Насилство во училишта: Од „таков е животот“ до нови протоколи

Коментар на Фросина Димеска

Шестгодишно дете е меѓу поситните во класот. Тукушто почнало во прво одделение. По неколку недели на училиште, еден покрупен соученик го фаќа за врат во аголот на ходникот. Го дави. За среќа, ништо животозагрозувачко не се случува, но детето има траума.

Родителот го адресира проблемот прво кај одделенската наставничка. Одговорот од неа е – тоа е животот, мора да се навикне, малку отпорен да биде… Многу е нежен, мора малку погруб да стане.

Второ, родителот на детето-жртва се обраќа кај родителот на детето-насилник. Одговорот од таму, пак, е – многу се потресувате, деца се и во наше време беше така, со закачки и кошкања растевме.

Ова е искуството на родител од пред некоја година во едно скопско основно училиште. Затворен круг во кој неуспешен останува обидот да се пријави  насилничко однесување.

Со години, и меѓународните организации како УНИЦЕФ, на пример, алармираа за бројките што го покажуваат врсничкото малтретирање. Во 2018 година, организацијата објави испитување на јавното мислење, во кое детектираше дека дури 42 отсто од учениците на возраст од 13 до 15 години пријавиле дека доживеале врсничко насилство во и околу училиштето.

Организацијата имаше и неколку итни препораки, како на пример создавање училишна средина, во која секој ќе се чувствува безбедно, сигурно и ќе има чувство на припадност, информирање на училиштата за ефектите од траумата…

Годиниве наназад, разни институции имаа препораки за справување со булингот. Такви документи може да се најдат од пред години и на интернет-страниците на Агенцијата за млади и спорт или на Министерството за информатичко општество и администрација.

Сепак, најпрецизниот документ е објавен во август 2020 година и произлегува од Законот за основно образование, кој е донесен во 2019 година.

Тогаш, Министерството за образование и наука донесе „Упатство за постапка за пријавување и заштита на ученик-жртва на која било од формите на насилство, злоупотреба и занемарување“.

Ова е долгото име на, исто така, долгиот документ врз чија основа училиштата треба да постапуваат во случај на таканаречен булинг. Oбјавен e на интернет-страницата на Министерството за образование и на некои основни училишта.

Детално, на педесетина страници во него се објаснува што е врсничко насилство, кој и како треба да реагира, како се класифицираат различните видови насилство, а предвидени се и парични казни за директорите што нема да преземат ништо.

БИРН, минатата недела испрати прашања до неколку скопски основни училишта за постапките што ги преземале врз основа на овој правилник за спречување насилство. До објавувањето на текстов, одговор не добивме од ниту едно.

Крвавиот ден во Белград, во кој ученик уби 8 соученици и чувар, а повреди повеќемина, меѓу кои и наставничка, предизвика силни реакции и тука, речиси како да се случило во земјава.

Надлежните најавија итна акција, но начинот на кој го прават тоа изгледа како првпат да слушаат за булингот во македонските училишта. Се држат состаноци, се формираат стручни тимови, се разгледува можноста за забрана на Тик ток, МОН отвори и имејл на кој учениците, родителите и граѓаните можат да пријават инциденти…

Дури има и дневни информации колку пријави досега стасале на официјалниот имејл за пријавување врсничко насилство.

Две и пол години откако е објавено упатството за пријавување врсничко насилство и повеќе од една година откако актуелниот министер за образование, Јетон Шакири, е на таа позиција, нема информации колку случаи на насилство се регистрирани, дали е реагирано и како? Има ли санкции, постои ли тренд на подобрување или влошување?

Наместо тоа, како реакција на вознемиреноста поради настаните во Белград, министерот се однесува како сега да е откриен проблемот. Сега се најавуваат нови протоколи и прирачници, ама за од септември, а резултатот од спроведувањето на досегашното упатство никаде ги нема.

Воедно, министерот најавува дека ќе се разгледува со каков кадар психолози и педагози располагаат училиштата, иако на интернет-страниците на училиштата, во рамките на годишните извештаи, се наведуваат сите податоци, па и овие што министерот најавува дека ќе ги разгледува.

Со други зборови, вечната болка на македонското образование – постојано да се почнува одново, заборавајќи и игнорирајќи што е направено претходно и овојпат е на дело. Врсничкото насилство не е проблем што го откриваме по настаните во Белград. Она што треба да се открие е до каде е со борбата против него? Барем на хартија, па да се тргне од таму, од слабостите, но и од предностите од примената на упатството доколку ги има.

Наместо тоа, надлежните за од септември најавуваат нови протоколи, нови упатства и нови стратегии и јавни изјави, кои повеќе наликуваат на личен маркетинг отколку на искрена и реална желба нешто навистина конечно да се промени.

А, во меѓувреме, детето од почетокот на овој текст го смени училиштето.

Насловна фотографија: Pexels, Mikhail Nilov