Првиот вицепремиер Изет Меџити навидум е истиот од лани. Зборува тивко и внимателно и носи вратоврска само кога протоколот го налага тоа.
Меѓутоа, во едночасовниот разговор што го водевме неделава, забележавме промени. Опозициските категорични позиции ги заменил со прагматичен пристап кон проблемите, пиар-пораки усогласени на Илинденска бр. 2 и со извежбани одговори на конкретни прашања.
Овој Меџити превагнува на „тешката“ темa за уставните промени. А, неговата „огнена“ верзија пламнува во дебатата за политичките противници и дивоградбите во Чаир.
Политичка реконструкција на дивоградбите
Интервјуто со вицепремиерот и лидер на Демократското движење се вжешти на прашањата за неговиот роден Чаир, кој како градоначалник го водеше до 2017 година.
Повод беа обвинувањата на скопската градоначалничка Данела Арсовска дека општината легализира дивоградби со фалсификувана документација и прстот што таа го впери кон актуелниот градоначалник и сопартиец на Меџити, Висар Ганиу.
Темава не е нова. Пред година и пол, новинарите на „360 Степени“ документираа дека Чаир легализира висококатници изградени по 3 март 2011 година, што законски е недозволиво. Се посомневаа на антидатирање. И сега Арсовска инсистира дека градбиве се презентираат со постар датум, илустрирајќи ја измамата преку апсурдот дека инвеститорите биле тинејџери пред 14 години.
Во текот на разговорот, Меџити ниту еднаш не негираше дека спорните габаритни градби се подигнати по рокот од 2011 година. Наместо директен одговор на прашања, во детали зборуваше за слични или идентични случаи на Водно, во Центар, Карпош и во Сарај, илустрирајќи дека проблемот е системски, а не исклучок врзан за Чаир.
„Таму нема ништо поразлично од другите општини“, вели тој.
Како аргумент за тврдењето понуди статистика на Државниот градежен инспекторат, која, всушност, ја сервираат општините.
„Чаир учествува само со 1,6 проценти во бројот на дивоградби на ниво на државава. Значи, во тие повеќе од 200.000 дивоградби, по бројот на дивоградби, Чаир е деветта општина по ред, а на ниво на Град Скопје е шеста.“
Во текот на разговорот, Меџити не се впушташе во дебата за специфичноста на чаирскиот скандал дека не се проблематизираат само дивоградби, туку и обидите за дрска и незаконска легализација. И дека не се тоа куќарки, шупи или тераси, туку повеќе габаритни висококатници што надвиснуваат над булевари и главни улици.
Пригодава ја искористи уште еднаш за да ја обвини Арсовска за двојни стандарди и за политичка агенда.
„Јасно е. Очигледно е дека се работи за агенда што ѝ е поставена од Блерим Беџети“, убеден е тој.
Беџети и Меџити, кога беа заедно во ДУИ, делуваа фракционерски преку огнената група. Беџети пред ланските избори не го следеше Меџити во новиот политички субјект, остана во партијата на Али Ахмети, стана пратеник и ја напушти градоначалничката позиција во Сарај.
Оттаму фокусот на вицепремиерот и на владејачката ВЛЕН ласерски е насочен кон оваа скопска населба.
„Единствената општина што не соработува со градежниот инспекторат и крие податоци е Општина Сарај. Tоа го прави зашто таму има сериозни кршења на законот.“
„По мои информации има инвеститори на колективни згради, кои за легализација не платиле комуналии како што им следува по закон, по 50 или 110 евра за квадрат, туку платиле по едно евро. Тоа е веќе сериозно оштетување на буџетот на Општина Сарај и на Градот Скопје“, открива Меџити.
Иако најголем дел од интервјуто беше посветен на Чаир, наспроти сите наши инсистирања не успеавме да добиеме конкретни одговори на оваа тема.
Некоја друга реторика

„Од позиција на вицепремиер полесно може да се лобира за екоолошките прашања“ | Фото: БИРН
Исправен пред гласачите Албанци, кои во големо мнозинство ја поддржуваат интеграцијата во ЕУ, Меџити пред парламентарните избори се заложи за уставни промени.
„Мора да најдеме начин да ја убедиме ВМРО-ДПМНЕ да влезе во процесот на внесување на Бугарите во Уставот“, ова е негова изјава стара една година.
Денес, од позиција на прв вицепремиер на Христијан Мицкоски, во интервјуто за БИРН, на истата тема говореше мошне резервирано.
„Ние дејствуваме, помагаме, олеснуваме колку што можеме и колку што ни следува.“
„Работиме и со меѓународната заедница да се најде модус и Бугарите да се внесат во Уставот и никој да не се оштети“, рече Меџити.
Темата за Уставот, всушност, ја отвори со Доналд Трамп.
„Се соочуваме со нова политичка ера. Ова е Трамп-ера. Поместени се приоритетите и во меѓународната заедница“, вака ја почна својата анализа.
По реизборот на Трамп, претседателката Гордана Силјановска-Давкова и министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, тврдеа дека новата реалност оди во наша корист и како сè повеќе држави ја разбираат македонската позиција кон уставните промени.
Прашан дали неговата изјава се однесува токму на овој процес, од вицепремиерот добивме кус и неодреден одговор.
„Сега нема конкретни чекори, но помагаат и нашите стратешки партнери.“
Ако за Бугарите може да се најдат повеќе конкретни изјави на опозиционерот Меџити, за животната средина, неговата ресорна тема во владата, нашиот прес-клипинг не покажа ништо. Јавноста не го препознава како активист, не сме го виделе на протест за чист воздух или да се бунтува против некоја дива депонија.
„Не можеш да бидеш градоначалник и активист“, коментираше Меџити, правдајќи практично непостоечки минат труд на зелените теми.
Меѓутоа, не ја прифати констатацијата дека никогаш не бил активист.
„Во политиката дојдов од невладиниот сектор. Бев во студентската организација, која ако добро се сеќавам, се викаше Ноли“, објасни за периодот пред 2005 година, пред за првпат да стане градоначалник.
Не е случајно, вели Меџити, спојувањето на двете негови функции во владата и целта се подобри резултати.
„Од позиција на вицепремиер полесно може да се лобира, отколку кога некој е само министер за животна средина што нема политичка тежина.“
Надоврзувајќи се на изјава од премиерот Мицкоски, тој вети дека во следните две-до три години може сериозно да се намали загадувањето на воздухот. За тоа би придонеле когенеративните централи, енергетските постројки, кои истовремено произведуваат струја и топлинска енергија, со кои значително би се проширила парно-мрежата.
„Деновиве ќе се потпише меморандум за гасификација и за когенеративните системи на ниво на државата. Така ќе елиминираме околу 70 отсто од проблемот со загадувањето.“
Другите приоритети му се стотина градски автобуси на гас, помали давачки и инфраструктура за електрични возила и иницијатива таксистите да се префрлат на ековозила.
Независни кандидати

Клучни општини за ВЛЕН се Чаир и Тетово| Фото: БИРН
Кога разговорот ќе сврти кон локалните избори и коалициските математики, испливува Меџити каков што го паметиме – зборлив, самоуверен и подготвен да влезе во анализа без протоколарни сопирачки.
Во врска со шпекулациите за наводно незадоволство на собранискиот спикер, Африм Гаши и можен распад на коалицијата, тој вели:
„Прво, нема ништо од тоа. Второ, превирање има во другиот блок, во Европскиот фронт, или сега е национален фронт, оти зависно од времето, еднаш се мултиетнички, еднаш национални. Таму има реални превирања.“
Ги отфрла како „спин-докторски“ наративи на ДУИ, објавите во медиумите за несогласувања во ВЛЕН.
Коалицијата, открива тој, на претстојните избори ќе поддржи и независни кандидати за градоначалниците ако имаат висок рејтинг.
„Ќе ја потврдиме победата од парламентарните избори“, рече тој објаснувајќи дека триумфот подразбира освојување на клучните општини Чаир и Тетово.
Вицепремиерот убедува дека политичката групација нема да ја изгуби поддршката со напуштањето на екс-министерот за здравство, Арбен Таравари.
„Гласачите на Алијанса му го свртија грбот на партискиот идеолог Зијадин Села, кога тој се приближи до ДУИ, и немам дилема дека истото ќе му се случи и на Таравари.“
Тој анализира дека ДУИ ќе предложи кандидати за градоначалници само во седум општини и останатите ќе ги препушти на бројните коалициски партнери. Тоа, според него, од старт е губитничка позиција зашто партијата сега управува со 11 општини.