Регион

Црна Гора: Дали ветениот закон за лустрација е невозможна мисија?

Новата црногорска влада вети дека ќе донесе закон за лустрација, со цел од јавните функции да се отстранат одговорните за кршење на човековите права во минатото. Но, аналитичарите и правните експерти сметаат дека постојат значителни уставни и политички ограничувања, што би го спречиле неговото спроведување.

Од падот на Берлинскиот ѕид пред три децении, голем број источноевропски земји усвоија закони, со кои од јавните функции се повлекуваат оние кои се одговорни за кршење на човековите права во поранешните комунистички режими, особено оние кои биле припадници на безбедносните служби, но и нивните информатори.

Имаше обиди тоа да се стори и во земјите од поранешна Југославија, но тој процес донесе повеќе полемики, отколку вистински успех.

Новата црногорска влада, која ја презеде власта овој месец, со што стави крај на тридецениското владеење на Демократската партија на социјалистите (ДПС), објави дека ќе ги повика на одговорност лицата поврзани со кршење на човековите права, меѓу кои има и поранешни функционери и соработници на југословенската разузнавачка служба, позната како УДБА.

На 3 декември, потпретседателот на Владата, Дритан Абазовиќ, за црногорската ТВ Вијести изјави дека на земјата ѝ треба процес на лустрација, за да се справи со своето минато. Тој негираше дека лутрацијата ќе се искористи за реваншизам насочен кон ДПС, која беше формирана во 1991 година, како наследник на Сојузот на комунистите на Црна Гора. „Законот за лустрација јасно кажува кои дела може да се лустрираат и кои функционери се опфатени со законот“, нагласи Абазовиќ, додавајќи: „Засега, законот за лустрација не е подготвен … Немаме заедничка идеја како треба да изгледа законот за лустрација“. Но, аналитичарите и експертите не се убедени во ова.

„Немаме успешни приказни за лустрацијата во земјите од регионот, затоа не сум сигурен дека овој процес е можен во Црна Гора“, вели, Борис Раониќ, извршен директор на невладината организација, Граѓанска алијанса, од Подгорица.

„Луѓето кои соработуваа со тајната полиција треба да бидат исклучени од јавниот живот“, нагласува тој, истакнувајќи дека „таквиот процес може да биде тешко изводлив во Црна Гора“.

„Во Црна Гора сè уште се малцинство силите кои беа против масовното кршење на човековите права во 90-тите години, а парламентарното мнозинство не е стабилно за таков процес“, истакнува Раониќ за БИРН.

Мал успех на процесот на лустрација на Балканот

Дритан Абазовиќ и поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност, Дејан Перунчиќ. Фото: Влада на Црна Гора

Црна Гора ќе се обиде како пример да искористи процес на лустрација од некоја од земјите од Западниот Балкан. Во Србија, во 2001 година, по падот на режимот на Слободан Милошевиќ, беше донесен Закон за одговорност за кршење на човековите права, но тој никогаш не беше спроведен.

Во Северна Македонија, Комисијата за лустрација започна со работа во 2009 година, но опозициските партии и групите за човекови права тврдеа дека таа ги цели само критичарите на тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Откако процесот на лустрација беше критикуван во извештаите на Европската комисија, во 2015 година, беше укинат Законот за лустрација, иако дотогаш Комисијата лустрираше повеќе од 200 луѓе, а на оние кои беа прогласени за поранешни соработници на тајната полиција, им беше забрането повторно да работат во државните институции.

Управниот суд на земјата, во меѓувреме, поништи десетици одлуки на Комисијата, а голем број поранешни комунистички претставници се жалеа и ги добија случаите пред Европскиот суд за човекови права.

Во Албанија, во 2008 година, и покрај сомнежите на Брисел и бојктотот на опозицијата, беше донесен закон за лустрација, со кој на сите оние за кои се веруваше дека се поврзани со поранешната тајна полиција Сигурими, од ноември 1944 до декември 1990 година, им се забранува вршење на јавни функции.

Критичарите на законот сметаат дека тој е неуставен, бидејќи на комисијата за лустрација ѝ дава овластување да разрешува судии и обвинители кои работеле во поранешниот комунистички режим, без соодветни судски постапки.

Коалицијата на Абазовиќ, Црно на бело, сепак, посочува дека целта на црногорскиот закон за лустрација не е реваншизмот.

„Целта на овој закон не смее да биде реваншизмот, туку воспоставувањето на демократија“, вели за БИРН, пратеникот на коалицијата, Филип Аџиќ. „Јавноста има право да знае кој не е достоен да извршува јавни функции“.

Владата, сепак, претставува коалиција од четири различни блока, собрани околу една заедничка цел – отстранување на ДПС.

Небојша Медојевиќ, пратеник од владејачката политичка коалиција Демократски фронт, вели дека најавата на законот за лустрација е „само политички маркетинг“. Имено, тој смета дека Владата прво треба да побара отворање на досиејата на тајните служби.

„Ние мора да го срушиме тоталитарниот режим“, нагласува тој. „Ние мора да ги објавиме имињата на луѓето поврзани со тајната служба и да ги исклучиме од јавниот живот“. „За жал“, вели Медојевиќ, „оваа влада не е способна да го започне процесот поради недостиг на политичка волја“.

Уставни пречки

Небојша Медојевиќ на седница на Парламентот на Црна Гора. Фото: Парламент на Црна Гора.

Претходниот обид да се донесе ваков закон, инициран во 2006 година од опозициската Либерална партија, пропадна, бидејќи не доби поддршка во Собранието.

Но, иако политичките пречки се значајни, уставот е тој што навистина може да ги попречи плановите на Владата, вели Велибор Марковиќ, адвокат од Подгорица.

Според членот 45 од Уставот на Црна Гора, секој граѓанин има право на глас и право да биде избран, додека според членот 62, секој има право на работа и слободен избор на занимање и вработување. Со забраната за вршење на јавна функција, и двата члена би биле повредени, посочува Марковиќ.

„Ако Собранието го усвои законот, би ризикувало тој да падне пред Уставниот суд или некое од лицата опфатени со лустрацијата, да ја тужи државата пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур“, објаснува Марковиќ за БИРН.

„Затоа, Парламентот прво ќе мора да измени одредени одредби од Уставот, со кои се ограничува спроведувањето на законот за лустрација“, додава тој.

За промена на уставот, потребно е двотретинско мнозинство во Парламентот, што е повеќе отколку што во моментов има Владата – 41 од вкупно 80 пратеници.

„Поради недостиг на поддршка во Парламентот, засега е тешко да се очекува процесот на лустрација да се спроведе во Црна Гора“, заклучува Марковиќ.