Истражувањa

„Мелимејт“: Голема сопственичка мистерија, уште поголем имот

Анонимната офшoр-фирма поседува станови вредни повеќе од 500.000 евра, а нејзиниот сопственик Љупчо Бакев има бизнис релации со семејството на поранешниот функционер и член на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Здравев.

Сѐ уште е мистерија кој ја основал „Мелимејт“ на американско копно, кој ги пренел нејзините пари во Скопје преку кипарска сметка и кој на крајот му ја предал фирмата на Љупчо Бакев, сопругот на Маргарита, поранешна функционерка на ВМРО-ДПМНЕ и донатор на партијата во 2012 година.

БИРН откри дека фирмата е зачната во Олбени, САД на 26 ноември 2007 и тоа буквално на истиот ден и во истата канцеларија каде е основана и американската компанија што се појавува во сопственичката структура на најпознатиот офшор, „Ексико“, акционер во неколку големи и успешни македонски компании и фирма што се врзува со највисоките структури во власта.

Речиси идентична офшор-генеза има и „Финзи“, со која управуваше Коста Крпач, сведокот на Специјалното јавно обвинителство кој во април годинава со пиштол се уби во својот дом во Скопје.

БИРН дојде до официјални податоци што откриваат дека фирмата „Мелимејт“ поседува значителен недвижен имот во центарот на главниот град, иако нема официјални податоци што точно и колку сработила на полето на градежништвото.

Офшор-друштвото на „Мелимејт“

Офшор-друштвото на „Мелимејт“

Нашето истражување го доведува Бакев, актуелниот газда на „Мелимејт“, во бизнис релација со семејството на Владимир Здравев, истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ, познат по улогата на претседавач на Советот на Општина Центар во периодот кога се спроведе значаен дел од проектот Скопје 2014.

Здравев од октомври минатата година е член на Одборот на директори на Македонски Телеком, каде прв човек е Жарко Луковски, еден од поранешните сопственици на „Ексико“.

600 квадрати во скопски Центар

Податоците од катастарот откриваат дека „Мелимејт“ поседува шест стана центарот на Скопје или вкупно околу 600 метри квадратни станбен простор. Ако се земе предвид дека цената на квадратот во тој дел од градот се движи околу 1.000 евра, грубата пресметка покажува дека „Мелимејт“ поседува недвижен имот вреден повеќе од половина милион евра.

Поточно фирмата е сопственик на пет стана во зградата која се води на адресата „Црвена вода“ бр. 7 и која од задната страна излегува на булеварот „Партизанска“, во непосредна близина на популарното кафуле „Броз“. Објектот е лоциран на атрактивно место, а спроти него, преку булеварот се наоѓа Универзалната сала.

Зградата на „Партизанска“

Зградата на „Партизанска“

Во имотот на „Мелимејт“ влегува уште еден стан и тоа во друга зграда на адреса „Антоние Грубишиќ“ бр. 2, објект што се наоѓа во непосредна близина на Министерството за култура во Дебар Маало и кој го изградил бизнисменот Александар Ивановски познат како Алек Теранова.

Во втората зграда, на приземјето „Мелимејт“ има стан од 79 квадрати, а ходникот го дели со интересен сосед, со кого има повеќе заеднички точки. Имено, веднаш до овој стан на „Мелимејт“, во истата зграда и во истиот влез, стан поседува и 70-годишната Веселинка Здравева, мајката на Владимир Здравев, поранешниот функционер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Зградата во близина на Министерството за култура

Зградата во близина на Министерството за култура

Веселинка Здравева и Љупчо Бакев, сопственикот на „Мелимејт“, се соседи и на друга адреса во скопски Центар и тоа во истата зграда и во истиот влез на улица „Васил Ѓоргов“, каде ги делат неколку ката.

Традиционалното соседство минатата година преминало и во бизнис соработка откако Бакев станал управител на компанијата во која Здравева е еден од сопствениците. Тоа е фирмата што води лаунч-бар во скопски ГТЦ, истиот угостителски објект којшто на времето беше познат како ресторан „Ања“.

Дополнително, нашите информации говорат дека Љупчо Бакев е активен и во Хотел „Солун“, иако официјално не е вработен таму. Токму Веселинка Здравева е сопственичка и на овој атрактивен угостителски објект во центарот на Скопје.

Телефонски го побаравме Бакев на рецепцијата и прашавме дали е на работа.

„Бакев во моментов не е тука, меѓутоа можете да оставите порака да му ја пренесеме“, ни објасни женскиот глас од другата страна на линијата и ни потврди дека речиси секој ден доаѓа на работа.

Врските меѓу двете семејства се појавуваат и по други основи. Како што БИРН објави минатата недела, сопругата на Љупчо Бакев, Маргарита, како кадар на ВМРО-ДПМНЕ до 2013 беше директорка на ЈП за паркинзи во Центар, токму во времето кога Владимир Здравев го водеше Советот на оваа општина.

Здравеви не ги коментираа прашањата на БИРН околу конекциите на „Мелимејт“ со членовите на нивното семејство. Владимир Здравев одби било каков контакт со новинарите на БИРН, додека неговиот брат Александар, којшто е управител на Хотелот „Солун“, не одговори на писмените барања за средба.

Хотел „Солун“ во центарот на Скопје | Фото: БИРН

Хотел „Солун“ во центарот на Скопје | Фото: БИРН

Владимир Здравев последниве петнаесетина години во неколку наврати беше општински или функционер на државно ниво, дури и на високи директорски позиции, меѓутоа јавноста најдобро го памети како прв човек на Советот на Општина Центар во периодот кога се реализираше најголем дел од проектот Скопје 2014.

Хотел „Солун“ и Здравеви
„Солун“ е релативно нов хотел што се наоѓа во строгиот центар на Скопје, сместен близу улицата „Максим Горки“, веднаш зад плацот на кој сега има огромна градежна дупка и каде порано се наоѓаше печатницата „Гоце Делчев“. Хотелот се води на името на мајката на Владимир Здравев.
Овој угостителски објект се промовира како првиот еколошки хотел на Балканот, има четири ѕвездички, 53 соби, велнес центар, конференциска сала и други содржини типични за хотелскиот бизнис.
Антикорупциската комисија увиде судир на интереси и при впишувањето на Хотел „Солун“ во Детаљниот урбанистички план за Мал ринг во Центар, бидејќи, како што тврдеше тогаш комисијата, Здравев како претседавач на Општина Центар гласал за промените на овој план, иако градежната парцела била во сопственост на неговите татко и чичко.
Здравев денес одрекува било каква поврзаност со хотелот.

Покрај тоа што под негова палка Советот ги аминуваше спомениците на скопскиот плоштад, тој имаше и активната улога во реализацијата на проектот.

Според градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, Владимир Здравев дури осум пати патувал во Италија за потребите на Скопје 2014.

„Нејасно е зошто тој морал да отиде во Италија“, се чудеше Жерновски во 2013 година.

Покрај Здравев уште 56 лица на товар на општината патувале во Фиренца, Верона и во Милано и за тоа потрошиле 1,5 милиони евра.

Во период од две години, од 2008 до 2010 Владимир Здравев истовремено беше и генерален директор на АД МЕПСО и општински советник, по што по барање на Антикорупциската комисија мораше да се повлече од државната компанија за пренос на струја.

Назад во времето, откако прв пат ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт во 1998 година тој се вработил во Министерството за економија, а подоцна преминал во Управата за јавни приходи каде останал до 2003 година.

Од тој период интересно е дека до декември 2002, заедно со поранешниот министер Миле Јанакиески Здравев член на Управниот одбор на Националната платежна картичка со која директоруваше Владимир Мијалков, помладиот братучед на Никола Груевски и брат на Сашо Мијалков.

Симптоматичен е молкот околу „Мелимејт“

Кои се основачите на „Мелимејт“ и колкав е нејзиниот имот се прашања од општ јавен интерес бидејќи, како што објавивме минатата недела, во неколку наврати биле префрлени пари во скопската „Мелимејт“ преку кипарска банка.

Секогаш кога има трансакции од офшор дестинација легитимно е да се праша чии се парите и какво е нивното потекло, оти даночните оази како Кипар, меѓу другото, служат како параван за идентитетот на вистинските сопствениците на капиталот и на начинот на кој тие ги стекнале парите.

Сомнежот е дотолку поголем кога претставниците на овие фирми и луѓето што се поврзуваат со нив, одбиваат да откријат било каква информација, како што е случајот со Љупчо Бакев и со Здравеви.