Регион

„Мир со женско лице“

Од отворањето на изложбата во Белград. Фото: Игор Чоко

„Мир со женско лице“, е називот на изложбата која зборува за искуствата на жените кои ја преживеале војната во БиХ (1992-1995) и за начинот на кој тие се справиле со последиците во повоениот период. Изложбата е поставена во изложбениот простор на невладината организација, Младинска иницијатива за човекови права, во Белград, и ќе биде отворена до 17 март.

„Оваа изложба зборува за жените кои во повоена БиХ водеа мали (а големи) битки за своите и правата на другите и го обновија во војната разурнатото општество“, се вели во изложбениот каталог на организаторите, мировната група, Мир со женско лице, и германската невладина организација, ФорумЗФД.

Дваесетте приказни избрани за оваа изложба ја истакнуваат реалноста на војната и повоениот живот на жените во БиХ и можат да послужат како инспирација за идното делување на жените активисти, велат организаторите.

Тие посочуваат дека сеќавањето на војната во БиХ е „исклучиво поврзано со трите етнонационални наративи (бошњачкиот, хрватскиот и српскиот), без простор за искуствата на жените“.

Една од овие приказни е приказната за Едина Кариќ, која раскажува како војната го уништила нејзиното семејство.

„Моравме да ја напуштиме куќата, да избегаме во шумата, каде се криевме. Еден ден се упативме надвор од шумата за да побараме храна, затоа што веќе немавме што да јадеме. Тогаш, нè заробија  пред куќата. Заробеништво. Силувања во повеќе наврати. Осаменост “, пишува Кариќ.

Тука е и приказната на Анѓа Обрадовиќ, во која се истакнува женската солидарност.

„Би сакала, ние жените, кои имаме слично искуство, што повеќе да се состануваме. Кога ќе се изнаприкажеме, полесно ни е. Понекогаш се шегуваме и една на друга си ја лечиме болката“, пишува Обрадовиќ.