Анализи

Македонија не покажала интерес да ја укине банкарската тајност

Новиот заеднички стандард за размена на банкарски податоци промовиран од ОЕЦД, меѓународната заедница ќе го применува од 2017 година. Македонија воопшто не одговорила на писмото испратено од оваа меѓународна организација

Моника Батија ОЕЦД

Моника Батија од ОЕЦД: До сега не сме добиле никаков одговор или комуникација од Македонија за други рокови или намера за потпишување на Договорот

Новиот заеднички стандард за размена на банкарски податоци промовиран од ОЕЦД, меѓународната заедница ќе го применува од 2017 година. Македонија воопшто не одговорила на писмото испратено од оваа меѓународна организација

Македонија воопшто не покажала интерес да потпише договор со уште педесетина земји за автоматска размена на банкарски тајни податоци со што би се вклучила во борбата против затајување даноци на глобално ниво. Од Министерството за финансии, и покрај тоа, велат дека во власта постои интерес, но најпрво треба да се потпише Конвенцијата на Организацијата за економска соработка (ОЕЦД) која се однесува на размена на банкарските тајни.

Како што велат и од ОЕЦД и од Глобалниот форум за транспарентност и размена на информации за даночни цели, земјава сè уште не е подготвена за примена на новите стандарди за автоматска размена на банкарски податоци за спречување на одбегнувањето плаќање даноци и поради тоа е понудена помош, но и пофлексибилни рокови.

Од Глобалниот форум, кој се одржа во Берлин кој крајот на октомври, за БИРН велат дека пратиле писмо со покана до македонската влада, која воопшто не одговорила на поканата.

„До сега не сме добиле никаков одговор или комуникација од Македонија во која се посочуваат други рокови за имплементација или намера за потпишување на МЦАА“, вели претседателката на Секретаријатот на Глобалниот форум, Моника Батиа.

Таа посочува дека Претседателот на Форумот испратил писмо до Македонија во кое земјата е поканета да размисли дали може да направи заложба дека ќе го имплементира новиот стандард за автоматска размена на информации во рамки на рокот до 2017 или 2018 година.

Кон средината на 2012 година, британски „Гардијан“ објави податок дека македонските бизнисмени имаат оф-шор богатство вредно 2,2 милијарди долари депонирани на сметки во банките во земјите популарно наречени „даночен рај“.

Финансиските институции на земјите потписнички ќе собираат податоци за корисниците на банкарски сметки како што се: нивното име, дата и место на раѓање, адреса на живеење, број на сметка, биланс на сметка, како и финансиски приходи. Овие податоци ќе се праќаат до компетентни меѓународни тела, кои ќе вршат проверки на квалитетот на податоците и ќе видат дали има погрешни или неточни податоци. Потоа, сите потписнички на договорот ќе можат да добијат копија преку сигурна енкрипција и ќе можат да ги разменуваат податоците.

Станува збор за Договор за автоматска размена на банкарски информации што го потпишаа претставници на 51 земја. Главната цел на Договорот се сметките на бизнисмените кои имаат пари во странство и не плаќаат данок.Иако се проценува дека македонски бизнисмени имаат 2 милијарди и 200 милиони долари на оф-шор сметки во земји кои се нарекуваат „даночни раеви“, нивниот идентитет нема да биде откриен сѐ додека државата не го потпише Мултилатералниот договор за компетентни авторитети (МЦАА). На банкарските сметки во овие оф-шор дестинации, од кои повеќето го потпишале договорот, најчесто завршуваат пари со сомнително потекло за кои не се плаќа данок, кои анонимно се чуваат, „се перат“ и како легални пари се влеваат во државата.

Мултилатералниот договор за компетентни авторитети (МЦАА), кој беше потпишан во Берлин на 28 и 29 октомври, ја предвидува конкретната рамка за автоматската размена на информации.

Проблем на процедура или на капацитет

Договорот потпишан во Берлин се базира на претходна Конвенција на ОЕЦД која се однесува на размена на банкарските тајни. Оваа Конвенција Македонија сè уште ја нема потпишано. Од Министерството за финансии велат дека за да може да се спроведе договорот за даночна соработка, кој се потпиша во Берлин, треба првин земјата да е потписничка на Конвенцијата за меѓусебна соработка за даночни цели на ОЕЦД.

„Македонија е повикана да ја потпише оваа Конвенција и ние одговоривме позитивно. Постапката е во процедура“, велат од секторот финансии.

Македонските пари на оф-шор сметките покриваат околу 35 отсто од вкупниот надворешен долг на земјата, кој изнесува околу 6 милијарди долари.

„Земјите во развој, коишто немаат финансиски центри, посочија дека имаат потешкотии од аспект на низок капацитет за имплементација на Автоматската размена на информации (АЕОИ) во така амбициозни рокови“ вели Саин-Аман за БИРН. Овие ограничувања на капацитетот вклучуваат и недостиг од луѓе, но и од знаење, како и техничка инфраструктура и финансирање.Како што вели за БИРН директорот на Центарот за даночна политика на ОЕЦД, Паскал Саин-Аман, Македонија е во групата на земји кои немаат доволен капацитет за примена на автоматската размена на информации до 2018 година.

Сепак, и покрај тоа, овие земји биле охрабрени преку писмо до министрите за финансии да учествуваат во АЕОИ. Тие можеатда добијат пофлексибилни рокови, а била понудена и помош при подготовката. „И Албанија и Македонија се вклучени во таа група на земји“, вели Саин-Аман.

Од списокот на земјите потписнички на Договорот се гледа дека без оглед на оценката на ОЕЦД, Албанија го потпишала на министерско ниво, а од регионот таму се и Хрватска и Грција.

Не се адресираат перењето пари и корупцијата

Но, и новиот стандард на ОЕЦД за автоматска размена на информации не остана без конструктивна критика. Првичниот извештај на Мрежата за праведно оданочување (Tax Justice Network), објавен кон почетокот на ноември, се нарекува „Крај на банкарската тајност? Премостувајќи го јазот кон ефективна автоматска размена на информации“. Главната забелешка е дека податоците ќе се користат само против евазијата на даноци, а не против перењето пари и корупцијата. Оттаму тој се посочува како чекор во добра насока, но далеку од конечно решение.

Авторите Анрес Кнобел и Маркус Мајнцер објаснуваат дека овој стандард делумно им овозможува на вистинските сопственици на оф-шор компаниите да останат анонимни, бидејќи минималниот износ за собирање на податоци е 250.000 долари.

„Првиот проблем е во вештачките ограничувања кои се вклучени, а се однесуваат на употребата на податоците во борба против перење пари и корупција. Овој стандард е ограничен на употреба на податоците за даночна евазија и категорично забранува размена на информации со полицијата, што спречува заедничка борба против корупцијата и перењето пари“, се вели во извештајот.

Од Мрежата за праведно оданочување сега очекуваат ОЕЦД да ги прифати забелешките и делумно да го измени стандардот пред да се имплементира.