Судењето за поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, кој е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластувања, за спорна набавка на софтвер и за хонорари, не е ниту на половина, а нова афера утрово ги наполни македонските агрегатори за вести.
Приказната повторно тргнува од „Илинденска“ број 2.
Обвинителството отвори истрага за тројца, од кои едниот е актуелниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири. Тој остана недостапен за коментар за БИРН.
БИРН открива дека Обвинителството, всушност го истражува консултантскиот договор што Владата го склучила со фирмата „Интерхолдинг ДОО“ и на која лани ѝ исплатила вкупно над 940 илјади евра.
Контото е „други договорни услуги“.
Фирмата основана еден месец пред првата исплата
Според обвинителството, од април 2021 година до јануари 2022 година, Зеќири, без да спроведе тендерска постапка, склучил договор за консултантски услуги со фирма во што со умисла му помогнале двајца осомничени хрватски државјани.
За сите тројца осомничени Обвинителството бара притвор.
Според информации на БИРН, истрагата ја води обвинителката Катерина Коларевиќ.
Обвинителството информира дека договорениот износ за консултантските услуги бил 795 илјади евра, но биле исплатени над 900 илјади евра, со што, за Обвинителството буџетот на државата е оштетен за околу 145 илјади евра.
БИРН пронајде дека во седум наврати во 2021 година од сметката на Владата на хрватската фирма „Интерхолдинг ДОО“ биле исплатени вкупно 57.932.100 денари, или нешто над 940 илјади евра.
Највисоката сума што ја исплатила Владата била во декември лани, 278.653 евра.
Според достапните податоци, Владата, всушност е единствената институција што нарачала услуги од оваа фирма.
Таа е основана во април 2021 година, односно еден месец пред првата уплата во мај 2021 година, нешто над 140 илјади евра.
Дејноста со која е основана фирмата во Централниот регистар е консултатска односно, „советување во врска со работењето и останато управување“.
Сопственици на „Интерхолдинг“, пак, се фирмата „Интерфајнанс ДОО“и Хрватот Данијел Иванагиќ. Според регистарот на вистински сопственици компанијата е на Денис Фудуриќ, кој е сопственик и на „Интерфајнанс“. Според хрватските медиуми, на фирмата ѝ била неосновано одземена лиценцата во 2007 година, по што таа поведува и добива спор за обесштетување.
Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, за „Слободен печат“ изјави дека знаат каде се парите, а дека осомничените хрватски државјани, според нивните информации, не се во државава.
„Ние ќе стапиме во контакт со колегите од Хрватска, ќе ги доставиме доказите до нив, па доколкку се согласат да го преземат гонењето, нивното понатамошно процесуирање ќе биде во Хрватска“ изјави Русковска.