Уставен коридор 8 за Мицкоски

Коментар на Владо Апостолов

Мицкоски се откажа од Груевски во весник. Тој во разговор за германскиот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ го обвини својот претходник дека тајно комуницира со владата за да се подели ВМРО-ДПМНЕ со цел да се смени Уставот.

Подолго се шпекулираше за овој раскол, oдредени придвижувања на политичката сцена, какво што е прегрупирањето на луѓе блиски на Груевски околу Данела Арсовска, даваа дополнителни аргументи дека постојат разидувања.

Ако меѓу редови се читаат изјавата и денешниот фејсбук-пост на Мицкоски, лесно може да се заклучи дека тој веќе не е толку убеден дека „никој од ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за уставните измени под бугарски диктат“, и покрај тоа што пратениците потпишуваа изјави на нотар дека нема да попуштат.

Според простата математика и најавите од владата, овој пат, како и за промената на државното име, на власта ѝ недостасуваат осум пратеници за да ги реализира уставните измени, со што би се продолжиле преговорите со ЕУ.

Иако Мицкоски на јавна сцена драматично го преживува расколот, вели „не се работи за лична битка, туку за Македонија“, сепак се чини дека овој политички развод му оди во корист нему зашто, сепак, Груевски е тој што ќе ја плати алиментацијата.

Впрочем, на Мицкоски му се отвора излезна патека, да ја наречеме коридор 8 поради бројот на потребните пратеници, да се извлече од ќор-сокакот во кој се најде играјќи на националната карта – со солиден рејтинг, меѓутоа без странска поддршка и со нула коалициски потенцијал кај партиите на македонските Албанци.

Вака, кога утре би се нашле вмровски пратеници да гласаат за уставните измени, предавникот ќе биде Груевски, а не Мицкоски. Ова е можност, актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, и во случај да поминат уставните измени, спокојно да ги пречека изборите како некој што, сепак, останал на зборот и не попуштил.

Бонус му е тоа што бугарското прашање нема да му стои на патот за евентуална постизборна соработка со партија на македонските Албанци, а и овој, сепак, голем проблем ќе го нема на агендата како евентуален премиер.

Кога на овој начин ќе се антиципира блиската политичка иднина, излегува дека со ваков расплет амбициите на сите партии се задоволени.

Мицкоски би ја задржал пол-позицијата пред изборите вгодина, вклучително и епитетот „патриот што не попуштил пред бугарските барања“, што е важно за неговото гласачко тело. Владејачкиот СДСМ ќе го добие она на што инсистира последнава година – внесувањето на Бугарите во Уставот, како услов за продолжување на европската приказна, нешто што е главен ангажман на партијата.

Без ништо, како што стојат засега работите, нема да остане ниту поранешниот премиер со привремен престој во Будимпешта. Тој практично веќе доби тивка амнестија преку важечките измени на Кривичниот законик, нешто за што наголемо се зборува дека било на агендата на тајни состаноци со Заев, Ахмети и со Пендаровски.

Меѓутоа, додека партиите се преокупирани со минирање на пречките за овој уставен коридор 8, забораваат дека јавноста точно може да процени кои се и изведувачи и подизведувачи на проектов. И тоа нема да им го заборави.