Државата како публика во измамите со брзи кредити

Коментар на Јасмина Јакимова

„Ова мене никогаш не би можело да ми се случи“, многумина помислуваат кога слушаат како нивни сограѓани, познати, роднини биле измамени од луѓе кои ја искористиле нивната наивност и во нивно име зеле таканаречени брзи кредити.

Ги „уловиле“ во моменти кога биле најранливи. Меѓу нив се родители што собирале донации за лекување на своето болното дете, родилка која верувала во хуманоста на странците, самец што мислел дека во ликот зад профилот на Фејсбук можеби се крие идниот брачен сопатник….

Го споделиле она што не треба, исто како што повеќето од нас без сомнеж дозволуваат да им се фотокопира личната карта во банка, на работа, во хотел, продавница. Кога без размислување испраќаме уплатница во школо или градинка, со куп лични податоци на неа. Кога ќе изгубиме или ќе ни украдат лична карта. Во сите овие случаи, со малку инвентивност, криминалните умови користејќи ги дупките во системот, ќе најдат начин за измама, меѓу другото и како да земат брз кредит на туѓо име.

И точно е, измамените луѓе биле лековерни, ранливи, добродушни, невнимателни. Направиле грешка и сега плаќаат за неа. И во рати за кредит кој никогаш не го земале, и во загубено време и нерви.

Тие ќе си платат, системот ќе ги среди проблемите, финансиските друштва ќе ги затегнат процедурите, и тука ќе заврши приказната. Само што не завршува, бидејќи штом системот ќе потфрли од сите страни, бројот на измамени ќе расте, како што се случи изминатата година.

Финансиските друштва, или како што популарно се нарекуваат- продавници за пари, се водени од профит. Колку повеќе кредити ќе дадат, толку поголем ќар ќе имаат.

Блокирана ви е сметката во банка? Нема проблем, парите земете ги во кеш, или како производи.  Ви требаат пари веднаш? Нема проблем, ќе ги добиете за неколку минути. Не можете да дојдете во филијала? Нема проблем, аплицирајте електронски, со слика од лична карта. И селфи со неа, како потврда на идентитетот.

Со оглед на приходот што го имаат, десетици измамени годишно, се на ниво на статистичка грешка за финансиските друштва кои даваат брзи кредити, споредено со вкупниот број клиенти. Можеби затоа и многу од друштвата и не се обидуваат да направат промени, да ги зајакнат процедурите за земање брз кредит, или процесот на идентификација на клиентите кога сета процедура оди онлајн.

Но, зад секоја „статистичка грешка“ се крие човек од крв и месо, со свои желби и проблеми, затечен од измамата, засрамен, разочаран, честопати и немоќен да врати многу пари кои воопшто не ги видел.  Продавниците за пари се карактеристични за сиромашните општества, каде луѓето тешко врзуваат крај со крај. Во такви општества лесно се добива брз кредит, со високи камати кои тешко се намируваат.

Ако на сето ова се додаде лабавата контрола од страна на државата, станува

јасно зошто расте бројот на измамени со чии податоци се земени брзи кредити, но и дека ова однесување ќе продолжи. Освен ако не проработат институциите, и не ги заштитат интересите на своите  граѓани.

Но, наместо тоа, секој си ја префрла топката.

Прво Министерството за финансии кое ги крои законите и издава дозволи за работа на продавниците за пари. Тие се правдаат дека вршат контроли, но во случаите со злоупотреба на личните податоци, упатуваат на Агенцијата надлежна за овој проблем и во МВР.

Од Агенцијата за заштита на личните податоци пак се жалат на мал број вработени, додека во полиција, граѓаните мака мачат со поднесувањето пријави за измами со брзи кредити.

Искуствата покажуваат дека тие се враќани од полициските станици со изговори дека дошле по работно време, и немало кој да прими пријава. Или дека не се надлежни за ваков вид криминал, па биле дури и советувани да ги тужат друштвата, приватно.

Самите истраги траат долго, а правдата е бавна. Иако измамниците оставаат траги на секој чекор, од снимени разговори во финансиските друштва, се до мејлови, мобилни броеви и испратници, преку кои со малку напор, може да им се влезе во трага.

И додека институциите се однесуваат како неснајдени,  бизнисот со брзи кредити расте. Реклами излегуваат „и од фрижидер“, а продавници за пари никнуваат на секое ќоше. „Од апликација до пари на сметка за само 10 минути“, ветува една од рекламите. Сумите што се даваат стигнуваат и до неколку илјади евра.

Излез од проблемот има, во почести контроли и поажурни институции. Ако банките мора да инсистираат на многу верификации и користат софтвери за потврда на идентитетот со висок степен на заштита, зошто тоа да не го прават и сите финансиските друштва. Дел од нив веќе се свестуваат, ама без посилен притисок од државата, тешко се прават промените. А државата и нејзините институции се оние кои го поставуваат правилата на игра.

Кога е општ хаос како сега, губитници се граѓаните. Измамените научиле лекција по потешкиот пат, но во систем кој недоволно се грижи за сопствените граѓани – сите сме потенцијални жртви.

Неприфатливо  е товарот да се струполи само на жртвите, а другите да бидат нема публика. И тие во еден момент сигурно, слушајќи ги приказните за измамници, си рекле „Ова мене никогаш не би можело да ми се случи“.