Бегството на експремиерот Никола Груевски, приведувањата што следеа и дилемите како тие настани ќе влијаат врз ВМРО-ДПМНЕ, власта и врз судбината на Преспанскиот договор, беа повод за разговор со политикологот и аналитичар Ненад Марковиќ, кој јавно го поддржа Договорот со Грција пред референдумот.
Трета недела, јавноста се прашува дали Груевски избега зашто власта е неспособна или таа го пушти. Чекајќи ја истрагата, со професорот Марковиќ ѝ пријдовме на дилемата од аспект на тоа кој има корист Груевски да заврши како азилант во Унгарија.
Бегството повеќе ѝ штети на ВМРО-ДПМНЕ
Тој не верува дека бегството е политички аранжман и смета дека сценариото во кое институциите не се способни да го задржат е подеднакво лошо како сценариото во кое има договор.
„Ако се работи за некомпетентност на институциите, ова е ултимативна неспособност, каде што дозволувате врвот на санта лед да ви се одрони и да исплови.“
Меѓутоа, Марковиќ потсетува дека Груевски напиша два фејсбук-поста, од кои вториот беше крајно провокативен.
„Да бил некаков џентлменски договор, веројатно дилот меѓу него и власта би подразбирал таа да го пушти, а тој да не дига премногу врева.“
Единствениот што добива е Груевски, смета професорот, особено што може да се прикажува како жртва и да ги држи во една радикална состојба гласачите што сѐ уште му веруваат.
Во однос на дилемaта кој добива, а кој губи, Марковиќ вели дека во оваа ситуација најмногу што можеш да ја обвиниш владата на СДСМ е за некомпетентност.
„Ако се работи за некомпетентност на институциите, ова е ултимативна неспособност, каде што дозволувате врвот на санта лед да ви се одрони и да исплови.“
„А, има ли влада што не била обвинета за некомпетентност? Ништо ново не кажуваш што ќе ги скандализира луѓето. Меѓутоа, Груевски ја стигматизираше целата партија како кукавичка, а цел живот градел дискурс на патриот, на некој што ќе се бори гради в гради.“
Затоа тој мисли дека бегството повеќе ќе ѝ штети на опозицијата и оти тоа веќе се одразува врз рејтинзите, со тоа што разликата излегла од маргините на статистичка грешка.
Во време на лесна интернет-комуникација, прашањето е колку Груевски навистина може да влијае врз сопствената партија и преку неа врз политичките процеси во државава.
Колку повеќе влијае, толку повеќе ќе ѝ прави штета на ВМРО-ДПМНЕ, дециден е Марковиќ.
„Во суштина, одговорот на ова прашање лежи во тоа што партијата ќе прави во оваа ситуација, а не Груевски. Реално, тоа нѐ интересира.“
Професорот вели дека експремиерот може да избега во Москва или со многу пари да замине на некоја егзотична дестинација, меѓутоа нема каде да оди политички.
Тој не верува дека Груевски може лесно да се врати во Македонија при евентуална политичка промена. Уверен е дека меѓународната заедница нема да ѝ дозволи на власта да го заборави, без разлика дали таа во иднина ќе биде составена од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ или од некоја трета партија.
„Меѓународната заедница ова ќе му го памети на Груевски.“
Фундаменталната грешка на Мицкоски
Бегството на Груевски доаѓа во момент кога ВМРО-ДПМНЕ се закопа во националистичките ровови од каде што не може да се надева на власт во скоро време, најмногу поради нулта коалицискиот потенцијал, меѓутоа, според последните анкети, Мицкоски добива на популарност на сметка на Груевски и на претседателот Ѓорге Иванов.
Ако пред притворањето на Сашо Мијалков анализите говореа дека таму несомнено ќе се случи раскол, посебно ако партијата ги изгуби наредните избори, прашањето е што може да се очекува сега откако Мијалков е во Шутка.
Прелевањето на рејтингот од Иванов и од Груевски кон Мицкоски е нормална работа, вели Марковиќ и објаснува дека секогаш рејтингот оди кон лидерот на партијата, кон оној што претендира да стане премиер.
„Мицскоски и една голема врхушка во ВМРО ‘намирисаа крв’. Мислеа дека базирано на Договорот со Грција и на релативно неуспешниот референдум, бргу ќе се вратат на власт“
„Човекот направи фундаментална грешка во чекори со политиката кон референдумот и кон Преспанскиот договор, мислам дека се работи за почетничка грешка во која тој и една голема врхушка во ВМРО ‘намирисаа крв’.“
Мислеа дека базирано на Договорот со Грција и на релативно неуспешниот референдум, бргу ќе се вратат на власт, аргументира професорот.
„Гласање против референдумот и консолидирање на некои 400.000-450.000 гласови можеби и повеќе на свое конто, ќе му беше многу подобра тактика за некои наредни избори отколку бојкотирање, која фундаментално беше кукавичка тактика.“
Според Марковиќ, десницата секогаш имала огромен капацитет да се обедини кога треба, меѓутоа ВМРО-ДПМНЕ сега отиде предалеку.
„Мицкоски можеше да ги изолира и Мијалков и Никола Тодоров, меѓутоа тој реши да ги избрка. Кога ќе почнете со партиски чистки, а уште не сте ни на власт, тогаш тоа е нешто што многу лошо говори за вас.“
Тој смета дека незадоволниците во партијата нема да чекаат предвремени избори и дека многу порано ќе се организираат против Мицкоски.
„Да не се лажеме дека тие луѓе ќе си отидат, ќе речат добро сега нѐ избркавте и ние ќе си одиме.“
Пропаста на Преспанскиот договор ќе беше тотален пораз
ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека токму Мијалков е брокерот преку кој власта го обезбеди двотретинското мнозинство и затоа се отвора дилемата дали по неговиот притвор, во прашање е доведено двотретинското мнозинство потребно за да помине Договорот од Преспа.
„Јас сум сигурен дека сѐ уште има простор за некакво пазарење. И да не се лажеме дека ќе оди на кој било друг начин.“
Марковиќ вели дека осумте пратеници што веќе се изложија јавно и паднаа во немилост на многу луѓе, не им се исплати да се повлечат од својата позиција.
„Веројатно, ако добиле некакви концесии, ги добиле за целиот пакет, сосе второто гласање.“
Тој повеќе мисли дека апсењето на Мијалков е договорено и е малку театар, отколку што е тоа бегањето на Груевски.
„Eдинствената полоша работа што можеше да се случи од тоа Преспанскиот договор да биде изгласан на овој начин, со сите сомнежи за пазар, е тој да не биде изгласан“
„Очигледно имаше потреба да се направи некоја контрола на штетата. Втор кикс во оваа сфера веројатно би значел крај на владата на СДСМ или во голема мера нарушување на нејзиниот кредибилитет.“
Во процесот пред отворањето на Уставот во Собранието, пред да се прекршат тие осум пратеници, се повтори една слика што ја гледавме и претходно. Се покажа уиграноста на извршната власт со обвинителствата и со судот.
СЈО излезе од својата пракса и објави нови истраги со цели имиња на осомничените, меѓу кои и генсекот на ВМРО-ДПМНЕ, основното обвинителство најави постапка за Тони Михајловски, кој е член на раководството на партијата и судот ги пушти пратениците од притвор веднаш по изјавата на Заев за помирување.
Марковиќ се согласува дека во овој случај од авион се гледа уиграноста на обвинителствата, судот и на власта.
„Меѓутоа, како поддржувач на Преспанскиот договор велам дека единствената полоша работа што можеше да се случи од тоа договорот да биде изгласан на овој начин, со сите сомнежи за пазар, е тој да не биде изгласан. Договорот од Преспа да не поминеше во оваа фаза, тоа ќе беше тотален пораз за сите, апсолутно.“
Професорот Марковиќ обрнува внимание дека во овој случај има една мала нијанса, се уценуваат или се ставаат под притисок луѓе што имаат сериозни дела зад себе.
„Проблем е ако таа матрица почне да се користи врз чисти луѓе.“
Показно убиство
Како што власта го води процесот околу помирувањето, сѐ води кон селективна правда.
Се чини дека луѓето како Ѓоко Поповски, осудениот поранешен помошник-министер, да беше пратеник, веројатно денес ќе беше на слобода, а не во Шутка чекајќи да го пренесат на подолг престој во Идризово.
„Овде целата ситуација ќе се прекрши токму врз луѓето што немаат со што да се пазарат.“
Политиката ретко има врска со правдата и со праведноста, продолжува Марковиќ и додава дека случаите со овие луѓе имаат функција на „показно убиство“.
„Тие ќе послужат како ‘показно убиство’ на вториот, третиот или на четвртиот ешалон административци, кои утре ќе знаат дека ако некритички почитуваат наредби, тие ќе ја сносат одговорноста, а не тој што ги давал наредбите. Ќе има една педагошка функција, која е многу непријатна и многу грда.“