Интервјуа

Пировска: Граѓаните сакаат правда, правда пред сè и над сè!

Бегството на Груевски е скандалозно и претставува срам за Македонија | Фото: Роберт Атанасовски

Требаше да има оставки поради бегството на Никола Груевски, а првата требаше да дојде од министерот за внатрешни. Не се работи за несмасност на институциите, ниту, пак, за незнаење, вели во интервјуто за БИРН Уранија Пировска, директорка на македонскиот Хелсиншки комитет за човекови права.

„Мислам дека се работи за договор!“

Пировска како граѓанка, правничка и пред сѐ како активистка за човекови права, долго се бореше против авторитарното владеење на експремиерот Груевски. Директно учествуваше во Шарената револуција и по скопските улици заедно со останатите ја извикуваше паролата „Нема правда, нема мир“.

Скандалот и срамот, како што таа го опишува бегството на експремиерот, беше повод да поразговараме за тоа во колкава мера сме напреднале како општество по падот на Груевски.

Нејзините анализи водат кон заклучоци што во најмала рака се загрижувачки.

Бегството на Груевски не е поради некадарност

Останува фактот дека до сега во Македонија ниту еден политичар од највисок ранг не одговарал за своите дела | Фото: Роберт Атанасовски

Таа потсетува дека целиот отпор против власта на ВМРО-ДПМНЕ почна зашто граѓаните чувствуваа правна несигурност, а од друга страна беа сведоци како 27 години политичарите поминуваат неказнето за делата што ги сториле.

„Останува фактот дека до сега во Македонија ниту еден политичар од највисок ранг не одговарал за своите дела.“

Примерот со Груевски, вели Пировска, е најсимптоматичен во тој поглед, бидејќи експремиерот веќе е осуден, а уште посериозни му се другите дела за кои е обвинет.

„Со овој случај власта ја изгуби шансата да им покаже на граѓаните дека навистина сака да направи промени, кога станува збор за неказнивоста.“

„Не може да се работи за несмасност и не може да се работи за незнаење. Мислам дека се работи за договор и дека изјавата на Заев по однос на помирувањето беше вовед во сето она што понатаму се случуваше.“

За неа несериозни се изјавите на премиерот Зоран Заев поврзани со бегството.

„Како премиерот да не разбира доволно дека токму справувањето со феноменот на неказнивост е клучен за воспоставување правна држава“, вели Пировска и потсетува дека Заев „анблок“ го амнестираше од одговорност министерот Оливер Спасовски.

„Апсолутно има пропусти од страна на МВР“, вели таа и одмавнува со главата.

Пировска смета дека е необјасниво како може да го остават без полициски надзор човек што е осуден и осомничен за крупни кривични дела и кој е заслужен за една колективна траума во Македонија.

„И да му се дозволи глатко да избега од земјава!?“

Не ѝ е јасно зошто веднаш не се распиша меѓународна, туку национална потерница, кога веќе беше јасно дека Груевски не е во земјава.

„Не може да се работи за несмасност и не може да се работи за незнаење. Мислам дека се работи за договор и дека изјавата на Заев по однос на помирувањето беше вовед во сето она што понатаму се случуваше.“

Нема помирување без правда и без вистина

Настанот на 27-ми април не беше само напад врз пратениците на СДСМ, туку и напад врз граѓаните | Фото: Роберт Атанасовски

Помирувањето не може да се случи без да се случи правда и без да се дознае вистината, продолжува директорката на Хелсиншки.

Според неа, Заев го опипуваше пулсот за евентуална амнестија за 27 април со помирувачката изјава во Парламентот, но категорична е дека премиерот не може да се постави над правосудните органи и заедно со Собранието да амнестираат луѓе за кои се водат судски постапки.

„Ако тоа се случи, тогаш ќе дојде до апсолутно урнисување на владеењето на правото.“

Пировска аргументира дека секогаш мора да постојат црвени линии во остварувањето на целите, колку и да се тие важни за Македонија и оти не смее да се прегази законот.

„Граѓаните многу јасно кажаа дека сакаат правда, правда пред сè и над сè!“

Таа е свесна колкав ризик презедоа пратениците таа вечер, но не сака да ги слуша сега од позиција на власт кога тврдат дека тие биле жртвите и другите немаат право да зборуваат за 27-ми.

„Очигледно беше дека станува збор за диктирани одлуки на судот и јасно беше дека пратениците беа пуштени за да ја исполнат целта, да одат и да гласаат за Договорот од Преспа.“

„Тоа беше траума што сите ќе ја паметиме. Не беше само напад врз пратениците на СДСМ, туку и напад врз граѓаните.“

Пировска и многумина, најавеното помирување го сфатија како вовед во амнестија зашто веднаш потоа судот ги пушти од притвор пратениците што гласаа за отворање на Уставот.

„Очигледно беше дека станува збор за диктирани одлуки на судот и јасно беше дека пратениците беа пуштени за да ја исполнат целта, да одат и да гласаат за Договорот од Преспа.“

Во контекст на тоа дека и со новата власт продолжува неприродниот брак меѓу извршната и власт и правосудството, Пировска прашува:

„Што мислите, апсењето на Орце Камчев и на Сашо Мијалков веднаш по бегството на Груевски е случајност?“

Таа потсетува дека приведувањето на Камчев беше дента кога Груевски веќе избегал. Неговото приведување, вели таа, требаше да ја дефокусира јавноста и да предизвика некакво чувство на сатисфакција кај луѓето.

„Меѓутоа, приведувањата не ја постигнаа таа цел.“

Опасно е ако повторно власта влијае врз судството

Мошне опасно е ако повторно извршната власт има директно влијание врз судската | Фото: Роберт Атанасовски

И Мијалков и Камчев беа приведени по барање на СЈО и затоа со директорката на Хелсиншки го отворивме прашањето за улогата и на ова обвинителство во процесот.

Се доби впечаток дека заедно со судот се дел од инструментите за притисок врз ВМРО-ДПМНЕ пред гласањето за отворање на Уставот.

„Апсолутно постои сомнежот за тоа“, вели таа.

СЈО во тие моменти ја напушти праксата да не ги објавува целите имиња и презимиња на осомничените, што за Пировска е кршење на принципот на пресумпција на невиност.

„Мошне опасно е ако повторно извршната власт има директно влијание врз судската“.

Нејзина опсервација е дека каскаме многу назад кога станува збор за судските реформи.

Јасно ѝ е дека премиерот и власта секогаш ќе ви кажат дека клучните закони не можат да се донесат во Собрание, бидејќи немаат двотретинско мнозинство.

„Меѓутоа реформите не се само технички промени во законодавството, реформите значат и култура на однесување и на постапување и во јавната администрација и во судството.“

Што се случи со реформските планови?

„Реформскиот План 3-6-9 не беше исполнет во временската рамка, а Планот 18 беше подготвен без какво било учество на граѓанскиот сектор, само ни беше презентиран од вицепремиерот Бујар Османи, со ветување дека нашите сугестии ќе бидат прифатени“, потсетува директорката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска.

А што се однесува до темпото на промените што беа очекувани и најавувани, Пировска смета дека сè уште се бориме со работи што требаше да бидат завршени уште во првите шест месеци од доаѓањето на новата власт.

„Многу ми е жал што премиерот мисли дека имаме време. Немаме време! Скринингот почна и тој ќе ги вади сите аномалии што сè уште постојат.“

Наместо да се справува со рецидивите од минатото, предупредува Пировска, власта ги прифати и ги продолжи праксите на претходната власт. На пример, регрутира луѓе на истиот начин на кој тоа го правеше ВМРО-ДПМНЕ.

„Од многу страни ќе слушнете дека за да се вработиш во администрација, треба да си близок до власта“.

Но, и во овој сегмент, според нашата соговорничка, голем лидер и добар политичар треба да ги знае црвените линии до каде што може да оди.

„Сè уште стојам на ставот дека остри резови требаше да се направат во сите сфери, особено во правосудството. И дека требаше да има евалуација на работата на судиите и да се испитува нивната поврзаност со одредени злосторнички структури во Македонија.“

Не е доцна за остри резови, смета Пировска.

„Меѓутоа, ако премиерот мисли дека граѓаните му дале малку време и дека му е потребно уште време, тогаш ќе биде доцна“.