Вести

Македонскиот рубин ќе излезе од сферата на сивата економија

Необработени македонски рубини | Фото: БИРН

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе почне институционален процес за заштита на македонскиот рубин, односно на минералот познат како корунд. Ова го соопштија од Министерството по денешниот состанок на министерката Сања Божиноска со претставници на Геолошкиот завод и на Заводот за индустриска сопственост, на кој договориле конкретни чекори за овој минерал да добие официјален статус на заштитено национално минерално наследство.

„Македонскиот рубин, единствен по своето потекло и својства, заслужува институционална заштита и признавање како национално богатство. Ова е само почеток на поголем процес на заштита, вреднување и меѓународна промоција на македонското минерално богатство“, изјави министерката Божиновска.

Минералот корунд се наоѓа единствено во околината на Прилеп и во Мариово, и е единствен природен рубин во Европа. Има црвеникава боја поради присуството на хром.

БИРН пишуваше дека со години со овој минерал се тргува и во продавници и онлајн, се обработува од локални мајстори, од кои дел не си го откриваат идентитетот, а македонски официјални делегации дури го давале на странски гости, иако тој нема официјална регистрација, која е потребна за да може да се потврди автентичноста и вредноста.

Овој наод беше содржан во обемен извештај од Државниот завод за ревизија за експлоатацијата на минерални суровини, објавен во 2024 година. Во обемниот документ од 114 страници има две страници посветени токму на проблемот со корундот, за кој ревизорите истакнале дека, иако шест години претходно бил нарачан и изработен елаборат, постапката за заштита никогаш не завршила, што значи дека трговијата со рубинот била оставена во сферата на сивата економија.

Екипа на БИРН, минатата година ја посети прилепската чаршија, каде што се продаваа производи со македонски рубин. На прашањето како купувачите се сигурни во автентичноста, кога за минералот државата не издала документи, трговците ни рекоа – тие што знаат, можат да го препознаат.