Новинарот и писател, Ивица Ѓикиќ, за БИРН потенцира: „Секако дека војните – Втората светска и Татковинската – се присутни, исто како што беа присутни во сите претходни, а најверојатно и во многу идни избори“.
„Војните завршија“
Мамиќ вели дека трката започнала уште во мај, кога според резултатите на ХРејтинг, Шкоро се нашол на списокот на потенцијални кандидати за претседател. Набрзо Шкоро го потврди својот интерес и во јуни ја објави својата кандидатура, ветувајќи дека ќе ја зајакне, денес главно церемонијалната, претседателска улога.
„Не велам дека се согласувам со она што го бара, но тоа е легитимна тема“, вели Мамиќ за БИРН. „Тој сака да ги зголеми овластувањата на претседателот, затоа што верува дека претседател со овие уставни овластувања, не може да донесе промени во општеството кое бара промена“.
Ова не е прво влегување на Шкоро во политиката. Во 2008 година, тој беше пратеник на ХДЗ во Собранието, а денес ја има поддршката од МОСТ и неодамна формираната десничарска партија, Хрватски суверенисти.
На не толку големиот митинг во Загреб, на 16 ноември, Шкоро изјави дека усташкиот поздрав, „За дом спремни“, кој сè уште е популарен кај хрватските националисти, е поздрав под кој неговиот кум „се борел за оваа Хрватска во 1991 година“.
Тој додаде дека ќе побара меѓународна истрага за концентрациониот логор Јасеновац, и доколку треба „ќе прекопа сè“. Најмалку 83.000 лица, претежно Срби, Евреи и Роми, настрадале во овој усташки логор. Овој број го оспоруваат бројни десничарски хрватски политичари, кои сакаат да ги минимизираат усташките злосторства.
Шкоро подоцна истакна дека неговите зборови биле извадени од контекст. Ѓикиќ нагласува дека Шкоро смета дека неговите гласачи „ќе ја прочитаат првата изјава, а не и демантот“.
Шкоро се судри и со Милановиќ, на чиј изборен билборд во Вуковар стои: „Нормално, војните завршија“. Шкоро изјави дека не е нормално да им се кажува на луѓето во Вуковар дека војните завршиле и „да се игнорира нивната болка“.
Ѓикиќ истакнува дека пораката на Милановиќ, која според него е порака на здрав разум, „веднаш наишла на една сосема неразбирлива реакција како што е„ војните не завршија“.
Се чини дека силниот настап на Шкоро, ја турна Грабар-Китаровиќ на десно.
Нејзината реторика, посочува Ѓикиќ, „е насочена кон гласачкото тело кое е повеќе десничарско отколку ХДЗ, но електоратот на ХДЗ нема да ѝ замери и тој ќе гласа за неа без оглед на нејзините ставови“.
Вториот круг на 5 јануари е речиси извесен
Според неодамнешната анкета на ПромоцијаПлус, Грабар-Китаровиќ би добила 26,4 проценти од гласовите, што е намалување за еден процент во однос на октомври; Милановиќ 26,4, што е за половина процент повеќе од минатиот месец, а Шкоро 17 проценти – нешто помалку отколку во октомври.
Следи Мислав Колакушиќ, поранешен судија и европратеник. Според анкетата, тој би добил 12,1 отсто од гласовите, или пет проценти повеќе од минатиот месец.
Колакушиќ се претстави себеси како човек кој подолго време води кампања против заплената на имот и законот за банкрот, што му донесе поддршка од задолжените Хрвати од целиот политички спектар.
Тој, исто така, ги намали трошоците за кампањата, нагласувајќи дека гласачите можат да дознаат сè за неговата програма, преку интернет.
Осврнувајќи се на варијабилните проценти на Колакушиќ, Мамиќ посочува дека неговите гласачи се „непостојани“ и се склони да „се премислат преку ноќ“.
Вториот круг претседателски избори, чие одржување е многу веројатно, ќе се одржи на 5 јануари.
Потоа, вели Мамиќ, кандидатите ќе ја „заострат својата реторика“, за да соберат гласови надвор од нивниот гласачки корпус.
„Скоро е сигурно дека Зоран Милановиќ ќе влезе во вториот круг, така што ќе имаме еден кандидат од десницата, а еден од левицата“, нагласува Мамиќ за БИРН.
„Сигурно ќе се води битка за секој глас, а тогаш реториката секогаш се заостарува“, додава таа.