Вести

Масовен протест во Солун во одбрана на „Македонија“

Десетици илјади луѓе се собраа во центарот на Солун протестирајќи против компромисно решение на спорот за името што би го вклучил терминот „Македонија“.

Димитрос Јоаноу, Солун

Според полицијата, на протестот имало 90 илјади луѓе | Фото: БИРН

Десетици илјади луѓе од сите делови на Грција денеска се собраа во центарот на Солун протестирајќи против компромисно решение на спорот за името што би го вклучил терминот „Македонија“.

На протестот имаше десничарски лидери, групи на грчката дијаспора како и свештени лица. 

Според полицијата, на протестот имало 90 илјади луѓе. Тие носеа знамиња и транспаренти на кои пишуваше „Македонија е грчка“, ја пееја грчката химна и го цитираа слоганот „Има само една Македонија, а тоа е Грција“. 

Повеќето од демонстрантите дојдоа во Солун од 90 различни градови и села.

Грчката православна црква официјално не го поддржа протестот, но сепак на демонстрациите присуствуваа свештени лица | Фото: БИРН

„Сметам дека тоа што двете земји го прават (разговорите во Обединетите Нации), не е во ред и затоа сум тука. Јас можам да прифатам било кое друго име освен Македонија за северниот сосед“, вели за БИРН 23-годишниот Димитрис.

Протестот беше организиран од десничарско граѓанско движење од северна Грција, наречено ” Kinisi Thermaikos Wra Miden“ формирано од опоненти на грчката влада предводена од партијата на  Алексис Ципрас.

Организаторите велат дека ќе организираат слични протести во Солун и на други места во наредните недели, барајќи од грчкиот премиер Ципрас да одржи референдум за употребата на терминот „Македонија“ од нивниот сосед.

Организаторите велат дека ќе организираат слични протести во Солун и на други места во наредните недели | Фото: БИРН

Протестите официјално не беа поддржани од Грчката православна црква, која е препознаена како голем играч во политичкиот живот во Грција.

Архиепископот на Грчката православна црква Јеронимус по состанокот што го имаше со Ципрас неделава, изјави дека нема да ги поддржи протестите, бидејќи е „сигурен дека грчката Влада ќе се справи со националните прашања“. 

На протестот имаше десничарски лидери, групи на грчката дијаспора како и свештени лица | Фото: БИРН

Протестите во Грција се одржуваат откако Скопје и Атина во декември минатата година ги обновија разговорите за спорот кој три години е во ќор-сокак.

Двете држави се согласија да ги интензивираат разговорите кон почетокот на 2018 година, изразувајќи оптимизам дека компромисно решение може да биде постигнато во првата половина од годинава, со цел Македонија да може да влезе во НАТО на самитот на алијансата во јули.

Ова не е првпат Грците да протестираат против името на соседите | Фото: БИРН

Таканаречениот спор за името се фокусира на инсистирањето на Грција дека користењето на зборот „Македонија” имплицира територијални претензии кон  истоимената северна грчка провинција.

Како резултат на тоа, во 2008 година, Грција го блокираше влезот на Македонија во НАТО и продолжи да го блокира почетокот на преговорите за влез на земјава во ЕУ, и покрај неколкуте позитивни годишни извештаи од Европската комисија за напредокот на Македонија.

Протестите во Грција се одржуваат откако Скопје и Атина во декември минатата година ги обновија разговорите за спорот | Фото: БИРН

САД и ЕУ ги поздравија обновените разговори меѓу Македонија и Грција. Тие се сметаат за клучни поддржувачи на обидите за наоѓање решение кое ќе ги отклучи евроатлантските интеграции на Македонија.

Ова не е првпат Грците да протестираат против името на соседите. На 12 февруари 1992 се одржа масовен протест во Солун, на кој се тврдеше дека „Македонија е грчка“. На протестот се собраа околу 1 милион луѓе.