Регион

Србија 2020: Ексхумирање на посмртни останки на жртви од војната во Косово

Во Србија, негирањето на воените злосторства и величењето на воените злосторници продолжи и во 2020

„Во следните седмици, на локацијата заедно ќе работат форензички тимови, за да се затвори тешко поглавје во животот на уште повеќе семејства на исчезнатите“, изјави, на почетокот на декември, Фабијан Бурдије, претседател на работната група за исчезнати лица при Меѓународниот комитет на Црвениот крст.

Бурдије ова го истакна на местото на површинскиот коп, Кижевак, каде што во ноември беа пронајдени посмртни останки, за кои речиси со сигурност може да се каже дека им припаѓаат на Албанци, убиени за време на војната во Косово, во 1999 година.

Вељко Одаловиќ, претседател на Комисијата за исчезнати лица на Владата на Србија, информира дека во оваа масовна гробница има останки на 15 до 17 луѓе.

Оваа гробница, која се наоѓа недалеку од Рашка, каде претходно беа ексхумирани останки на косовски Албанци, беше пронајдена по пет години неуспешни теренски пребарувања.

Красимир Николов, координатор за ексхумација на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, објасни дека „откритието“ се случило кон крајот на минатата година, кога ЕУЛЕКС ги споредил авионските снимки на површинскиот коп од 1999, 2002 и 2020 година.

„По темелна анализа, идентификувавме промени на теренот и го стеснивме подрачјето на интерес“, истакна Николов.

Гробницата во Кижевак е последната од бројните масовни гробници откриени во Србија по војната во Косово. Жртвите на масакрите извршени од српските сили беа префрлени во Србија и закопани на тајни локации во обид да се прикриjат злосторствата.

Исчезнатите лица станаа клучно политичко прашање

Српската делегација во Брисел, со специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак (лево), косовската делегација (десно) и шефот на дипломатијата на ЕУ, Џозеф Борел (во средина). Фото: Инстаграм/buducnostsrbijeav.

Околу 1.600 лица сè уште се водат како исчезнати во војната. Прашањето за расветлување на нивната судбина се врати на политичката агенда во Србија во 2020 година, а во јули, по застој од дваесет месеци, предизвикан од политички спорови, продолжија и разговорите со Косово за нормализирање на односите меѓу двете земји, кој се одвива со посредство на ЕУ.

По првиот состанок со косовскиот премиер, Авдулах Хоти, српскиот претседател, Александар Вучиќ, вети дека ќе соработува во пронаоѓањето на исчезнатите во конфликтот 1998-1999 година.

„Рековме дека сме подготвени да одговориме на секое барање на Албанците, кои можат да покажат на картата место, каде што мислат дека е можно да има гробно место на некој Албанец, дека сме подготвени заедно со нив и во европско присуство, да покажеме дали има или не, нешто на тоа место“, нагласи Вучиќ.

Но, тој додаде дека Белград, за возврат, бара пристап до местата за кои постои сомневање дека кријат посмртни останки, а кои се лоцирани во Косово.

Тој го спомна и прашањето за тајните воени архиви на војската и полицијата на Србија, за кои некои веруваат дека можат да откријат каде се закопани телата на воените жртви.

„Албанците бараа да се отворат сите воени и полициски архиви, рековме нема проблем … но мора да ги отворите архивите на т.н. ОВК (Ослободителна војска на Косово)“, додаде Вучиќ.

Косовските власти, исто така, изразија подготвеност да соработуваат околу прашањето за исчезнатите лица, но и покрај ветувањата, малку е веројатно дека наскоро ќе бидат отворени воените архиви.

Србија класифицираше дел од своите воени архиви како државна тајна, додека Косово тврди дека ОВК, како герилска организација, никогаш немала воена архива.

Прашањето за исчезнати лица се споменува и во договорите што Србија и Косово одделно ги потпишаа со Соединетите Американски Држави во Белата куќа, во присуство на претседателот Доналд Трамп, кои властите од Вашингтон ги опишаа како „историски“, во обид Трамп да покаже победа во надворешната политика, во насока на зајакнување на неговата позиција како повторен кандидат за претседател.

Договорите ги обврзуваат и Косово и Србија да вложат повеќе напори во потрагата по исчезнатите лица, бегалците и по внатрешно раселените лица.

Три дена по состанокот во Вашингтон, Вучиќ повторно се состана со Хоти во Брисел и соопшти дека тие „договориле механизми околу внатрешно раселените лица, исчезнатите лица, можноста и обврската за увид во сите постоечки архиви“.

Хоти, исто така, посочи дека „позитивно го заклучивме прашањето за исчезнатите лица“.

Во јавноста сè уште нема детали за „механизмите“ што ги спомна Вучиќ, но по поразот на Трамп на изборите, се поставува прашањето, какво влијание сега ќе имаат договорите потпишани во Белата куќа.

Пандемијата ги забави судењата за воени злосторства

Потерницата на Интерпол, која беше распишана по Вишња Аќимоиќ. Извор. Интерпол.

Србија прогласи вонредна состојба во средината на март, поради пандемијата на корона вирусoт, така што во Србија не се одржуваа судски рочишта до почетокот на мај, освен во случаите против обвинетите за кршење на полицискиот час или кршење на мерките за изолација.

Кога работите се вратија во некаква нормала, големите, важни судења за воени злосторства, пред Вишиот суд во Белград, продолжија со бавно темпо, рочиштата честопати се одложуваа и немаше поднесени обвиненија за злосторства кои вклучуваат голем број жртви или високо рангирани сторители.

Исклучок беше случајот на Вишња Аќимовиќ, припадник на Војската на Република Српска (ВРС), обвинета за убиства на 37 Бошњаци во Мрачни До, во близина на логорот Сушица, општина Власеница, извршени во јуни 1992 година. Судењето започна во декември, а Аќимовиќ се изјасни за невина по обвинението.

Во изминатата година, во случајот против Новак Ѓукиќ, воен командант на тактичката група Озрен на ВРС, повторно дојде до нови одложувања.

Воен злосторник избегна затвор

Апелацискиот суд во Белград, последниот ден од 2019 година, му ја потврди пресудата на поранешниот припадник на Војската на Југославија (ВЈ), Рајко Козлина, со која тој беше осуден на 15 години затвор за убиства на албански цивили, извршени на 25 март 1999 година, во косовското село Трње.

Врховниот касациски суд во јуни годинава му ја потврди пресудата, но Козлина не се појави на издржување на казната, поради што Првиот основен суд во Белград, распиша потерница по него.

БИРН побара од Министерството за внатрешни работи на Србија, преку барање за слободен пристап до информациите, одговор на прашањето дали Козлина користел официјален граничен премин за да избега од Србија, но од Министерството одбија да ни одговорат, со образложение дека обезбедувањето на ваквата информација би значело „повреда на правото на приватност на личноста“ и дека нема јавен интерес за давање на таква информација.

Истите аргументи од Министерството ги наведоа и кога сакавме да добиеме одговор на прашањето дали е распишана меѓународна потерница по Козлина.

Ѓукиќ во Босна и Херцеговина е осуден на 20 години затвор, затоа што на 25 мај 1995 година, наредил гранатирање на градот Тузла, кога беа убиени 71 лице, повеќето од нив млади луѓе.

Ѓукиќ не се појави на издржување на казната. Тој, во 2014 година, замина во Србија, со образложение дека отишол на лекување. Босна и Херцеговина побара, а Белград се согласи да го преземе неговиот случај, по што следеа постојани одложувања и откажувања на рочиштата.

Во ноември оваа година, судски вештаци заклучија дека Ѓукиќ не е способен да се појави пред Вишиот суд, најрано до септември 2021 година, заради психички проблеми.

Паралелно со ова, во Србија се одржаа настани со кои беа негирани утврдените факти на Судот на БиХ – дека масакрот во Тузла го извршиле силите на босанските Срби.

Во Србија, негирањето на воените злосторства и величењето на воените злосторници продолжи и во 2020, година во која се одржаа и избори, на кои десничарската популистичка Српска напредна партија на претседателот Вучиќ, а во услови на бојкот на опозицијата, ја зајакна својата моќ.

Двајца воени злосторници, лидерот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ, и поранешниот паравоен лидер, Драган Васиљковиќ, познат како Капетан Драган, кој, на почетокот на оваа година, беше пуштен од затвор во Хрватска, каде издржуваше казна за воени злосторства, објавија дека ќе се натпреваруваат во трката за пратеници во Собранието.

Но, Васиљковиќ не успеа да собере доволно потписи за поддршка на неговата кандидатура, додека партијата на Шешељ не доби доволно гласови за влез во законодавниот дом.

Сепак, на Светозар Андриќ, кој за време на војната во БиХ бил командант на бирчанската бригада на ВРС и началник на штабот на дринскиот корпус на ВРС, му беше потврден пратеничкиот мандат.

Андриќ, на изборите, беше кандидат на листата „Александар Шапиќ – Победа за Србија“.

Во 2018 година, Фондот за хуманитарно право (ФХП), со седиште во Белград, поднесе кривична пријава со која Андриќ се обвинува дека на 28 мај 1992 година, наредил „иселување“ на бошњачкото население од Зворник. Андриќ, претходно, како сведок во Хашкиот трибунал, негираше каква било поврзаност со злосторства, а во јавноста нема информации до каде е стигнато со кривичната пријава.