Кеса со десетина спакувани лепчиња е оставена на дотраениот бетонски влез пред кујната во Клиничкиот центар. До неа е паркиран валкан пикап, во кој, еден од вработените внесува пластични гајби, го треска лебот до нив, и со полураспаднатото возило тргнува да го разнесува ручекот по скопските клиники.
Секој ден во кујната што работи во кругот на Клинички се приготвуваат повеќе од три илјади оброци за пациентите што лежат на клиниките и за дежурниот персонал.
Голем дел од нив, како што им се носат на пациентите, се враќаат назад. Затоа што храната, за која дневно се трошат по најмалку 5 илјади евра, или годишно околу 2 милиони евра, е скудна, невкусна и под сите стандарди за пристоен болнички оброк.
И сето тоа поради еден неконкурентен договор стар две децении, кој никој не сака да го раскине, ниту Заеднички служби, ниту фирмата „Хацат“, која во 2004 година ја доби зделката за снабдување со храна.
Службите ѝ должат на фирмата над 4 милиони евра, а „Хацат“, пак, на неговиот газда, поранешниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Делче Ицков, со години му носи профит, ама, како што вели самиот, и многу кредити и проблеми.
Недоволна, невкусна и еднолична храна
За појадок – чај и кифла. За ручек – грав, супа и леб. За вечера – парче варена риба. Тоа е оброкот, со кој, по кардиолошка интервенција, требало да закрепне пациент-дијабетичар, кој три недели лежел на скопските клиники. Четириесет и седумгодишникот, за БИРН, вели дека во менито имало уште и компир „во сите варијанти“, ориз, и по некој, како што ни рече, „смрдлив пилешки копан“. Свежо овошје и зеленчук немало ниту за лек.
„Добро е и ова што го носат“, коментирале болничарките на неговите забелешки, свесни за квалитетот на храната.
„За време на целиот престој на скопските клиники јадев храна купена надвор. Дури и персоналот одеше да ни купи храна или ни носеа блиски луѓе“.
Чоколадна торта и пита со јаболко – само на хартија
Ризи-бизи, посна сарма, варен морков, карфиол и прокељ, пациентите со кои разговараше БИРН не виделе никогаш во болничкото мени. Уште помалку пита со јаболка или чоколадна торта како десерт, иако нив ги има на болничкото мени. Слично е и со храната за здравствениот персонал, за кој е предвидено оброкот да биде „високопротеински и висококалоричен“.
За иронијата да биде поголема, на обвивката на лебот пишува „исто како дома“.
Дека храната, не само што не иста како дома, туку е количински недоволна, еднолична и невкусна, за БИРН сведочат повеќе пациенти. Меѓу нив и 40-годишен скопјанец, кој лани лежел на Инфективната клиника.
„Како што ја носеа, така ја собираа, неотпакувана. Беше спакувана во садови од стиропор, затворени со најлон. Ја гледав болничарката како ги собира кога ќе завршеше времето за ручек. Најголемиот дел беа неотпакувани. За две недели во болница, двапати го отворив оброкот и го оставив. Потоа веќе не го отворав ни јас“.
Ништо не е поразлична храната и за медицинскиот персонал, кој, за вечера на пример, добива леб и две парчиња топено сирење.
Од квалитетот на храната не се задоволни ниту клиниките.
„Пациентите, во повеќе наврати, особено, оваа последна година, реагираат дека храната е речиси секој ден еднолична и количински им е малку како оброк. Исто така и дежурните екипи се жалат за исхраната, која е без никаков квалитет“, ни пишаа од Кожната клиника.
„Сите пациенти се жалат на квалитетот на храната“, потврдуваат и од Инфективна.
„До заеднички служби усно е реагирано од наша страна во неколку наврати на заеднички состаноци и се посочени проблемите во врска со болничката храна што се добива“, посочуваат од Клиниката за очни болести.
Поплаките на пациентите и на здравствените работници, пак, се потврдуваат и во неколку извештаи на Институтот за јавно здравје, каде што истакнуваат дека болничката исхрана не одговара на стручните препораки.
Внесот на калории е под минимумот, има неправилен сооднос на хранливите материи и вишок на прости шеќери. Недостигаат белковини, има дефицит на витамин ц, вишок на масти…
За контрола на храната е задолжена установата „Заеднички служби“, како правен наследник на Клиничкиот центар, кој го склучи договорот со „Хацат“. Директорот на Заеднички служби, Мирсад Ибраими одби да разговара со БИРН за проблемот со храната.
Во писмен одговор од установата велат дека нивните служби редовно ги контролираат оброците, „кујната работи без застој и без престан се испорачуваат оброци“.
Гласал за да победи фирма, чиј газда станува
Сѐ почнува пред дваесетина години, кога по многу одложувања и ветувања е изградена новата кујна на Клиничкиот центар. Таа требало да донесе повисок стандард во приготвувањето на храната за пациентите, дежурните доктори и за сестрите.
„Беше како вселенски брод“, се потсетува тогашниот директор на Фондот за здравство, доктор Никола Пановски, на летото 2002 година, кога премиерот Љубчо Георгиевски свечено ќе ја отвори новата кујна.
Проектот тогаш е најавен како капитална инвестиција, која чини околу 3,5 милиони евра обезбедени преку програмата ФАРЕ и од државата. Опремата била набавена од Италија, а идејата била уште поголема – да стане центар за обука на кадар за приготвување болничка храна.
Делче Ицков, сопартиецот и близок соработник на Георгиевски, во тој момент е на две функции: пратеник, но и претседател на Управниот одбор на ФЗО, па слично како и Пановски, има можност одблиску да ги следи случувањата околу кујната.
Неколку месеци подоцна, власта се менува, ама Ицков, како кадар на ВМРО-ДПМНЕ, влегува во нов управен одбор – оној на Клиничкиот центар.
Токму тој одбор во март 2004 година, само две години по помпезното отворање на новата клиничка кујна, едногласно ќе одлучи – новоформираната „Хацат“, без искуство во бизнисот со храна, да го добие милионскиот тендер и да ја преземе кујната на Клинички.
И тоа со понуда поскапа од останатите, во конкуренција од неколку големи фирми.
А во тоа време, идејата била Клинички да се растовари од сè што е немедицинско, како кујната, пералницата и паркингот. Но, не само тоа. Еден од аргументите бил и тоа што кујната требало на Фондот за здравство да му заштеди 600 илјади евра, со тоа што фирмата ќе ги преземе вработените.
Во моментот на склучување на договорот, никој не насетува дека членот на управниот одбор, кој ќе гласа за фирмата да го добие тендерот, за некоја година ќе стане нејзин газда. Иако информациите до кои дојде БИРН сугерираат такво нешто, Ицков негира дека од самиот почеток тој стои зад фирмата.
„Јас бев единствениот член на Управниот одбор од ВМРО-ДПМНЕ додека сите останати беа членови на СДСМ, ДУИ и на Либералната партија. Едноставно незамисливо е дека СДСМ со апсолутно целосна власт во 2004 година, со премиер од СДСМ со целосно нивен управен одбор и нивен директор ќе дозволат и ќе направат единствениот член на ВМРО-ДПМНЕ да добие некаков тендер или што било. Едноставно невозможно“, ни одговори Ицков на прашањето дали во тоа време бил скриен сопственик на „Хацат“.
Сепак, седум години подоцна, во 2011 година, тој на неколку дена станува газда на „Хацат“, потоа сопственик е сестра му, за во 2019 година, Ицков целосно да ја преземе фирмата што ги приготвува оброците за скопските клиники.
239 денари за три оброка дневно
Со последната корекција, трите болнички оброци чинат 239 денари, што е нереално ниска цена и според „Хацат“, и според забелешките на државните ревизори. Но, оваа цена расте, ако се има предвид дека „Хацат“ со години ги тужи Заеднички служби за доцнење со исплатата на фактурите, што повлекува високи камати и судски трошоци. БИРН најде десетина такви тужби.
На хартија, основач на фирмата во 2004 година е сметководителката Лилјана Аврамоска, која претходно работела главно со транспортни компании.
„Хацат“ ја основала со непаричен влог од минималните 4.900 евра, кој се состоел од канцелариска опрема, како комода, компјутер, факс, маса со столчиња… Истиот тој влог, без никаков надомест во 2011 година, Аврамоска му го предала на Ицков, во година кога фирмата бележи профит.
Иако ѝ затреперува гласот при споменувањето на Ицков, таа, за БИРН, тврди дека нејзина била идејата за формирањето на „Хацат“. Рече дека во тоа време зад неа застанале пријатели и блиски роднини што „верувале во неа“.
За Ицков се присети дека се пријатели од 1985 година.
Поинаку е во болниците во внатрешноста
Болниците низ државата нарачуваат храна на тендер, кој вообичаено се обновува еднаш годишно. Во договорите со фирмата-снабдувач нема единствена цена на мени во кое влегуваат три оброци, туку наведени се количеството и набавните цени на сите намирници и артикли што се користат.
Раскажува дека работата со кујната била голем предизвик, па во еден момент, поради здравствени причини, решила да истапи од фирмата. И тука сеќавањето ја издава, па вели дека не знае кој по неа ја презел „Хацат“.
„Знам дека ми донесоа готови акти, бев во кревет, само сакав да се откажам. Се споменуваа потоа имиња.. ама не сакам да шпекулирам“, вели Аврамоска.
Додека Ицков тврди дека неговиот прв контакт со „Хацат“ е во 2011 година, кога и го почнува бизнисот заедно со неговата сестра Солунка Војноска, неколку независни извори од болничката кујна ни рекоа дека Делче многу порано е во контакт со кујната.
И тој и неговата сестра. Документите од Централниот регистар покажуваат дека Војноска, освен што во еден период (меѓу 2011 и 2019 година) е сопственичка на „Хацат“, уште во 2005 година ја основа фирмата „Екстрафуд“, која ги прави пластиките во кои „Хацат“ ги пакува болничките оброци.
Ицков, во 2012 година ја презема и оваа фирма.
Богат функционерски живот
Економистот од Гостивар, Делче Ицков, пред „Хацат“ имал богато партиско „портфолио“ и бизниси.
Високото партиско членство во општински централни комитети и фактот дека е ветеран на ВМРО-ДПМНЕ му овозможило да смени повеќе функционерски фотелји – од општински советник до директор, владин повереник, претседател на Управниот одбор на Фондот за здравство и пратеник.
Неговото име, во периодот на транзицијата, се поврзува и со повеќе државни фирми, како „Југохром“ и гостиварската кланица „Горни Полог“.
Сопругата на Ицков е судијка за стопански спорови, која се искачува до гостиварска апелација во период на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Неговата ќерка има бутик во Гостивар, во деловен простор, чиј сопственик е нејзиниот татко. Синот, пак, откако заврши факултет, стана директор во „Хацат“.
Ицков, на свое име има станови во Скопје и во Гостивар, деловни простории, викендичка во најубавиот дел на Маврово…
Податоците од Централниот регистар покажуваат дека сега е газда на три фирми, ама профитот му доаѓа само од „Хацат“. Добивката се прокнижува, и покрај долгот што Клинички го има кон кујната, со непроменета цена на оброците од 2009 година.
Лани „Хацат“ пријавил добивка од над 600 илјади евра, а „доходовни“ се бројките и во изминатите години. Само во пресуда од февруари годинава од „Заеднички служби“ судот му досудил да наплати 630 илјади евра.
Ицков само кратко вели дека за да подигне кредит од банка или за да земе заем, „препорачано е да имаш позитивна завршна сметка“, сугерирајќи дека на тој начин, профитот не е реален.
Лица блиски до ДУИ ја меркале кујната
„Пациентите од Клиничкиот центар се жалат на болничката храна“, „Се расипа болничката манџа“. Овие наслови се појавуваат во медиумите веднаш штом „Хацат“ ја презеде кујната во 2004 година.
Не им е лесно ниту на вработените. Многу се доцнело со платите, па тие во еден момент излегуваат на штрајк. Проблемите кулминираат во 2010 година, кога „Хацат“ најавува дека ќе прекине да им носи храна на болните поради големиот долг што кон нив го има Клиничкиот центар.
Тогашниот министер за здравство, Бујар Османи, најавил дека ќе поднесат и кривична пријава против „Хацат“ и ќе го раскинат договорот. Но, тоа не се случило.
Една декада подоцна, во 2021 година, владата на седница го разгледувала договорот со „Хацат“ и побарала Министерството за здравство да направи финансиска анализа за неговата исплатливост. Иако ја побаравме оваа анализа, од ресорното Министерство – молк.
Возилата со кои се разнесува храната се нерегистрирани со години
Ицков вели дека возилата со кои се дистрибуира храната се надвор од функција и не се регистрирани 20 години. Се чека одлука на владата за да се расходуваат.
Ицков се пожали дека и него го игнорирале. Вели дека досега се испратени 93 барања за корекција на цената и решавање на проблемот со плаќањето до сите институции. Одговор не добиле.
Раскажува дека пред неколку години, до него стигнале муабети дека лица од ДУИ сакаат да ја преземат кујната на Клинички. Во истиот период, како што одговори, почнало и огромното доцнење со исплатата на парите кон нив за болничките оброци.
„Овие не ти викаат оди си, само со неплаќањето толку долго време, сам треба да ти текне дека треба да си заминеш“, му рекол внукот на Ицков, Лазар Војноски, кој е и директор на „Хацат“.
На прашањето, пак, зошто „Хацат“ не се откаже, сопственикот одговара дека и самиот не знае. Страв му е, како што вели, дека ако го направи тоа, неговиот син и внук, кои сега директоруваат со фирмата, ќе си заминат во странство.
А тој во меѓувреме го шири бизнисот. Сега директно во областа на здравството. Во 2017 година основа нова, трета фирма.
Се вика „Делмиг фармација“.