Во селото Накараде, каде живее семејството Мирена, недалеку од железничката пруга која од Косово поле води до Митровица, владее тишина. Иако селото за 21 година, колку што има од крајот на војната, се зголеми, малку луѓе се движат низ него.
На 21 април 1999 година, српската полиција и паравоените сили ги киднапирале сите мажи и момчиња од семејството Мирена, на возраст над 16 години, и убиле 16 од нив.
До денес, не е поднесено ниту едно обвинение против одговорните за масакрот над овие 16 невооружени цивили.
Хусни Мирена е еден од ретките кој тој ден не бил убиени. Тој, со многу емоции, зборува за ноќта кога неговиот татко Хилмо, заедно со 14 роднини и гости, кои случајно се нашле кај нив, биле уапсени и убиени.
Тој и неговата мајка таа вечер биле на гости кај свои роднини и на враќање виделе како српски полицајци и војници одат кон делот од селото каде што тие живееле.
„Во тој момент, мајка ми реагираше, ме повлече настрана и ме замоли: ‘Жити мене, те молам, бегај’“, се сеќава Хусни.
Тој почнал да трча и се сокрил меѓу дрвја и грмушки. На тој начин успеал да се спаси.
Околу еден месец претходно, српската полиција убила член на неговото семејство-Мехди Мирена, кој заедно со двајца жители на Косово поле, бил убиен на 24 март 1999 година, на денот кога НАТО започна да ја бомбардира Југославија, во обид да го присили Слободан Милошевиќ да ја прекине својата воена кампања против припадниците на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и албанските цивили.
Но, со продолжување на воздушните напади на НАТО, била засилена и кампањата на силите на Милошевиќ. Следеле масакри, вклучително и оној во селото Накараде.
„Татко ми ги молеше да ме пуштат да си одам“
Сафет Мирена го покажува местото каде српските сили ги киднапирале неговите роднини во 1999 година. Фото: Ејуп Гојновци/БИРН.
Во близина на куќата на Хусни Мирена, го среќаваме Сафет Мирена (37), кој, исто така, бил сведок на она што се случило пред 21 година. И него го зеле од дома, заедно со неговиот татко и роднините.
„Полицијата влезе во нашиот дом и нè извади надвор. Нѐ изнесоа на улица, меѓу куќите на соседите. Тие нѐ построија во близина на куќата на Идриз. Нѐ прашуваа за оружје и за Ослободителната војска на Косово“, раскажува Сафет.
Тогаш, припадниците на полициските сили и на паравоените единици, кои носеле униформи и маски, почнале да го проверуваат нивниот идентитет.
„Кога ме прашаа за лична карта, татко ми им рече дека момчињата немаат лична карта-тој додаде дека сум мал, дека имам само 16 години и ги замоли да ме пуштат да си одам“, вели тој.
„Откако нѐ идентификуваа, ни наредија да се упатиме кон камионот кој беше паркиран на далечина од околу 100 метри, на патот покрај железничката пруга. Татко ми ги молеше да ме пуштат и тие ме пуштија, иако двајца полицајци се расправаа, едниот сакаше да ме води, а другиот ми рече да одам дома“.
Младиот Сафет потрчал директно кон својата куќа, додека другите ги одвеле.
„Тие им се закануваа, ги навредуваа и ги пцуеја 16-те мажи, кои со рацете врзани зад грб, одеа кон камионот што ги чекаше преку железничката пруга“, додава тој.
„Тука за последен пат ги видов татко ми, моите чичковци и роднини“, потенцира Сафет.
13 вдовици и 32 сирачиња останале зад убиените мажи од семејството Мирена од Накараде.
Една од тие вдовици е Шерифе Мирена, мајка на четири деца, кои биле мали кога полицијата го зела нивниот татко Назиф и го убила. Назиф тој ден бил ранет од куршум пред нивната куќа, а на тоа му сведочеле и неговите мали деца.
„Бевме дома, беше околу 19.00 часот. Бев во бањата, го миев малиот син Ерол. Назиф се подготвуваше да замине кај наши роднини, за да ги донесе нивните деца, затоа што ноќе останувавме заедно“, се сеќава Шерифе.
„Кога Назиф излезе на терасата од куќата, слушнав истрел. Излегов од бањата и го најдов Назиф на подот во ходникот, ранет и покриен со крв. Кога го прашав што се случило, во ходникот влезе полиција. Сите беа маскирани. Тие насочија вклучена светилка кон мене, го насочија своето оружје и почнаа да викаат.
„Мојот сопруг ползеше и успеа да влезе во просторијата во која беа децата. Полицијата влезе и го однесе таков каков што беше, ранет, пред децата, влечејќи го, оставајќи трага од крв. Полицијата, мене и останатите од семејството, нѐ заклучија, предупредувајќи нѐ да не ја напуштаме куќата“, додава таа.
Во куќата и во нивниот двор имало повеќе од 30 полицајци, вели таа и нагласува: „Еден од нив ја поправаше маската, се гледаше во огледалото во собата и ми рече со заканувачки глас: ‘Го сакате НАТО, а?’. Го молев да не го земаат мојот сопруг. Тој одговори: ‘Не, нема да го земеме, само го носиме во полициската станица заради верификација“.
Нејзината сосетка, Зулфија Мирена, се омажила за својот сопруг, Ментор, две години претходно. Тие имале и ќерка, Занита, која во тоа време имала 11 месеци.
„Слушнавме истрел“, раскажува Зулфија. „Мојата свекрва ни рече, ‘тие го ранија Назиф’. И свекор ми викаше, ‘да, да, го ранија, го видов како паѓа’“.
„Тие го довлечкаа Назиф до вратата на нашата куќа. Кога дојдоа, Назиф рече: ‘Идриз, брат, излези!’. Никогаш нема да можам да го извадам тој глас од главата. Идриз одговори одвнатре: ‘Да, да, излегуваме’. Кога свекор ми излезе, тој им рече на своите синови: ‘Менторе, Ветоне, дојдете, тие сите нѐ бараат’“.
Метежот траел 15 до 20 минути, а потоа Зулфија Мирена слушнала уште шест куршуми. По ова, во селото завладеала тишина.
„Се собравме во куќите и чекавме цела ноќ мажите да се вратат. Тоа беше многу долга ноќ“, вели таа.
Иако по смртта на Мехдија Мирена, жителите решиле да останат во селото, таа ноќ дел од жените решиле, со своите деца, пеш да заминат во селото Дардиште, кое од нивното село било оддалечено еден километар. Но, со себе не можеле да го земат и Џафер Мирена, парализиран нем старец, кој преживеал мозочен удар.
Следниот ден, по него се вратиле три жени, но тие не го нашле во куќата.
Оделе од врата до врата кога слушнале плачење кое доаѓало од куќата на Мехди Мирена. Внатре бил парализираниот старец, претепан, гол, заклучен во соба со куче. Жените го зеле старецот и со неговата инвалидска количка го одвеле во Дардиште.
Но, не биле празни сите куќи. Останала Шерифе Мирена која утрото, со уште две жени, заминала кај свои соседи, Срби, од другата страна на железничката пруга.
„Ги прашавме дали тие знаат нешто за нашите сопрузи. Влеговме внатре. Таму имаше некои мажи облечени во облека во воен стил и со автоматски пушки покрај нив. Ги прашав дали знаат нешто и дали можат да одат во полициската станица наместо нас, затоа што не се осмелувавме да провериме дали нашите синови и сопрузи се таму. Ни рекоа дека не знаат ништо“, рече таа.
Две Србинки подоцна дошле кај неа, па таа и нив ги прашала дали знаат каде ги однеле мажите од семејството Мирена: „И тие ми рекоа дека не знаат ништо. Една од нив ми рече: ‘Го зедоа син ми во војска и сега не знам каде е’“.
„Сите ќе ве убиеме и ќе ве запалиме“
Шерифе Мирена на гробот на нејзиниот сопруг, Назиф. Фото: Ејуп Гојновци/БИРН
Шерифе вели дека претходно тој ден, во селото пристигнало возило со двајца мажи во цивилна облека. Тие биле вооружени и со себе носеле канта со бензин.
„Мојата золва и нејзините деца ги построија покрај ѕидот за да ги стрелаат. Им реков да не ги убиваат, дека тие се само деца. Помладиот ми одговори: ‘Ќе ве убиеме сите, тоа е нашата наредба’“, раскажува таа.
„Постариот ја зеде кантата со бензин. Сакаше да ги запали нашите куќи. Моите деца беа покрај мене, пушките беа вперени кон нив. Ме обзеде страв, страв дека ќе ги изгубам. Почнав да му викам на постариот човек, го грабнав за панцирот и го прашав дали знае што прави, доколку сака да ги убие моите деца. Тој рече: ‘Сите ќе ве убиеме и ќе ве запалиме’“.
Таа налутено му одговорила: „Дали имате деца?“. Тогаш почнала да вреска. „Дали имате деца, имате ли срце, имате ли душа? Каде се нашите синови и сопрузи?“, го прашала таа.
„Тој ладнокрвно ми одговори: ‘Јас немам никаква врска со вашите мажи, ми наредија да запалам сè што имате’“.
Повторно го молела да не ги убива нејзините деца и паднала на земја. „Тој ми рече: ‘Стани, ако сакаш да се извлечеш жива. Бегај од овде. Сега немаш ништо, сè ќе изгори“.
Шерифе станала, ги зела своите деца и, заедно со другите жени и деца, се упатила кон Дардиште. „Додека одевме кон Дардиште, видовме дека нашите куќи горат“, ни вели таа.
После неколку дена поминати во Дардиште, преостанатите членови на семејството Мирена со воз заминале во Македонија, во бегалскиот камп во Станковец. Десетици илјади Албанци кои го напуштиле Косово заради војната, биле сместени таму во шатори.
Таму добивале различни спротивставени вести за своето семејство. Некои им велеле дека нивните најблиски се мртви, а некои дека сè уште се живи. Дури и откако се вратиле во своето село, тие продолжиле да добиваат контрадикторни информации, сè додека не ја добиле првата, малку појасна индикација, за тоа што се случило.
„Неколку месеци по враќањето дома, во селото Помазатин во општина Косово поле, беа пронајдени делови од облека и документ, што му припаѓаа на еден од исчезнатите мажи“, вели, Сафет Мирена.
„Покрај тоа, неколку дрвени стапови беа обележани со броеви од 1 до 16, што, се чинеше, дека одговара на бројот на киднапирани мажи од семејството“.
Но, вербата дека нивните татковци, браќа, синови и сопрузи се живи и надежта дека ќе ги најдат, не ги напуштиле сѐ до 2006 година, кога нивните посмртни останки биле пронајдени закопани во белградското предградие Батајница и идентификувани. Нивните останки српските власти ги пренеле во Батајница, во обид да ги прикријат убиствата.
Зулфије Мирена вели дека периодот пред да ги пронајдат нивните останки, за нив бил навистина тежок, затоа што тие ги одгледувале своите деца и се обидувале да ги заштитат од болка.
„Секогаш кога на вести ќе слушневме информации за исчезнати лица, ги вадевме децата од соба“, објаснува таа. „Тие не прашуваа: ‘Зошто нѐ вадите од собата секогаш кога има извештај? Зарем не заслужуваме да знаеме за нашите родители?’“
„Сторителите живеат слободно“
16-те жртви на масакрот. Фотографија на семејството Мирена.
Мисијата на ООН во Косово, УНМИК, која по војната беше задолжена за судските постапки, започна истрага за масакрот во селото Накараде во 2000 година. Осум години подоцна, случајот го презеде Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС.
Потоа, во 2018 година, кога ЕУЛЕКС ги предаде предметите на домашното судство, случајот се најде во рацете на Специјалното обвинителство на Косово.
Хусни Мирена и натаму е огорчен поради судскиот неуспех да се реши случајот со убиствата на неговиот татко и на другите роднини.
„Дадовме бројни изјави и многу информации за нив, но досега не е поднесено официјално обвинение против одговорните лица“, нагласува тој.
„Поради ова, нашето семејство е очајно, бидејќи злосторниците што ги одведоа татковците од нивните деца, мажите од нивните жени и синовите од нивните мајки, не се казнети, туку живеат слободно“, додава Хусни.
Сафет Мирена потенцира дека УНМИК и косовската полиција го сослушале повеќе пати, но дека од тоа немало никакви резултати.
Шерифе вели дека чекала Специјализираното обвинителство на Косово во Хаг да ја повика на разговор, но оти тоа не се случило. „Луѓето од ЕУЛЕКС доаѓаа дома во неколку наврати и разговараа со нас, но не слушнавме ништо повеќе за тоа“, додава таа.
Портпаролот на УНМИК, Санам Долатшахи, ни изјави дека не може да ни даде никакви информации за случајот. „Не можам да одговорам на ниту едно од вашите прашања“, ни рече таа.
„Не сме во можност да ги коментираме деталите за случајот, кој можеби е во тек, бидејќи досието содржи чувствителни податоци“, додаде Долатшахи.
Од прес-службата на ЕУЛЕКС ни потврдија дека имале предмет за семејството Мирена, кој му го предале на косовското судство. Како и УНМИК, и ЕУЛЕКС ни соопшти дека „не е во можност да открива информации за случајот“.
Информации за истрагата одбија да ни дадат и од Специјалното обвинителство на Косово.
Главниот обвинител, Блерим Исуфај, ни потврди дека го примил предметот од ЕУЛЕКС и дека биле сослушани бројни сведоци.
„Но, тие не резултираа во финализирање на истрагата и со конкретни имиња на осомничени лица“, истакна Исуфај. „Ние сме во процес на преземање на неопходните истражни чекори кон идентификување и изведување пред лицето на правдата на оние што се одговорни за убиствата на членовите на семејството Мирена“, ни рече тој.
Ниту специјалниот обвинител, Дрита Хајдари, имаше повеќе детали.
„Ние не даваме никакви информации во врска со случаите во кои истрагата трае, бидејќи таквите информации може сериозно да им наштетат на судските истраги“, нагласи таа.
Од секторот за воени злосторства при Дирекцијата за истраги на тешките кривични дела на косовската полиција, велат дека се води истрага против „неколкумина осомничени лица“, но повеќе информации одбија да ни дадат.
Ахмет Грајчевци, претседател на Координативниот совет на семејствата на исчезнати лица во Косово, кој во изминатите 20 години работи на пронаоѓање на посмртните останки на жртвите, вклучително и на оние од семејството Мирена, вели дека е непростливо што нема напредок во овој случај, бидејќи членовите на семејството во повеќе наврати давале изјави.
„Нема објаснување за немањето резултати“, вели тој. „Ова е ужасен преседан во неказнивоста на оние кои извршиле вакви сериозни злосторства“.
Беким Блакај, прв човек на Фондот за хуманитарно право Косово, нагласува дека „за жал, во изминатите 20 години, немаше доволно резултати од истрагите за воените злосторства што ги водеа УНМИК, ЕУЛЕКС или нашите (косовски) институции“.
Како што вели тој, најголемиот проблем е што жртвите се наоѓаат во една земја, во Косово, а сторителите во друга, во Србија, и што нема соработка на државно ниво меѓу двете земји. Имено, Србија одбива да ја признае независноста на Косово, а и фактот дека нејзините сили извршиле воени злосторства.
„Ова им даде одреден комодитет на сторителите на злосторствата“, истакнува Блакај и додава: „Тие живеат слободно, претежно во Србија“.
Ејуп Гојновци е новинар и предавач на УБТ колеџот во Приштина. Овој текст е напишан во рамките на програмата Балканска транзициска правда, која е поддржана од програмата Matra Regional Rule of Law.