Македонската држава не престанала да „инвестира“ во имиџот на прибежиште за лица од потерниците, опскурните бизнис-шемаџии и за дискутабилно стекнатиот капитал, иако помина деценија од скандалот со Субрата Рој, кој беше промовиран како економски месија додека Индија го бараше за сериозен финансиски криминал.
Поранешниот премиер Никола Груевски, и покрај искуството со Субрата, планираше дел од територија на државава да ја прогласи за еден вид даночен рај. Не стигна да ја реализира намерата поради политичките промени, меѓутоа по инерција се продолжи праксата капитал да се прибира без да се пребира.
Агресивната владина промоција на Македонија како Мека за бизнисот со марихуана, посебно во времето на експремиерот Зоран Заев, не беше и не е придружена со основни безбедносни проверки на инвеститорите во овој високоризичен бизнис. Порозноста на системот дозволи канабис да одгледуваат инвеститори од Албанија што имаат ортачки релации со човек осуден за криминал со дрога.
Покрај тоа што лиценца за марихуана може да добие речиси секој што ќе побара, надлежната комисија нема капацитет сериозно да ги контролира плантажите. Во ситуација кога нема или неправилно функционираат системските филтри и контролни механизми, не треба да чуди што инвестицијата од Албанија во медицински канабис резултираше со полициска акција, во која беше запленета марихуаната под сомнеж дека е наменета за црниот пазар.
Марихуаната не била одгледувана според строгите законски правила, а заработката од неа на црно би можела да достигне и до пет милиони евра, проценија властите.
Меѓутоа, овој случај не е инцидент. Државава им дала лиценца за марихуана и на двајца контроверзни бизнисмени од Србија – едниот гонет за криминал поврзан со дрога во сопствената држава, а другиот обвинет за перење пари тука во Македонија.
Субратизација ни се случува и преку праксата на издавање пасоши во замена за инвестиција. Владата има право да додели државјанство на секој што ќе вложи најмалку 400.000 евра и да вработи најмалку 10 лица минимум една година. Министерството за финансии проценува дали државата ќе има корист од вложувањето.
Европската комисија, таканаречените златни пасоши ги гледа како ризик за корупција и перење пари, а Транспаренси интернешнел смета дека тие не служат за вистински инвестиции или миграција, туку за коруптивни интереси.
Сепак, контроверзниот американски инвеститор Шон Андре Скот, со адреса на живеење среде Пацификот – на Северно Маријанските Острови, и покрај тоа што има бугарски, си обезбедил и македонски пасош, отворајќи фризерски салон во Скопје, дејност со која тој не се занимава. Набргу откако го добил државјанството, повлекол 80.000 евра од инвестицијата, ја затворил фризерницата и се губи секаква трага од него.
Ама пасошот му остана, за секој случај.
Американските медиуми пишувале дека неговите многубројни инвестиции, главно во казина, „зад себе оставиле трага од тужби и наводи за измамнички практики“. „Вашингтон пост“ објави дека Андре Скот не добил лиценци за казина во пет американски држави, откако регулаторите пронашле докази за „финансиско лошо управување, нередовни сметководствени практики и скриени партнерства“.
Македонска патна исправа доби и украинскиот бизнисмен и поранешен пратеник Олександр Онишченко, кој не само што е на потерница во татковината, туку се наоѓа и на црната листа на Соединетите Американски Држави. Официјален Вашингтон верува дека бил член на руската мрежа за влијание врз американските претседателски избори.
Неговата приказна е малку поинаква, но во однос на државниот имиџ, последиците се идентични. Тој, државјанството го доби како џокеј за да ја претставува Македонија во натпреварите во коњички спортови.
Пасошот му го одобриле дури четири државни институции, меѓу кои и Агенцијата за национална безбедност (АНБ). И покрај тоа што АНБ проверувала повеќе од една година, сепак, дала позитивно мислење за Онишченко.
По објавувањето на скандалот, пасошот му беше одземен, двајца службеници од АНБ беа суспендирани, меѓутоа никогаш не дознавме дали се случил превид или можеби некој од агенцијата дал зелено светло за Онишченко, иако знаел за каков профил на човек се работи.
Да не заборавиме дека со легитимни македонски пасоши завршија и куп балкански криминалци и за тоа во затвор лежат само ситните чиновници.
Со овие случаи, Македонија потсетува на хотел Промаја, низ неа лесно циркулираат сите белосветски ликови со сомнителен бекграунд и нивните пари. Нејасно е само дали „рецепционерите“ се неуки и неорганизирани или можеби не пребираат „гости“ зашто важно им е само да прокнижат „ноќевања“ или, пак, едноставно се корумпирани.