Суд сместен во станбена зграда, канцеларии претворени во судници, судови сместени во згради во кои има уште по три државни институции, теписон и мебел стари 40 години, и рочишта што се снимаат на цедеа.
Ако на тоа се надоврзе и преполовениот број судии од 363, од потребните над 600, и недостигот од судски службеници и администрација, заклучокот е дека македонското судство мора да импровизира за да преживее.
Приливот на предмети расте, а просечното време за решавање на случаите во некои судови се мери во години.
Наспроти изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека процентот што се издвојува за судството од домашниот буџет е повисок од некои земји-членки на Советот на Европа, статистиката покажува дека реалниот износ е меѓу најниските.
Суд во станбена зграда

Вишиот управен суд е сместен во станбена зграда во скопски Карпош | Фото: БИРН
Најилустративна слика за тоа каква е состојбата со македонското правосудство е Вишиот управен суд. Овој суд одлучува за жалби во чувствителни случаи за туѓа нега, за лекови, денационализација, но и за тендери и царини.
Откако е формиран во 2011 година, судот е сместен во станбена зграда.
„Овде се, ама не знам дали воопшто работат“, ни одговори случаен минувач на прашањето дали знае дека во таа зграда постои суд.

Претседателката на Вишиот управен суд Лидија Ѓоргиевска | Фото: БИРН
Побаравме дозвола да влеземе во зградата. Претседателката на судот, Лидија Георгиевска потврди дека условите се несоодветни, но рече да се преслушнеме за некој ден. По неколку дена ни кажа дека биле во преговори за менување на локацијата, да им дозволиме „да го завршат процесот.“
Во зградата, нема класична судница. „Јавните седници се закажуваат и се одржуваат во кабинетот на претседателот на судот“, пишува во извештајот на Врховниот суд за состојбата низ судовите во 2024 година.
Судиите работат во мали простории, по двајца во една. Просторијата наменета за состаноци, всушност, е писарница во која работат петмина судски службеници. Лани овој суд го обезбедувал само еден судски полицаец.
Уште поголем проблем од просторните услови е бројот на судии. Од 13, колку што се предвидени, лани работеле само шестмина судии. Од нив еден е претседател. Тоа се и причините поради кои судот не го совладал приливот на предмети и затоа е оценет како неажурен суд. Во просек за одлучување во еден предмет на овој суд му требале 943 дена, или приближно две и пол години.
Во време кога европските судови сѐ повеќе вградуваат нови сегменти од дигитализацијата, Вишиот управен суд и Управниот суд меѓу себе не беа електронски поврзани. Тоа се случи дури на 10 декември годинава со воведувањето на софтверот „ЕПУС.“
Но, останатите судови меѓу себе не се дигитално поврзани.
И судот и УЈП и Обвинителството и Катастарот
Во кратовскиот суд треба да се сменат дотраените дрвени врати, да се среди архивата што се чува во подрум, кој е влажен, да се реновира санитаријата. Постојниот мебел е стар 40 години. Судот има само едно возило од пред 36 години, постојано е во дефект, нема клима и греење, а неговото сервисирање е скапо.
Кога нотарите ќе заминат во пензија, нотарската архива треба да се пренесе во судот. Но, во граѓанскиот суд во Скопје, како втор по бројот на предмети во земјава, „нема просторни можности за преземање на нотарската архива за чување“. Простор нема ниту за тековни и решени предмети, бидејќи сите случаи се водат на хартија.
Во беровскиот суд треба да се реновира зградата. Во делчевскиот суд, пак, во зградата е и јавното обвинителство. Слично е и во Гевгелија и во Тетово… Во зградата на судот во Радовиш се и Обвинителството, УЈП и Катастарот.
Да не беше кочанскиот суд само со пет судии и да имаше поголема судница, предметот за дискотеката „Пулс“, веројатно, ќе се судеше во градот каде што се случи трагедијата. Судот има само петмина судии, половина од предвидените. Поради немањето доволен број судници, најголем дел од граѓанските предмети судиите ги одржуваат во нивните канцеларии. Нема просторија за записничарите и за адвокатите, а просторот за архива e недоволен за сместување на aрхивата.
Во зградата, изградена во 1968 година, не се наоѓа само судот, туку уште две други институции: кочанското обвинителство и државното правобранителство.
Гостиварскиот суд, пак, нема лифт и оневозможен е пристап за граѓани со попреченост, треба да се реновира судницата и салата каде што се чуваат серверите.
Во тетовскиот суд, пак, иако било инвестирано во фасадата и во покривот, има проблеми со греењето поради дотраената инсталација. Детекторот за метал не работи, а треба да се смени мрежата за интернет.
„Свадбарска“ камера и технологија од минатиот век
Додека во естонските судови се користи вештачка интелигенција, која говорот на судењата веднаш го претвора во текст, во македонските судови има записничари и цедеа.
Судењата претежно се снимаат само тонски, а во мал број и со видео.
Светските статистики покажуваат дека во 2025 година, помалку од 10 отсто од произведените компјутери содржат уред за читање цедеа – што е веќе застарена технологија за репродукција. Сепак, единствено таа користи во македонските судови. Адвокатите мора да бараат постари модели на компјутери за да ги прегледаат записниците од судењата.

Во судските кулоари уште провејува анегдотата што се раскажува за користењето на „камерчето“ во судницата на Кривичниот суд, која го доби прекарот „свадбарска.“ Поради неа беа одлагани судењата за предметите на специјалното јавно обвинителство. Сите бранители настојуваа да се снимаат судењата, што е законска обврска. Но, бидејќи судот немаше камера за секоја судница, рочиштата често се презакажуваа.
Иако објавата на пресудите е законска обврска, на веб-страницата на Кривичниот суд објавени се само шест пресуди од почетокот на годината.
Судовите имаат систем за електронска достава до адвокатите, но таа е еднонасочна, односно адвокатите не можат електронски да доставуваат материјали до судот. Судењата се водат хартиено. Кога е чувањето на хартијата во прашање, судовите и тука имаат мака.
Во извештајот на Врховниот суд за судовите во 2024 година е нотирано дека во кратовскиот суд се користи оперативен систем Виндоус икс-пе, за кој последната безбедносна и техничка поддршка истече во 2014 година.
Во тетовскиот суд, мрежата што ја имаат не кореспондира „со брзината и квалитетот на работа на апликациите и компјутерската опрема што ја користи судот.“
Преполовен број судии и кадар
Во скопска апелација, најголемото апелационо подрачје во земјава стигнуваат предмети од двата најголеми скопски суда, кривичниот и граѓанскиот, но и предмети од Велес, Гевгелија, Кавадарци, Кратово, Крива Паланка, Куманово и од Неготино.
За сите нив, по систематизација, треба да одлучуваат 55 судии, а лани годината завршила со 33.
Слично е и во битолска Апелација. Предвидени се 25 судии, а работеле само седум. Овие состојби се пресликуваат и во највисокиот суд. Од 28 предвидени судии до лани, во Врховен суд имаше само 11, а годинава има 14.
Во 2019 година, во Македонија имало 499 судии. За пет години, бројот паднал на 363 судии, додека бројот што е потребен според систематизацијата е 639.

Беровскиот суд има само еден судија што е делегиран од друг град. Во Крушево бил ангажиран само еден судија, кој е и претседател на судот. Тој ги работел сите 2.370 предмети што стигнале.
Прилепскиот суд нема книговодител, а во светиниколскиот суд немало вработено судска полиција што ќе го обезбедува судот.
Благајникот е и возач во кратовскиот суд. Таму работи еден претседател и еден судија. Тие постапувале по сите речиси 3.000 предмети годишно.
Недостиг на стручен и технички кадар има во сите судови што тоа влијае врз брзината на решавањето на предметите.
На пример, во граѓанскиот суд, според податоците на Судскиот совет, просечното време за решавање на предметите е 927 дена, односно две и пол години. Основниот суд во Дебар, пак, просечно решава случај за 82 дена.
На една од последните седници на Судскиот совет, членот на ова тело, судијата Ивица Николовски рече дека „Се зголемува бројот на предмети, а се намалува бројот на судии“, алудирајќи на слабата кадровска и техничка екипираност. Николовски говореше дека не може да има ажурно и модерно судство со стара опрема и со преполовен кадар.
На работ на финансиска одржливост

Кутии со судски списи | Фото: БИРН
Институтот за судска медицина за реализирани, а ненаплатени вештачења од сметката на судот во Велес, по пресуда, преку извршител си повлекол околу 140 илјади евра. Ова е само еден од наодите во извештајот за 2024 година на Судскиот буџетски совет, единственото тело што се грижи за финансиите на судовите.
Овој мал пример ја открива големата слика: недостигот од пари е хроничен. Во него пишува дека лани, наместо законски предвидените 70,1 милиони евра, добиле вкупно 45 милиони евра.
Судско-буџетскиот совет смета дека, наместо во секој суд да се прават посебни јавни набавки, треба да се воспостави професионална служба што ќе ги снабдува судовите на ниво на апелациско подрачје.
Од нив, над 82 отсто се за плати и надоместоци. За опрема и одржување се нешто над пет проценти. За овие проблеми пишуваше и Европската комисија во извештајот за напредокот на земјава во 2025 година.
За судската власт, од 2015 година треба да се издвојуваат најмалку 0,8 отсто од македонската економија, но тој процент никогаш не е обезбеден. Иако издвојувањето како вкупен процент е во рамки или над некои земји-членки на Советот на Европа, износот за судство што се издвојува по жител е еден од најниските во Европа.
Maкедонија, во 2024 година издвојувала по 0,39 отсто од БДП за судството. Тоа е над процентот што го издвојува Словенија, 0,38. Но, со оглед на тоа што словенечката економија е мошне посилна од македонската, во номинален износ по жител, Словенија издвојува 107,1 евра, а Македонија 24,6 евра.
Сите проблеми со кои се соочува судството, неминовно го отвораат и прашањето за ажурирање на судската мрежа во државата и дали бројот на судии одговара за потребите. Последната анализа за тоа какви се потребите е од 2018 година.
Со други зборови, прашањата на кои многу години нема системска анализа е дали во некои места каде што според последниот попис населението е помало, наместо судови, да постојат одделенија и дали и каде треба да се ревидира бројот на судиите.
Правничката Ивана Петковска, која долги години го мониторира македонското правосудство, вели дека доколку продолжи праксата на занемарување на инвестирање во судството, „во иднина може да се соочиме со целосен колапс на судскиот систем“, што ќе влијае врз пристапот до правда за граѓаните.
Приоритет, според неа, е „екипирање на судовите со стручна служба“, „судовите да се унапредат и со нова компјутерска технологија“ затоа што еден дел немаат доволно печатачи, скенери и друга опрема што е неопходна за брзо и ефикасно работење.
Дури откако сево ова ќе биде исполнето, судството може да цели кон целосна дигитализација.

