Регион

Мигрантите во БиХ се „повеќе подложни на зараза“

Мигрантите и бегалците кои живеат во напуштени објекти и шатори, се повеќе подложни на инфекција со коронавирус

Улиците на Бања Лука се речиси празни. Стравот од зараза со коронарна вирусот ги натера повеќето граѓани да останат во своите домови.

Во босанскиот ентитет, Република Српска, до четвртокот беа потврдени 29 случаи на заразени со корона вирусот, од кои само 23 лица во Бања Лука.

За да се спречи ширењето на заразата, беа донесени безбедносни мерки. Така, сите ресторани и кафулиња се затворени, а отворени се само продавниците и аптеките.

Луѓето во БиХ секојдневно се потсетуваат на препораките за одржување на личната хигиена, за избегнување на јавните собири и за ненапуштање на домовите, без итна потреба.

Фероз, кој го напуштил родниот Авганистан пред три години, се плаши дека ова ќе го искомплицира неговото патување до неговата посакувана дестинација – Германија.

„Има многу луѓе болни во шаторите во Тузла, но мислам дека не е корона“, ни рече тој.

Ограничување на движењето

Прифатниот центар „Бира“ кај Бихаќ. Фото: БИРН.

Во БиХ се регистрирани околу 7.500 мигранти. За најмалку 2.500 од нив, нема место во центрите за привремено сместување, што ги поставија властите.

Во средата, Владата на Кантон Сараево (КС), донесе одлука со која се ограничува движењето на мигрантите и наложи тие да се сместат во привремени прифатни центри.

„Имајќи ја предвид проценката дека постојните капацитети во привремените прифатни центри нема да бидат доволни за во нив да бидат сместени сите мигранти кои се наоѓаат и се движат во КС, Владата, без одлагање, ќе испрати до надлежните органи на БиХ, иницијативата за формирање на дополнителен привремен прифатен центар (објект, шаторска населба и итн.) на подрачјето на овој кантон“, се вели во одлуката на Владата на КС.

Унско-санскит кантон (УСК), кој граничи со Хрватска, беше најтешко погоден од мигрантската криза. Покрај тоа, првиот случај на заразено лице со корона вирусот, беше потврден во овој кантон во вторникот.

Затоа, во понеделникот, Кризниот штаб на УСК одлучи целосно да го ограничи движењето на мигрантите надвор од прифатните центри, во кои тие се сместени.

Но, Фероз и неговиот марокански пријател не знаеја дека во Бихаќ стапиле на сила мерки за ограничување на движењето на мигрантите. Тој вели дека за ова ќе се грижи кога ќе пристигнат во Бихаќ.

Мигрантите во напуштените објекти се без надзор

Мигранти и бегалци пред прифатниот центар „Бира“, кај Бихаќ. Фото: БИРН

Досега, во прифатните центри нема индикации за заболени од корона вирусот, соопштија од Меѓународната организација за миграција (ИОМ).

„Наметнати се превентивни мерки во прифатните центри во соработка со Светската здравствена организација, Данскиот совет за бегалци и Институтот за јавно здравје на КС“, вели за БИРН, Едита Селимбеговиќ, од одделот за односи со јавноста, на ИОМ.

Таа посочува дека во овие центри има доволен број на здравствени работници.

Но, мигрантите кои живеат во напуштени објекти или на улица, претставуваат дополнителен проблем. Значителен број од нив се наоѓаат во Тузла или УСК.

„Ни недостасуваат капацитети во кои соодветно би ги сместиле сите мигранти, кои се надвор од привремените прифатни центри, во кои би имале контрола тие да не се заразат“, додава Селимбеговиќ.

Изградбата на шаторската населба „Липа“, помеѓу Бихаќ и Босански Петровац, започна во саботата, и во неа ќе бидат сместени мигрантите и бегалците што се наоѓаат на улица.

„Добивме поддршка од Министерството за безбедност на БиХ, од Федералната влада и веднаш почнвме со поставување на шаторска населба … Примарната цел на сè што правиме е заштита на здравствено-епидемиолошката состојба во градот, но, исто така, и да изнајдеме похумано сместување за овие луѓе“, изјави во саботата, градоначалникот на Бихаќ, Шухрет Фазлиќ.

ИСПИА, италијанска невладина организација, која работи во БиХ од 1997 година, а која моментално  им помага на мигрантите и бегалците, предупредува оти мигрантите во напуштените објекти и импровизивните кампови, на крајот можат да завршат живеејќи во опасни услови.

„Мигрантите во кампот не разбираат што се случува; тие во моментов се повеќе збунети отколку лути“, изјавија за БИРН, претставници на ИСПИА.

Тие велат дека ниту мигрантите што се обидуваат да стигнат до земјите на ЕУ, не знаат дека постои ограничување на движењето заради корона вирусот.

„Мигрантите не знаат дека дури и ако дојдат во Словенија или во Италија, нема да можат да се движат во овие земји. Знаеме дека многумина од нив се заглавени во Трст (Италија) и дека во моментов прифатните центрите во овој град се полни, како и  објектите за карантин“, велат од оваа организација.

Во меѓувреме, граничната полиција во БиХ предупредува дека наскоро може да се очекува зголемен прилив на мигранти.

„Од една страна, имаме потопло време, а од друга страна, тука е фактот дека Турција ги отвори своите граници (за мигрантите кои сакаат да стигнат во земјите на ЕУ)“, изјави за БИРН, портпаролката на граничната полиција, Франка Вицан.

„Немаме доволно полицајци, ниту технички средства, за да ја контролираме самата граница. На граничната полиција ѝ недостига 401 полицаец за одвивање на редовните активности. Во вонредни околности, како што е сега, потребни се уште 1.200 полицајци за ефикасно чување на државната граница на БиХ“, додава Вицан.

„Никој не е безбеден, додека сите не бидат заштитени“

 

Прифатниот центар „Бира“ кај Бихаќ. Фото: БИРН

Активисти на групата Трансбалканска солидарност, во средата објавија отворено писмо со околу 500 потписи, во кое ги повикуваат Европската унија и земјите од регионот, да се погрижат за бегалците и мигрантите „’заглавени’ во нашите земји“.

Тие предупредија дека на Балканот, има десетици илјади бегалци и други мигранти, дека дел се сместени во официјални прифатни  центри, но дека „голем број луѓе се надвор од системот, и тие преживуваат со помош на локалното население и со поддршката што им ја пружаат волонтерите од целиот регион“.

Со ширењето на корона вирусот, ситуацијата со бегалците и мигрантите „се влошува и бара итна акција од одговорните – локални и меѓународни актери – и солидарност од сите нас“, велат активистите.

„На ова не обврзува елементарната човечност, вклучително и основната логика за јавно здравство, бидејќи никој не е безбеден, додека сите не бидат заштитени!“, се заклучува во нивното писмо.

А Фероз, мигрантот од Авганистан, кој се наоѓа во Бања Лука, потенцира дека, доколку може, ќе го продолжи своето патување кон Германија, без разлика што ќе се случува со корона вирусот.