Регион

Насим Харадинај го обвини Специјалниот суд за протекување на документите од Хаг

Насим Харадинај во судница. фото: ССК/Скриншот.

Насим Харадинај, обвинет за попречување на правдата и за заплашување на сведоци, одби да се изјасни по обвинениети на првото појавување пред ССК во Хаг.

„Што се однесува до моето изјаснување, мојот адвокат ќе зборува во мое име“, му рече Харадинај на судијата за претходна постапка, Николас Гију.

Харадинај и претседателот на Здружението на воени ветерани на ОВК, Хисни Гуцати, беа обвинети откако во нивното Здружение во неколку наврати беа доставени доверливи документи, кои протекоа од Специјалниот суд, при што Гуцати и Харадинај ги повикаа медиумите да ги објават тие документи.

Харадинај пред судот истакна дека обвинителството „се обидува да го сврти вниманието од луѓето што ги зеле документите и што ни ги доставија“, при што додаде дека „тие (обвинителите) нè обвинуваат за грешките на ова обвинителство“.

„Ова обвинителство е селективно и пристрасно, и убеден сум дека е корумпирано, бидејќи како тогаш материјалите излегоа од нивната канцеларија?“, потенцира тој.

Гуцати и Харадинај беа уапсени во септември, при претрес на просториите на седиштето на Здружението, по што беа префрлени во Хаг.

Според обвинението, од 7 до 25 септември, „на три прес-конференции и други собири што биле медиумски пропратени, како и со понатамошна дистрибуција, која вклучува и изјави на социјалните мрежи, г. Гуцати и г. Харадинај неовластено открија информации“, заштитени со закон.

Тие, како што се нагласува, откриле и „заштитени податоци за извесни (потенцијални) сведоци“.

„Г. Гуцати и г. „Харадинај до (потенцијалните) сведоци упатувале потценувачки обвинувања и пораки и во неколку наврати изразија намера да ја саботираат работата на Специјализираните совети“, се додава во обвинението.

Гуцати ова попладне ќе го има своето прво појавување пред судот како обвинет.

ССК се формирани за да ги гонат злосторствата, наводно, извршени за време и веднаш по војната во Косово од 1998-2000 година. Тие се дел од косовскиот судски систем со седиште во Холандија и со меѓународен персонал.

Албанците во Косово го сметаат Специјалниот суд за навреда на војната предводена од ОВК.