Регион

Со големо дефиле одбележан „неуставниот“ Ден на Република Српска

Уставниот суд во ноември 2015 донесе одлука дека одбележувањето на Денот на РС е дискриминаторски чин кон граѓаните од несрпска националност

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Повеќе од 2.400 луѓе учествуваа денеска во одбележувањето на спорниот Ден на Република Српска, игнорирајќи ја пресудата на Уставниот суд за неуставност на прославата, но и осудите од бошњачките водачи.

И покрај судската одлука дека празникот е неуставен и жестоките критики што ги упатија Бошњаците и дел од меѓународната заедница, властите на босанскиот ентитет, Република Српска (РС), го одбележаа овој ден со низа свечености и со церемонија на доделување одликувања.

Повеќе од 2.400 полицајци, затворски чувари, пожарникари, припадници на цивилната заштита и руски мотоциклисти од рускиот мото клуб, „Ноќни волци“, парадираа низ улиците на Бања Лука, административен центар на РС, која беше украсена со илјадници српски црвено-сино-бели знамиња и билборди со натписот, „За сите времиња“.

Украсувањето на градот за овој празник траеше со недели, засенувајќи го она за новогодишната ноќ.

Припадници на полицијата на РС на дефилето. Фото: БИРН.

„Многу тешки времиња се зад нас, многу предизвици, но ние ги издржавме сите удари. Предвидуваа дека ќе исчезнеме, дека ќе бидеме избришани и дека нема да ја издржиме битката – но ние издржавме сè“, рече драматично претседателката на РС, Жељка Цвијановиќ, пред почетокот на дефилето.

Инатливото продолжување на одбележувањето на Денот на РС на 9 јануари, многумина го сметаат за обид на Милорад Додик, поранешен претседател на РС и актуелен српски член на босанското претседателство, да ја тестира волјата на слабата централна власт во БиХ.

Додик во средата изјави дека Србите имаат многу причини да бидат горди на РС, чии најтешки времиња, додаде тој, сега се зад неа.

„Ние Србите од овој простор, во Република Српска … знаеме дека нема слобода за српскиот народ ако нема држава. Затоа, Србите денес имаат две држави – Република Србија и Република Српска“, рече Додик пред дефилето.

 

Почесната единица на полицијата на РС, на дефилето на 9 јануари во Бања Лука. Фото: БИРН

На дефилето, кое беше кулминација на тридневната прослава, му претходеше церемонија на доделување на признанија. Едно од нив го доби министерот за одбрана на Србија, Александар Вулин, „за неговата работа и заслугите во меѓународната соработка и зацврстувањето на мирот“.

Вулин истакна оти одликувањето што го добил е „признание за Србија, која не се колеба да ѝ помогне на својата РС секогаш и на секое место“, додавајќи: „Се надеваме дека сите Срби ќе бидат обединети… Ова е орден за сите Срби“.

Заедно со Вулин, на прославата присуствуваше и српската премиерка, Ана Брнабиќ.

Со свечените настани беше одбележана 28-годишнината од создавањето на РС, која е формирана во 1992 година, настан кој многу Бошњаци го сметаат за претходница на војната, која започна неколку месеци подоцна.

Потпретседателот на РС, Рамиз Салкиќ, во средата ги потсети властите на овој ентитет, дека одбележувањето на Денот на РС на 9 јануари е противуставно и незаконско и го повика високиот претставник, Валентин Инцко, да ги казни организаторите.

 

Членови на рускиот мото клуб „Ноќни волци“. Фото: БИРН

Тој нагласи дека високиот претставник е должен да ги „спречи кршењата“ на судските пресуди.

„Очигледно е дека властите во овој ентитет ја кршат одлуката на Уставниот суд, во која јасно се наведува дека 9 јануари не може да биде ден на ентитетот. Имајќи предвид дека власта во овој ентитет го прекрши Дејтонскиот договор, високиот претставник е должен да реагира“, изјави Салкиќ за медиумите.

Бошњачкиот член на босанското претседателство, Шефик Џаферовиќ, рече дека 9 јануари 1992 година, засекогаш ќе биде запаметен како ден кога започнало целото зло во БиХ.

Неговото одбележување е „кривично дело и со тоа треба да се занимаваат  институциите на меѓународната заедница и институциите на Босна и Херцеговина“, рече Џаферовиќ во средата, за време на посетата на Сребреница.

 

Политичкото раководство на Република Српска. Фото: БИРН

Уставниот суд во ноември 2015 донесе одлука според која одбележувањето на Денот на РС на 9 јануари е дискриминаторски чин кон граѓаните од несрпска националност во РС, бидејќи истиот ден се слави и православниот верски празник Свети Стефан, кој се смета за патрон на овој ентитет.

Сепак, и покрај одлуката на судот и силните приговори од бошњачките претставници, претставниците на САД и на ЕУ, властите на РС во септември 2016 одржаа референдум со кој побараа поддршка од јавноста за одбележувањето на Денот на РС на 9 јануари, кој референдум Уставниот суд на БиХ го прогласи за неуставен.

Во декември 2016 година, Народното собрание на Република Српска (НСРС), усвои закон за Денот на РС, со кој 9 јануари беше прогласен за секуларен празник, за кој Владата на овој ентитет ќе одлучува како да го слави.

Сепак, Уставниот суд во март 2019 година донесе одлука со која и овој закон го прогласи за противуставен. Во април, водачите на најголемите партии на босанските Срби, потпишаа заедничка декларација, со која пресудата на Уставниот суд беше осудена како „политички мотивирана“.

Припадници на специјалната полициска единица на РС. Фото: БИРН.