Регион

Косово: Година во знакот на специјалниот суд

Пред специјалниот суд, зголемен број на истраги, но и на сослушани команданти

Специјализираното обвинителство во Хаг, кое ги подготвува своите први обвиненија за воени и повоени злосторства извршени во Косово меѓу 1998 и 2000 година, на сослушување, годинава, повика повеќе од 120 поранешни припадници на ОВК.

Кога во јули, беше повикан на сослушување во својство на осомничен, поранешниот командант на ОВК, Рамуш Харадинај поднесе оставка на премиерската функција.

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), двапати го ослободи Харадинај од обвинението за воени злосторства. Самиот Харадинај истакна дека Специјализираните совети, нема да го поткопаат наследството на ОВК.

„Војната на ОВК беше чиста и света. Јас сум прилично сигурен дека овој суд ќе ја потврди правичноста на војната предводена од ОВК“, нагласи Харадинај.

Специјализираните совети на Косово, кои се дел од правниот систем на Косово, со седиште во Холандија, во кои е ангажиран меѓународен персонал, беа формирани во 2015 година, под силен притисок на ЕУ и на САД, по извештајот поднесен пет години претходно, од страна на специјалниот известувач на Советот на Европа, Дик Марти.

Во извештајот на Марти се наведува дека ОВК е одговорна за киднапирања, убиства и незаконско затворање на косовски Срби и Роми, но и Албанци, кои се сметале за политички противници на ОВК или за соработници на Србија.

Марти наведе дека припадниците на ОВК, се занимавале и со трговија со органи, на српски и на албански затвореници. Со исклучок на претседателот, Хашим Тачи, специјализираните обвинители на сослушување ги повикаа сите поранешни припадници на ОВК, наведени во извештајот на Марти.

Поранешните команданти на ОВК, меѓу кои и Тачи, во неколку наврати ги негираа овие обвинувања, нарекувајќи ги деструктивен обид за оцрнување на борбата за слобода на Косово. Ова мислење е широко застапено низ цела земја.

„Убеден сум дека и пред овој суд ќе се докаже, дека војната што ја водеше ОВК беше правична, и дека со тоа ќе бидат запрени нападите врз вистината на нашиот народ и врз самата ОВК“, изјави, Кадри Весели.

Обвиненијата ќе бидат кулминација на истрагите, што Специјализираното обвинителство повеќе од четири години ги спроведува во тајност, поради атмосферата на страв поврзана со ОВК. Обвинителството, исто така, врши евиденција и на сведоците кои, во некои претходни судења, го повлекле своето сведоштво или завршиле мртви.

Мал број судења и осудени

Оливер Ивановиќ во Белград, во 2011 година. Фото: Медиа центар

Според косовскиот судски совет, оваа година се завршени само седум предмети на воено злосторство, во кои имало девет обвинети, а се започнати и 18 судења.

Едно од најважните е судењето на Дарко Тасиќ, косовски Србин, обвинет за учество во масакрот во селото Мала Круша, извршен во март 1999 година, кога беа убиени 114 косовски Албанци, а нивните куќи ограбени и запалени.

Но, најзначајното судење, најверојатно, ќе биде она за убиството на Оливер Ивановиќ, закажано на 30 декември.

Недељко Спасојевиќ, Марко Рошиќ, Силвана Арсовиќ, Драгиша Марковиќ, Жарко Јовановиќ и Раде Басара, се обвинети за наводна вмешаност во убиството на Ивановиќ, кој беше убиен пред седиштето на неговата партија, „Слобода, демократија, правда“, во Митровица, во јануари 2018 година. Четворица од осомничените, во моментот на злосторството, беа косовски полицајци.

Во обвинението се тврди дека тие биле дел од „организирана криминална група“, предводена од двајца истакнати косовски Срби, Милан Радоичиќ и Звонко Веселиновиќ, но оти во неа бил вклучен и Жељко Бојиќ, командир на оперативната косовска полиција, задолжен за северот.

Радоичиќ е познат бизнисмен и потпретседател на партијата „Српска листа“, кој се смета за вистински носител на моќта во северно Косово.

Тој избега во Србија, негирајќи ја вмешаноста во убиството на Ивановиќ. И српските власти соопштија оти тој е невин.

Ивановиќ, кој претходно се сметаше за тврдокорен националист, стана умерен политичар, кој се залагаше за соживот на српското малцинство и на албанското мнозинство во Косово. Тој стана и гласен критичар на Владата во Белград.

Пред да биде убиен, нему, во обновена постапка, му се судеше по обвинение дека дал наредба за убиство на Албанци во Митровица, за време на војната во Косово, во 1999 година. Тој изјави дека не е виновен.

Србија обвинета за геноцид

 

Кадри Весели на комеморацијата. Фото: Кадри Весели/Фејсбук

Косовските пратеници во мај усвоија нацрт резолуција, со која се бара правда за, како се нагласува, 186-те масакри извршени за време на војната, од страна на српските сили, и се повикува на формирање на нов меѓународен суд, пред кој, како што се додава, би се суделе злосторствата против човештвото и геноцидот извршен врз косовските Албанци.

Поранешниот претседателот на косовското собрание, Кадри Весели, во тоа време истакна дека Србија ги изложила косовските Албанци на планирано и организирано насилство, со цел нивно целосно елиминирање.

„Според секој закон, вклучително и меѓународното право, овој потфат се дефинира како потфат насочено кон физичко истребување. Значи, тоа е геноцид“, истакна Весели.

Но, барањето за нов суд, кое дојде по низата комеморации низ Косово, по повод одбележувањето на 20-годишнината од ужасните масакри, кои српските сили ги извршија во 1999 година, некои го окарактеризираа како политички опортунизам. Меѓународните експерти, исто така, беа на став дека станува збор за непрактично барање и дека е малку веројатно тоа да се реализира.

Се поставуваа и прашања за тајмингот на овој предлог, кој доаѓа во време кога се очекуваат првите обвиненија на Специјализираното обвинителство.

Овој јуни, косовското Собрание усвои измени и дополнувања на законот за кривична постапка, за да се овозможи судење на обвинетите во отсуство, а со цел забрзување на постапките против српските војници и полицајци.

Сепак, Специјализираното јавно обвинителство на Косово, соопшти оти и покрај измените, судењата во отсуство не можат автоматски да се реализираат, без исполнување на некои основни критериуми.

Првиот услов е, лицето под истрага да биде повикано да се појави пред косовскиот суд најмалку пет пати, пред почетокот на судењето во отсуството. Тоа би значело дека Србија ќе мора да ја најде адресата на осомничениот и да му испрати покана да се појави пред судот во Косово, што е малку веројатно дека може да се случи, бидејќи нема правна соработка меѓу Косово и Србија.

Обвинителката, Дрита Хајдари, која е надлежна за случаите на воени злосторства во косовското Специјално обвинителство, смета дека главниот предизвик е немањето политичка волја во Косово и во Србија.

„Отворивме бројни истраги и издадени се меѓународни потерници по десетици лица. Наша цел не се само сторителите. Во нашата стратегија, ние сме фокусирани и на синџирот на командна одговорност“, изјави Хајдари за БИРН.

Амер Алија, правен аналитичар на Фондот за хуманитарно право Косово, кој ги следи судењата за воените злосторства, посочува дека во моментов, единствена опција за поголем успех, кога станува збор за апсењето на осомничените за воени злосторства, е можноста, Мисијата на ООН во Косово, УНМИК, да помогне при распишувањето на „црвени потерници“ на Инперпол, во смисла да ги повика земјите од целиот свет, да ги уапсат наводните сторители.

„Поради политичките односи меѓу Косово и Србија, косовското обвинителство има врзани раце, кога станува збор за конкретни активности и апсења на осомничени лица во Србија“, вели Алија за БИРН.

Во обид да ги реши заостанатите предмети, косовското обвинителство, оваа година, усвои Национална стратегија за воени злосторства.

Новата стратегија ги опфаќа воените злосторства извршени помеѓу 29 февруари 1999 година и 20 јуни 1999 година, а насочени се кон луѓето осомничени за некои од „најстрашните масакри“ во Косово.

Во повоените години, надлежноста за случаите на воени злосторства ја имаше УНМИК, потоа мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, која на крајот надлежноста им ја предаде на косовските обвинители. На крајот на мандатот, во јуни 2018 година, ЕУЛЕКС, на косовското обвинителство, му предаде околу 900 досиеја за воени злосторства и околу 2.000 досиеја за исчезнати лица.

„Долго време, ООН, а потоа и ЕУЛЕКС, нѐ лишуваа од правото на гонење на воените злосторства и сега, како резултат на тоа, имаме нерамнотежа во бројот на Албанци, осудени за воени злосторства“, нагласува Хајдари.

Таа додаде дека домашните обвинители чекаат од УНМИК да преземат база на податоци, со околу 4.000.000 докази поврзани со воените злосторства.