Ракопис

„Mексичка“

Раскази: Улиците што ги нема

 

 

 

Нему зборовите му беа сѐ. И родители, и соседи, и фамилија, и семејство, и жена, и маж, и постар брат, и две помали сестри, и сурија токмуглави дечиња, и копнеж, и тага, и болест, и клетва, и апчиња, и облоги, и музики, и драми, и висока летна жега подзапрена со зелени, дебели, непропустливи платна навлечени на очите на собата како презреани пердиња. Беше предоцна за нивно отстранување, прерано за целосно слепило. Нему зборовите му беа сѐ. И мебел, и тераса, и црвена, излитена, удобна  фотелја, и ламбичка покрај животот со придушена светлина. На почетокот ги чуваше во убави, дебели речници со тврда, лепена или брош-подврска, потоа речниците не му ги примаа зборовите, зашто му се множеа како инсекти, па ги ловеше во фиши со различни бои, рачно исечени од А4 картони што ги купуваше во маалската книжарница.

Живееше на „Мексичка“ уште од времето кога сѐ уште се вљубуваше во понекој збор. Погрешен и неправилен, се разбира.  И „Мексичка“ беше погрешна и неправилна, зашто улицата требаше да се вика „Мексиканска“, а не „Мексичка“.  Колку и да беше во убав хоризонтален сендвич, фил помеѓу улиците „Хелсинки“ и „Варшавска“, поткрепен отстрана со „Виенска“ и „Хаванска“ како со пишкоти, Венјамин сепак не можеше да ја голтне „Мексичка“ со таа неука наставка -чка, особено разбеснета последниве години во придавката амерички: амерички филм, америчка пита, америчка книжевност, амерички сон, америчка девојка, амерички живот… Тука доаѓаат предвид исклучиво наставките -ски (-ска, –ско), самиот себеси си зборуваше Венјамин. Мексички, мексичка, мексичко, мексички. Никако! Никако!  Граматичката недоследност, лексичката мешаница и особено зборообразувањето во целата населба беше презашилен, убиствен молив за него. Плус, не запираше Венјамин, не може именки и придавки да бидат исто! Ако околу се „Виенска“, „Хаванска“, „Варшавска“.. . и улицата  „Хелсинки“ морала да биде „Хелсиншка“. Не може присвојна придавка барабар со сопствена именка. Во зборовите мора да се има ред, како и во јазикот. Море како и во животот! Го утнеш ли зборот еднаш, двапати,.. на крајот ќе го утнеш и јазикот. А утнат јазик му е брат на утнат живот!

На младини, Венјамин запозна една кумановка која му подари многу дијалектни зборови во кои подеднакво се вљуби како и во неа. Всушност, за нијанса повеќе ја сакаше звучноста на алина (три вокали од пет букви, еј!), отколку нејзиното крупно, консонантско тело; поголема заумност му предизвикуваше зборот алаόјда ,отколку нејзините големи гради, а во банѕóв, пак, се огледуваше како во големо огледало во ходник на нешто што би можело да му биде дом, спонтано подзачешлувајќи си ја косата со рака. Кога кумановката му излезе од животот, зад себе остави десетина фиши испишани со негова рака, со уредно наведени цитати од  нејзините објаснувања и означени акценти таму каде што сериозно отстапуваат од третосложноста:

„Алаόјда е личност која сѐ прави пребрзо: пребрзо зборува, пребрзо молчи, пребрзо се симнува по скалите во дворот, пребрзо се качува по скалите во кујната, пребрзо бере магдонос“, „ Банѕóв не е само да се биде мрзлив, банѕóв е сакаш си мрзлив, сакаш си згоден“, „Алина, ах, алина моја! Тоа е ненадеен лут, најчесто летен ветар од кој трескаат прозорци, траскаат заборавени штипки и штици на терасата, летаат ќеси, татни стравотен ѕун на закана, а само миг подоцна, ете ти мир, ете ти жега и спокој“. Набрзо Венјамин ги спечали и фљонго и фљамби за панделка и за фалти од една валандовчанка со убав профил што не остави отпечаток ни на фишата на неговите усни; па шемше и нагезмо за чадор и за нане од преторчанката со испакнати јаболкца на пространите образи со која ни ги заврна, ни ги нагезми на ливада заедно, зашто љубовта им почна и им заврши вертикално. Крстозборот на страста не успеаја да го решат хоризонтално. А потоа, потоа, господи, го грабна една зла глаголска именка, едно битолско нејќење кое го подбра од на небо и го тресна наземи ко „партал шо не се крпи“. Немаше фиша за толку елементарен збор, имаше фиша на срцето „шо не можи да се скини“ со векови. „Заминвај, успич фати!“ му протатни низ глāта на Венјамин и мигум му ги снема зборовите со живи лица, а безличните, безимените и бестелесните му станаа сѐ во животот…  И љубовници, и спомени, и рани, и лузни, и дијалекти, и правописи. Најмноги сонови. Сонови со прецизни дезени, на коцки и штрафти, со по некое расфрлано цветче. Сонови пошарени и  поубави од јавиња. Никако! Никако! Именките како јаве не смеат да имаат множина! Singulare tantum! Singulare tantum!, викаше Венјамин на сет глас во дневната соба.

Нешто го надвика однадвор. Венјамин замолче, се заслуша. Раскошна музика се ореше по „Мексичка“. Леб и сол!,  свика Бенјамин и го отвори прозорецот. Влатко Стефановски, нога пред нога, си поминуваше по улицата, а зад него со чудесни музички стапалки чекореа, се свиреа и се пееја трите најсакани песни на Венјамин: „Лења песма“ од албумот „Ручни рад“, „30 минута до куќе“ од „Тангента“ и „Чувам ноќ од будних“ од „Као какао“. Да го познаваше, Венјамин ќе викнеше по Влатко, вака само го слушаше и го гледаше, го слушаше и го гледаше… Еве го и брат му!, свика уште погласно Венјамин, забележувајќи го на крајот на улицата и Горан Стефановски со едночудо драми под двете мишки. Зад него одеа „Конзервирани импресии“ и „Мала книга на стапици“, фатени за раце. Беше 2012 година.

Неколку дена подоцна, разбра дека Советот на град Скопје донел Одлука за преименување на 32 улици, булевари и други инфраструктурни објекти во Скопје. „Мексичка“ станала „Петре Пирузе“. Во „Дневник“ од 28.06. истата година, во рубриката Метропола, прочита дека браќата Влатко и Горан Стефановски побарале од Советот да не се менува името на „Мексичка“ – „да се ревидира одлуката и да се врати старото име на улицата“, на што „градоначалникот Коце Трајановски не можеше да каже дали го прифаќа или го одбива ваквото барања за враќање на името на улицата.  Изјави дека барањето допрва ќе биде разгледано. Притоа потенцираше дека одлуката за промена на ‘Мексичка’ во ‘Петре Пирузе’ веќе е усвоена“.

Венјамин се почувствува растргнат на сопствениот крст, на два хоризонтални (горе-долу) и на два вертикални крака (лево-десно).  За него горе-долу беше исто што и јазикот и граматичките и правописните правила; лево-десно беше сѐ друго, и музики, и љубови, и дијалекти, и речници, и фиши. Последниот клинец што себеси си го закова беше одлуката дека треба да се радува што најпосле е исправена наставката –чка. Зашто, тука доаѓаат предвид исклучиво наставките -ски (-ска, –ско). Добро, не стана „Мексиканска“ туку „Петре Пирузе“, ама во однос на погрешната наставка, тоа што веќе ја нема на некој начин значи и дека е исправена.

Венјамин, сосем сам дома, како секогаш, singulare tantum со човечка лика, си пушти „Леб и сол“ и танцувајќи на „сви некуд јуре / трче и лете / и свако хоќе добити све“, почна да пишува писмо (на розова фиша) до Советот на град Скопје со молба за промена на името на улицата „Петре Пирузе“ или во „Горан и Влатко Стефановски“ или во „Леб и сол“. Како сметаат дека е подобро. Тој не би се мешал.

Фотоилустрација: З.Р.