Регион

Мала доза на оптимизам како резултат на повоената реторика на помирување

Одсуство на националистички инциденти во 2020 година дадоа одредена надеж, но гонењето воени злосторници се уште со мал напредок

За разлика од претходните години, во 2020 година, комеморациите во Хрватска, посветени на настаните од војната во 90-тите, поминаа со минимум инциденти и националистичка реторика.

Во септември, премиерот, Андреј Пленковиќ, водач на конзервативната Хрватска демократска заедница (ХДЗ) и претставниците на српското малцинство, ја одбележаа 25-годишнината од убиствата на Србите во селото Вариводе – еден од неколкуте инциденти што се случија за време на операцијата на хрватската војска, „Бура“.

Комеморацијата во Вариводе беше втора комеморација оваа година, одржана во знак на сеќавање на Срби, убиени во 1995 година, на која присуствуваа високи хрватски функционери. Првата се одржа во август, на годишнината од масакрот во селото Грубори, во присуство на претседателот, Зоран Милановиќ, и министерот за одбрана, Томо Медвед.

Бројни набљудувачи ги поздравија овие активности како чекор кон помирување и нормализирање на односите меѓу Хрватите и Србите во Хрватска, кои 25 години, колку поминаа од крајот на конфликтот, беа постојано напнати.

Во август, хрватските водачи присуствуваа на прославата на годишнината од операцијата „Бура“, која го најави крајот на војната, но истовремено предизвика од Хрватска да избегаат околу 200 000 Срби. За време и по операцијата, беа убиени околу 600, претежно постари српски цивили.

На комеморацијата, Пленковиќ истакна дека оваа операција е „нашата најголема победа“, но изрази и жалење за сите жртви „не само Хрвати, туку и Срби“.

„Со тага се сеќаваме на стотиците илјади бегалци, кои беа протерани од своите домови“, рече Пленковиќ.

Одбележана годишнина од убиството на српското семејство Зец

Друг настан што претставува чекор напред кон помирувањето, беше присуството на Борис Милошевиќ, политичар од редовите на Самостојната демократска српска партија (СДСС) и потпретседател на Владата на Хрватска, на државната прослава.

Милошевиќ претходно изјави дека не може да ги прости извршените злосторства, но дека е „решен да стори сѐ што може, за да му помогне на српското малцинство во Хрватска“. Тој присуствуваше на комеморацијата и покрај повиците на политичките лидери од Србија, да не учествува во прославата.

Тој и минатиот месец беше присутен на одбележувањето на 29-годишнината од падот на Вуковар во рацете на Југословенската народна армија (ЈНА) и српските паравоени формации, што е клучен воен настан за Хрватите.

Пораки за помирување беа слушнати и на комеморациите во Јасеновац. Бројот на жртви во овој поранешен усташки логор со години е фокус на спорови, бидејќи десничарите и националистите се обидуваат да го намалат бројот на жртви, кои настрадаа во него.

Во април оваа година, за прв пат по 2016, високи хрватски функционери, антифашистите и водачите на српската, ромската и еврејската заедница, одржаа заедничка комеморација за жртвите од логорот Јасеновац.

Малцинските заедници, во последните години, ја бојкотираа државната комеморација во Јасеновац, тврдејќи дека властите не преземаат вистински мерки за запирање, па дури и ограничување на ревизионистичкото негирање на холокаустот.

Сепак, иако, со доза на големо внимание, овие комеморативни настани беа поздравени како намалување на националистичката реторика и израз на напорите за помирување, се постави прашањето дали можеби до ова дојде бидејќи ХДЗ веќе имаше формирано Влада по изборите одржани на почетокот на оваа година, имајќи предвид дека изразите на национализам обично се јавуваат пред избори, кога десничарите се обидуваат да освојат политички поени преку националистичка реторика.

Многу експерти, исто така, го поставија и прашањето, кога Владата, по овие симболични активности, ќе премине на решавање на конкретните проблеми – казнување на сторителите на воени злосторства, пронаоѓање на исчезнатите во војната или подобрување на положбата на српското малцинство во Хрватска.

Сепак, не сите настани беа позитивен знак. Така, претседателот Милановиќ, кој доаѓа од редовите на социјалдемократите, и кој дојде на власт во февруари по изборната кампања под слоганот „Војните завршија“, беше критикуван поради тоа што им додели признание на повеќе единици на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), кои учествуваа во војната во Босна и Херцеговина.

Генералот, Златан Мијо Јелиќ, обвинет за злосторства врз бошњачки цивили, исто така, доби одликување.

Напредокот во гонењето за воени злосторства „стагнира“

Бранимир Главаш во судница. Фото: Бета, Хина, Денис Цериќ, МО

Напредокот во судењата за воени злосторства беше забавен со мерките за спречување на ширењето на корона вирусот, наметнати во пролет. Но, дури и пред пандемијата, невладината организација, „Куќа на човековите права“ (КЧП), со седиште во Загреб, во својот годишен извештај за состојбата со човековите права во Хрватска, објавен во април, напиша дека гонењето на воените злосторства „стагнира“.

Хрватска, исто така, ја продолжи својата често критикувана практика за одржување на судењата за воени злосторства во отсуство на обвинетите лица, бидејќи многу од нив се Срби кои веќе не живеат во земјата.

„Наместо да се подобри регионалната соработка со судствата во земјите каде живеат обвинетите за воени злосторства, бројот на судења во отсуство сѐ повеќе се зголемува“, соопшти КЧП.

Во март, Окружниот суд во Загреб, во отсуство ги прогласи Милан Мартиќ, поранешен претседател на самопрогласената Република Српска Краина (РСК) и неговиот воен командант, Милан Челекетиќ, за виновни за ракетни напади врз хрватски градови, извршени во 1995 година.

Исто така, во декември, поранешните српски паравојници, Душан Жарковиќ, Богдан Једнак и Душан Мартиќ, во отсуство беа осудени на по 15 години затвор, за убиства на хрватски цивили во селото Јошевица, централна Хрватска, извршени во ноември 1991 година.

Кога станува збор за воените злосторства врз хрватските Срби, треба да се спомне дека Врховниот суд во мај ја потврди пресудата со која поранешниот воен командант, Јосип Крмпотиќ, беше осуден на три години затвор, за воени злосторства врз цивили, извршени за време на операцијата „Медачки џеб“, во јужна Хрватска. Крмпотиќ беше ослободен од обвиненијата дека не спречил убиство на воени затвореници.

Во меѓувреме, во децениското судење на поранешниот хрватски пратеник и воен генерал, Бранимир Главаш, на кој повеќепати му се судеше за злосторства врз српски цивили извршени во Осиек во 1991 година, повторно дојде до одложување.

Според Окружниот суд во Загреб, случајот Главаш ќе биде дополнително пролонгиран, бидејќи судијката претседавач беше назначена за судијка во новооснованиот Висок кривичен суд, кој ќе започне со работа во 2021 година, а нејзините случаи ќе бидат прераспределени на други судии.

„Ова значи дека сослушувањето мора да започне одново и сите докази мора да бидат презентирани повторно, затоа што претседателот на советот ќе се смени. При тоа, записниците од претходните сослушувања на сведоците и вештаците може да бидат и прочитани, доколку тие биле испитани на расправите во присуство на странките“, изјави за БИРН портпаролот на судот.

Хрватската невладина организација, Документа- Центар за справување со минатото, соопшти дека судиите треба прво да ги завршат своите првостепени судења, пред да ја преземат новата функција, особено кога станува збор за судењата за воени злосторства, бидејќи тие се најтешки кривични дела.

Главаш, кој првично беше уапсен во 2006 година, продолжува да ги негира обвинувањата.

Хрватска и Србија „договорија потрага по исчезнатите лица“

Фотографија на Клајд Сноу, од првичната истрага за масовната гробница на Овчара. Извор: МКТЈ.

Дваесет и пет години по завршувањето на војната во Хрватска, конечно е подготвен закон со кој ќе се утврдат правата на цивилните жртви на конфликтот, на родителите на убиените деца, на децата чии родители се убиени и на семејствата на исчезнатите лица. Хрватската Влада очекува Собранието наскоро да го усвои овој закон.

Во ноември за нацрт-законот, се одржа онлајн јавна расправа. Голем број на организации вклучени во ова прашање, го поздравија усвојувањето на нацртот, иако некои предупредија дека на некои жртви може да им биде ускратено правото на паричен надоместок, на ортопедски помагала и на приоритет при вработувањето и сместувањето во домовите за нега.

Меѓутоа, бидејќи законот строго вели дека правата не можат да ги остварат припадници, помагачи или соработници на непријателските воени и паравоени единици, „кои учествувале во вооружената агресија врз Република Хрватска“, некои експерти сметаат дека српските цивили може да имаат потешкотии да докажат дека не помагале или соработувале со „непријателот“.

Во меѓувреме, Хрватска спроведува теренски истражувања и води истраги во обид да ги пронајде посмртните останки на исчезнатите во војната во 90-тите.

Хрватските медиуми објавија дека Загреб и Белград во октомври се договориле за локациите на кои ќе се вршат пребарувања.

Србија треба да пребара три локации, во близина на Сремски Карловци и во Богојево во Војводина и низводно по Дунав од Смедерево до хидроцентралата Ѓердап.

Хрватска ќе врши пребарување на гробиштата во Книн и ќе се обиде да открие каде се погребани жртвите убиени по воените операции „Блесок“ и „Бура“.

Според Министерството на бранители, Хрватска сè уште трага по 1.869 лица кои исчезнале за време на конфликтот.