Регион

Ниту еден од ’помагачите’ на Радован Караџиќ не е осуден

Советот на Европската унија направи „црна листа“ на која се најдоа имиња на десетици луѓе на кои им беше забранет влез во земјите членки на ЕУ, под сомнение дека помагале во криењето на Караџиќ

Обвинителството на БиХ водеше истрага против 58 лица, поради пружање на финансиска поддршка на Караџиќ, но пред неколку години оваа истрага беше прекината, затоа што нејзините резултати не покажаа дека е сторено некакво кривично дело, а и лицата кои беа под истрага, соработуваа со Хашкиот трибунал.

Обвинителството на БиХ не ни одговори на нашето прашање за деталите на истрагите, „поради доверливост“.

Од три обвинителства во Белград, добивме одговор дека тие не воделе никакви истраги против лицата претходно спомнати како осомничени, додека едно обвинителство го отфрли нашето барање, повикувајќи се на правото за заштита на личните податоци.

Претставниците на здруженијата во БиХ кои повеќе од две децении се борат за вистината за војната во 90-тите години, се огорчени на овој сегмент од работата на судствата во БиХ и во Србија.

„Повеќе пати баравме информации и на некој начин вршевме притисок за соодветно процесирање на помагачите на хашките бегалци, но никогаш не дознавме ништо за судбината на тие истраги“, вели Мурат Тахировиќ, претседател на Здружението на сведоци и жртви на геноцидот.

Осомничени ставени на ‘црна листа’ и замрзнати средства

Во 1995, последната година од војната во БиХ, Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) го обвини Караџиќ.

Следната година, тој се повлече од функцијата претседател на РС и на Српската демократска партија, во чие формирање и самиот учествуваше.

После ова, тој почна да се крие и првата година како бегалец ја помина во БиХ, каде стабилизациските сили на НАТО упорно го бараа, но без успех.

Имаше гласини дека Караџиќ живее во манастири, или дека е во Црна Гора, Грција, Русија или во Белорусија.

На крајот на 1999 година, тој се пресели во Србија. Таму, наводно,  прво се криел во Нови Сад, а потоа се преселил во Белград, каде се претставуваше како Драган Дабиќ, самопрогласен духовен исцелител. Тој предавал и работел како консултант на приватни здравствени компании.

Радован Караџиќ беше уапсен во автобус во Белград на 21 јули 2008 година и беше екстрадиран во Хашкиот трибунал.

По ова, поради помагање или финансирање на хашките бегалци, вклучително и на Караџиќ, високиот претставник (ОХР) во БиХ смени многумина кои вршеа јавни функции или ги замрзна нивните средства.

ОХР соопшти дека наметнал меѓународни рестриктивни мерки за околу 80 функционери и дека блокирал околу 40 банкарски сметки на фирми.

Во тој период, Советот на Европската унија направи „црна листа“ на која се најдоа имиња на десетици луѓе на кои им беше забранет влез во земјите членки на ЕУ, под сомнение дека помагале во криењето на Караџиќ.

На списокот се најде и поранешниот министер за правда и помошник министер за внатрешни работи на РС, Момчило Мандиќ. Тој денес живее во Србија и е пратеник во Собранието како член на Српската радикална партија, предводена од Воислав Шешељ, кого Хаг го осуди за воени злосторства.

Мандиќ беше осуден на пет години затвор за злоупотреба на својата функција, во поранешната Стопанска банка на Српско Сараево, но беше ослободен од обвинението дека му помагал на Караџиќ, поради недостиг на докази.

Во обвинението беше наведено дека во оваа банка бил отворен „црн фонд“ за правна заштита на Караџиќ, во врска со обвинението пред МКТЈ.

Мандиќ го негираше ова: „Јас бев осуден за банката, бидејќи сметаа дека давала кредити на фирми, кои им помагале на обвинетите од страна на МКТЈ, меѓу кои беше и Караџиќ. Не беа давани кредити за ова“, изјави Мандиќ за БИРН во 2019 година.

Наводните помагачи, обвинети за воени злосторства

 

Момчило Мандиќ на седница на Одборот за одбрана и внатрешни работи на Собранието на Србија. Тој беше ослободен од обвинението дека му помагал на Караџиќ. Фото: Собрание на Србија

На списокот на оние кои беа осомничени дека му помагале на Караџиќ, се најдоа и неколку имиња на лица, кои подоцна беа обвинети и за воени злосторства извршени во БиХ. Еден од нив беше Мандиќ, кој беше ослободен од обвинението дека водел казнено поправни институции на подрачјето на Сараево и Фоча, каде за време на војната, во нехумани услови, беа затворени стотици луѓе.

Меѓу обвинетите беше и Томислав Ковач, командант на полициските сили на Министерството за внатрешни работи на РС за време на геноцидот во Сребреница во јули 1995 година. Тој беше обвинет за геноцид, а во обвинението беше наведено оти тој ги контролирал полициските сили вклучени во апсењето, затворањето и масовните егзекуции на бошњачки мажи и момчиња од Сребреница.

Но, Ковач, кој денес живее во Србија, во 2018 година не присуствуваше на расправата за изјаснување за вината пред Судот на БиХ. Оттогаш, не е одржано ново рочиште.

Со правосилна пресуда на Судот на БиХ, Предраг Кујунџиќ, поранешен командант на единицата „Предини волци“ на Војската на Република Српска (ВРС), беше осуден на 17 години затвор за злосторства против човештвото извршени, во Добој.

И Милан Нинковиќ, кој е обвинет од Обвинителството на БиХ дека во периодот 1992-1993 учествувал во заеднички злосторнички потфат, со цел прогон на бошњачките и на хрватските цивили, беше на списокот на осомничените кои му помагале на Караџиќ во криењето.

Меѓу последните кои беа обвинети беше Љубан Еќим, кого Обвинителството на БиХ го товареше за злосторства против човештвото извршени врз жртви од бошњачка и од хрватска националност, во регионот на босанскиот град, Котор-Варош. Судот на БиХ во јануари годинава одби да го потврди ова обвинение, но Обвинителството соопшти дека истото повторно ќе му го проследи на судот.

А една година откако беше осуден на доживотен затвор, Караџиќ, во притворската единица во Хаг, сѐ уште чека да биде испратен на издржување на казната.