнети меѓу згради, тогаш е помала шансата трамвајот да биде погоден“, раскажува таа.

Џевлан потенцира дека никогаш нема да ги заборави моментите кога се обидувала да ги спаси патниците.

„Стресот се проживеа, но некако имав сила да ги тргнам останатите патници кои беа во трамвајот, затоа што сите можевме да загинеме. Имав сила, го помрднав трамвајот и стигнав до здравствениот дом ‘Омер Маслиќ’“, вели Џевлан.

„Една жена беше директно погодена во глава, јас втрчав во здравствениот дом, повикав некого да дојде да ја види. Не знаевме дали е женско или машко, толку глетката беше ужасна, сè додека не дојдоа лекарите и не ја прегледаа“, вели таа.

Жената што била погодена се викала Мирсада Дуриќ и таа била единствената што загинала во гранатирањето на трамвајот.

Џевлан се сеќава дека продолжила да вози и во наредните десет дена. Тоа се сменило во моментот кога трамвајот морала да го довезе до местото на гранатирањето, за да може да се направи реконструкција на настанот.

„Никој не го допре трамвајот поради реконструкцијата. Кога се качив во него, нозете ми се отсекоа. Седнав, но не ги чувствував нозете“.

„Можеби во тој момент не бев ни свесна што се случи, сè додека не видов крв, стакло и парчиња месо … Тогаш се изгубив. Не можев да одам, бев на боледување. Добив промена на работното место и сега сум тука во диспечерскиот центар на Ченгиќ-Вила (населба во Сараево)“, вели Џевлан.

Сторителите ја избегнаа правдата

Нихад Сладиќ имал 15 години, кога го преживеал нападот на трамвајот. Фото: БИРН

Во својата книга, „Масовните убиства на цивилите во Сараево, за време на опсадата 1992-1995 година“, Мериса Каровиќ-Бабиќ, од Институтот за истражување на злосторствата против човештвото и меѓународно право во Сараево, ги опиша страдањата на цивилите во нападот на трамвајот. Таа, за потребите на книгата, истражила 230 локации на кои биле убиени и ранети цивили.

„Сметав дека е важно да го спомнам овој случај, бидејќи ова злосторство е сторено по потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор и се чини дека целта на припадниците на Сараевско-романискиот корпус на Војската на Република Српска (ВРС) била да покажат дека тие и натаму се присутни во подрачјето на Грбавица и на Враца (населби во Сараево)“, вели Каровиќ-Бабиќ.

За време на војната, Грбавица била под контрола на ВРС, па оттука се верува дека гранатата што го погодила трамвајот во јануари 1996 година, била испукана од оваа населба.

Каровиќ-Бабиќ смета дека ваквите акции имале врска со договорот во Дејтон, според кој Грбавица требало да стане дел од Федерацијата БиХ, поради што силите на босанските Срби не биле среќни.

Таа информира дека истражувала колку злосторства биле извршени за време на потпишаните примирја и дали се почитувал договорот за прекин на огнот.

„Секако дека не се почитувал. Евидентни се показателите дека по потпишувањето на примирјето, особено кога граѓаните на Сараево најмалку очекувале, биле испукувани гранати и дека токму во тие периоди бројот на жртви бил најголем“, вели Каровиќ-Бабиќ.

Неколку лица се осудени за напад на цивилното население во Сараево, за време на трииполгодишната опсада на градот.

Хашкиот трибунал го осуди Станислав Галиќ, поранешен командант на Сараевско-романискиот корпус на ВРС, на казна доживотен затвор, за тероризирање на граѓаните на Сараево, а неговиот наследник, Драгомир Милошевиќ, на 29 години затвор.

Поради кампања на терор против цивилите, со снајперски и артилериски напади, осудени се и поранешниот политички лидер на Република Српска, Радован Караџиќ, кој правосилно беше осуден на казна доживотен затвор, како и воениот командант на ВРС, Ратко Младиќ, кому неправосилно му беше изречена истата казна.

Со пресудите на Хашкиот трибунал, беше утврдено дека единиците на Сараевско-романискиот корпус на ВРС намерно целеле цивили,  со спроведување на кампања на терор, која за цел имала да изврши притисок врз властите во Сараево.

На сите им е судено за настани што се случиле до крајот на 1995 година, но ниту еден од директните сторители не е гонет за гранатирање или снајперски напади врз граѓаните на Сараево, ниту пак за гранатирање на трамвајот во јануари 1996 година.