Крвава бајка

Три дена гледаме крвав пир во Србија. Дете уби деца. Соученици. Врсници, небаре испортретирани низ стиховите „во иста година биле родени, исто им течеле школските денови, на исти свечености биле водени, од исти болести вакцинирани и сите умреле во ист ден“.

Само двесте метри подолу од местото на кое малолетниот убиец донел молотови коктели и испукал 50 и кусур куршуми, улицата го носи името на Десанка Максимовиќ, поетесата која свирепото убиство на „чета ученици“ го овековечи во споменатите стихови од нејзината најпозната песна „Крвава бајка“.

Само што нештата се неспоредливи. Учениците од Крагуевац, за кои таа ги пишува славните стихови, биле стрелани од германските окупациски сили во почетокот на Втората светска војна. Денес чета ученици е стрелана во мир. Уште шест деца се повредени, две се борат за живот. Повредена е и наставничка, убиен добриот чичко – училишниот чувар.

Следниот ден, друг ученик на друга локација со нож нападнал ученик и наставник. И како претходново да не беше доволно страшно и трауматично, вчера нов крвав пир во селата околу Младеновац однесе уште 8 жртви и десетици повредени.

На ова ниво сме сите на Балканот. Само што премалку се зборува за тоа. Но, децата го гледаат, се фрустрираат, се срамат од своите образовани, ама неуспешни родители, кои не се „снашле“

Светот отиде по ѓаволите. Но, тоа не е од вчера. Од поодамна се испуштени конците, и во Србија, и кај нас, и во регионот, генерално, иако до вчера мислевме дека тоа најчесто се случува преку океанот.

Ништо не е случајно, ниту доаѓа преку ноќ. Чинот кога ученици ќе ѝ го поместат столчето на наставничката за да падне, и за тоа ќе се молчи сѐ до денот кога снимка од тој „подвиг“ ќе биде објавена и ќе стане вирална, е само површен симптом за терминалната фаза од болеста со која е зафатено образованието.

Тоа образование е одамна убиено, треснато од земја, не од наставниот кадар, туку од креаторите на политики што не го чуваат и унапредуваат, туку оставаат други „учители“ да ја преземат образовната палка. Антихерои, криминалци, ријалити авантуристи, старлети, беливуци, црнивуци и недораснати политичари, едни брзи на оружје, други на вербалното чкрапало, секој од нив во својата бранша држи јавни лекции, станува модел на однесување, а општеството не наоѓа сили да постави брана и да ги испрати на буниште. И сега се стигна до ниво од кое подолу од тоа не може. Освен во пресни гробови, за жал.

Образованието одамна е понижено како дејност. Не само поради ниските плати и уривањето на авторитетот на наставниот кадар, туку и поради испраќањето разни пораки за неговата небитност. Како се праќаат тие пораки? Со тоа што ќе го обесмислиш и обезвредниш системот до тој степен, па филтерот ќе пропушта необразован и криминален џган што побрзо и полесно да стигнува до лостовите на одлучување. Речиси до општествениот врв.

А потоа, истиот тој џган оттаму ќе испраќа порака дека не е важно дали си необразован, туку дали можеш добро да се снајдеш. И дека на џганот баш му е гајле што моделот на „снаоѓање“ е во целосна спротивност со некаков општествен морал и со системот на вредности и меритократија.

На тој џган денес му се поклонуваат власти, судии му бакнуваат рака, деца на тој џган доаѓаат во училиште со мобилни телефони поскапи од месечната плата на професорите. Мислат дека сѐ им се може, дека може да дисциплинираат соученици, наставници, а ако професори или директорот нешто мрчат, „тато може и да ги смени“.

Состојбата ќе се врати во нормала кога и професорите, и образовниот процес на социјалниот капитал на држава ќе бидат вратени таму каде што им е местото – на главниот општествен и системски пиедестал

На ова ниво сме сите на Балканот. Само што премалку се зборува за тоа. Но, децата го гледаат, се фрустрираат, се срамат од своите образовани, ама неуспешни родители, кои не се „снашле“, па сега си скенираат фискални сметки и не можат да им купат на децата ниеден пар патики, додека други складираат имоти и богатства.

Значи, кој ги учи дека не вреди да се учи? Ги учи животот, секојдневието, епилозите од глумењето судски процеси, уверувањето дека парата на пара оди, дека парата буши каде што бургијата не може, дека си некој и нешто ако кршиш закони и никој ништо нема да ти може, сѐ додека палиш и гасиш со длабочината на џебот, а не со длабочината на умот.

Тоа го гледаат децата, и така се „образоваат“. Е па да не се чудиме ако еден ден и тие посакаат на тој начин да се „истакнат“, а ние како генерали по битка да мрмориме, „леле, не ми се верува, беше мирно дете, многу љубезно, од каде сега вакво нешто?“

Е оттука де, од мижењето пред грдата пракса, пред извртените вредности, кои во главите на децата создаваат хаос и конфузија, зашто во училиште учат за едни вредности, а низ секојдневието гледаат дека нешто друго е на цена.

Состојбата ќе се врати во нормала кога и професорите, и образовниот процес на социјалниот капитал на држава ќе бидат вратени таму каде што им е местото – на главниот општествен и системски пиедестал, а не во слепата улица, каде што се потиснати од гневот на вечните повторувачи. Во моментов, за жал, на повидок нема такво нешто.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија