Вести

Пресуда за Меѓународен сојуз, уште 9 години за Боки 13

Осудителна пресуда за случајот со невладината на Бојан Јовановски

Со наводен проект за изградба на комплекс за возрасни, Бојан Јовановски измамил двајца бизнисмени, а со парите што нивните фирми ги уплатиле, ги финансирал телевизијата „1ТВ“ и невладината Меѓународен сојуз и купувал лични предмети.

Ова накратко е епилогот на вториот предмет за шоуменот Боки 13, по пресудата која попладнево од Кривичниот суд ја изрече судијката Софче Гаврилова-Ефремова.

Со неа, тој е осуден на казна затвор од девет години, неговата соработничка, Јасна Ерцеговиќ, на четиригодишна затворска казна и Христина Блажевска, на затвор од една година.

Таткото на Јовановски доби условна казна затвор од две години, која ќе се изврши ако во следните пет години направи друго кривично дело.

Поранешната потпретседателка на Собранието, Фросина Ташевска-Ременски, е ослободена од обвинението, бидејќи обвинителките не докажале дека сторила кривично дело.

Судијката објасни дека таа немала конкретни дејствија и упатства на кој начин го заложувала угледот и му помагала на Јовановски.

Јовановски, неговиот татко и Ерцеговиќ се осудени за по две кривични дела измама и перење пари, а Блажевска само дека перела пари.

Во објавата на пресудата, судијката рече дека е клучна фотографијата како доказ, на која се гледаат 14 врзопи со по 500 евра, што е износ од околу 700 илјади евра, што одговара на сумата што била земена со измама од бизнисменот.

Осудена е и невладината организација, Меѓународен сојуз и треба да плати парична казна од милион денари.

Втори девет години затвор за Јовановски

Седиштето на Меѓународен сојуз | Фото: БИРН

Судењето траеше година и девет месеци. Обвинението на 27 страници стигна во судот во јануари 2020, а првото судење се одржа во јули 2020. Судскиот процес постојано го следеа тривијалности, особено поради однесувањето на Јовановски во судницата, за што добиваше судски опомени.

Тој денеска, со дофрлање до судијката и протест, ја напушти судницата пред да заврши читањето на пресудата.

Според судот, од јули 2017 година до  април 2018 година Бојан Јовановски, како претседател на обвинетата невладина организација Меѓународен сојуз, со намера протиправно да добие пари, ги довел и одржувал во заблуда бизнисмените Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски, лажно прикажувајки дека ќе им обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилен сервис што ќе го субвенционира државата.

Мицевски, преку фирмата „Пелистер“ и Амзоски преку фирмата „Дрим-билдинг“  му исплатиле 719.905 евра и 233.821 евра. Тоа се пари, кои, доколку пресудата се потврди и пред Апелацискиот суд, треба да им бидат вратени.

Обвинетите и обвинителката по добивањето на пресудата може да се жалат пред повисокиот суд.

Претходно, Јовановски е осуден и во предметот „Рекет“, на затворска казна од девет години.