Македонските судови донеле околу 700 пресуди последниве 5 години, со кои ја задолжиле Република Македонија да плати над 3 милиони евра, штета направена од мечки.
Мечките јаделе: пчели, мед, цреши, крави, овци, уништиле земјоделски производи. Бидејќи се животни под трајна заштита на државата и не смеат да се ловат, за секоја штета што тие ќе ја направат, одговара Република Македонија.
Истражувањето на БИРН покажа дека само последниве 5 години, од 2013 до 2017 година, со тужби за отштета поднесени од граѓани мечките „изеле“ над 3 милиони евра од Буџетот, а таа сума секоја година се зголемува.
Само на подрачјето на Битола, последниве 5 години биле поднесени речиси 500 тужби. Битола е рекордер и по штетата која треба да се исплати од државниот буџет. Штетата со сите трошоци на постапката ќе надмине над 1,6 милиони евра, доколку државата во најидеални услови ја плати на време и доброволно, без пресметана камата и трошоци за присилно извршување.
Во прилепскиот регион во 2013 година имало само еден правосилно завршен судски предмет за штета предизвикана од мечка, за во 2015 и 2016 година, тој број да порасне на 21, односно 22 тужби. За ваквата појава се можни само две објаснувања: или мечките се намножиле и смислиле лесен начин за прехрана или луѓето виделе добра можност за заработувачка тужејќи ја заштитената мечка. Кон ова наведува и податокот дека во многу од регионите се појавуваат исти луѓе како тужители во различни години или и по неколку пати во годината.
Во судските постапки, Република Македонија пред судовите ја застапува Државното правобранителство, но има случаи каде што тужбите биле насочени и кон Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, па во најмалку два случаи парите биле исплатени од сметката на ова Министерство.
Тужбите за оштета ретко се одбиваат
Според податоците на Државното правобранителство во Битола, кое ги покрива Основните судови во Битола и Ресен, и територијата на Демир Хисар, во последните 5 години биле покренати 493 тужби, од кои, до крајот на октомври била исплатена досудена чиста штета од над 867 илјади евра, плус трошоци на постапката што ја зголемува бројката на околу 1,3 милиони евра, но конечната штета би била 1,6 милион евра, бидејќи многу случаи се по жалба пред Апелацискиот суд во Битола, а со тоа се зголемуваат и судските трошоци направени во второстепената постапка за околу 250 евра по предмет.
Податоците на Државното правобранителство за Прилеп покажуваат дека во 2017 година само еден предмет бил правосилно завршен со досудена штета од 423 евра, која веќе била исплатена од Буџетот, но на решавање чекаат уште 20 предмети, во кои се бара штета од 19.770 евра, без судски трошоци кои се движат околу 15 илјади евра.
Всушност, тужбите против мечките заштитени од државата се претворија во лукративен бизнис, за што говорат лица од Министерството за земјоделство кои биле членови на Комисиите за проценка на штета.
„Ќе се јавеа во Подрачната единица на Министерството за земјоделство со тврдење дека мечката изела крава. Кога ќе отидевме на лице место, навистина имаше скелет од животно, но никој никогаш не беше сигурен дали животното било нападнато од мечка или од волк , кучиња, или угинало само. Комисијата составуваше записник за угинато животно, а подоцна со вештак, кој правеше вештачење врз основа на нашиот записник и тврдењето на сопственикот, на суд добиваа пресуди дека штетата ја направила мечка“, раскажува член на локална Комисија од Министерството за земјоделство.
Комисијата за проценки на штети од мечка е составена од тројца членови, во која, секогаш еден од нив е инспекторот по шумарство и ловство, а останатите двајца се вработени во локалната единица на Министерството.
Тужбите против мечките заштитени од државата се претворија во лукративен бизнис за што говорат лица од Министерството за земјоделство кои биле членови на Комисиите за проценка на штета
„Кога станав член на Комисијата за штети од дивеч се соочив со серија закани, бидејќи до тогаш, според кажувањето на жителите, записникот се составувал во канцелариите на Министерството каде што доаѓале да пријават граѓаните. Јас барав да се оди на увид, за да се види штетата, па многумина се откажуваа, што наведуваше дека лажно пријавуваа штети. Имаше и такви примери каде што имаше уништено насади со компир, пченка или пипер од десетина квадрати, но тие бараа да се направи записник дека е уништен родот на целата нива, убедувајќи ме дека мечката повторно ќе дојде за да го дојаде останатото па да не нè викаат повторно. На ова, им кажувавме дека ако дојде пак мечката, да си пријават, па ние ако треба ќе правиме записник за секоја штета, секој ден“, ја објаснува ситуацијата во Дебар, член на комисијата кој бараше да остане анонимен.
Истражувањето на БИРН покажа дека на подрачјето на Државното правобранителство во Гевгелија, Штип и Куманово нема поднесено тужби со кои се бара штета сторена од мечка. При пребарување на базата на судски одлуки, најдовме предмет во Основниот суд во Кратово, каде што локален жител ја тужел Република Македонија и барал штета, затоа што во бавчата му влегло крдо диви свињи и му направиле штета. Но, судот ја одбил тужбата, бидејќи концесионерот во меѓувреме со луѓе и техника ги избркал свињите далеку во планината и со тоа спречил да му прават нова штета.
Овој кратовчанец е еден од „побаксузните“, заедно со една тужителка од Струга и еден од Скопје кои барале штета за пчелите турнати од мечка, но нивните барања се одбиени и тие треба да ѝ платат на државата за направените судски и адвокатски трошоци.
Во сите други случаи судовите ги прифаќале тужбите за штети од мечки, а таквите пресуди ги потврдувале и Апелациските судови во Битола и во Гостивар. Ниту една од пресудите не дошла по ревизија во Врховниот суд за да се види ставот на највисокиот суд по ова прашање.
Државата, преку правобранителот ги оспорувала барањата на луѓето кои тврделе дека мечката им ги изела пчелите, црешите или стоката. Судот ги одбивал и аргументите на државата дека вештите лица, во различни предмети давале различни суми за обештетување за угинато животно или уништени пчели.
Во еден случај од Охрид, судот прифатил дека црешите ги изела мечка и поради скршените гранки на дрвото му пресметале изгубен род за наредните 6 години.
Мечките се попишуваат почесто од луѓето во Македонија
Пописот на мечки во Македонија се прави еднаш на 10 години. Според последниот од 2010, кој е важечки до 2020 година, во Македонија има помеѓу 371 и 381 мечка, не броејќи ги тогашните млади мечиња, кои не наполниле две години.
Пописот на мечките го води Заводот за уредување на шуми, во рамки на ЈП Македонски шуми и постои мапа на ловишта во Македонија, каде што е наведено колку мечки во кое ловиште има. Најмногу мечки има во националните паркови, каде што е помала можноста за криволовство, наспроти регионот на Дебар, на пример, каде што е утврдено дека биле умрени мечки откако се фатиле во стапици поставени од криволовци, а неколку од нив биле усмртени и на патиштата во западна Македонија.