Анализи

Министерства за чување и за пазарење

Собранието ги изгласа новите министри

Во шест години владеење на СДСМ, низ министерските кабинети поминаа педесетина различни луѓе. Во некои од нив, промените се толку чести што за нив како да важи народната „секое летенце ново детенце“.

Четири министерства од вкупно 16 се фиксни за кадрите од СДСМ. Оливер Спасовски е единствениот во владата, кој никогаш не е сменет од позицијата министер за внатрешни работи, освен кога беше технички премиер, но потоа пак се врати во истата фотелја.

Труд и социјала, Транспорт и врски и Одбрана сменија министри, но сите доаѓаат од најголемиот коалициски партнер.

Други ресори, како Правда, Здравство, Култура, Образование и Информатичко општество и администрација сменија и по четири до пет министри за речиси шест години владеење. 

Министрите Оливер Спасовски и Крешник Бектеши се единствени несменети | Фото: Влада

На први јуни 2017 година, тогашниот премиер Зоран Заев првпат ја презеде власта од ВМРО-ДПМНЕ по нивното долгогодишно владеење.

Но, не само што програмата и ветувањата тогаш беа далеку поразлични од она што се слушаше деновиве при собраниската дебата за последната реконструкција, туку и многумина од тогашната таканаречена фамилијарна фотографија се сега на политички одмор. Други, пак, се прераспределени на нови позиции.

До ваквите чести промени во персоналниот состав дојде поради менувањето на помалите владини коалициски партнери. Фиксни се само СДСМ и ДУИ.

Владата на Заев почна со Алијанса за Албанците, која во 2018 година излезе од коалицијата, па на нејзино место дојде Беса. Партијата ја напушти владината коалиција во 2021 година, кога во неа влезе Алтернатива. Таа партија, предводена од Африм Гаши, пак, заминува сега, а во владиниот состав се враќа првиот партнер на СДСМ и ДУИ, Алијанса за Албанците.

На 27 февруари Собранието ги изгласа новите министри. Тројца се по предлог на Алијанса- за правда Кренар Лога, за здравство Фатмир Меџити и за информатичко општество и администрација Азир Алиу. Министерка за животна средина е Каја Шукова, која доаѓа по предлог на СДСМ. Расправата за новите заменици министри продолжува. 

Во Правда и во Култура најголема врвулица

Од 2017 до 2023 година во некои министерства сменија и по пет министри | Графика: БИРН

Како што се менуваа коалициските партнери, така се менуваа и раководните кадри во одредени министерства.

Рекордери се Правда и Култура со досега сменети пет министри. Враќањето на Правда, всушност, беше едно од главните ветувања на тогашните опозиционери предводени од Заев. Прво таа улога, поврзана со едно од клучните ветувања, му се додели на Билен Салиу од ДУИ.

Но, Салиу не се задржа долго на министерската позиција, па една година подоцна, во 2018, на неа дојде професорката Рената Дескоска. Таа го раководеше Министерството сѐ до 2020 година, кога си замина, а ресорот го наследи Бојан Маричиќ. И тој остана речиси исто време на позицијата како Дескоска.

Откако премиер стана Ковачевски, во Министерството за правда дојде професорот Никола Тупанчевски. Од него, како човек од правната фела, се очекуваше да се зафати со покрупните реформи, а беше најавуван како изненадување во тогаш новата влада.

Но, една година подоцна, Тупанчевски заминува од позицијата со оценка дека брзото менување министри не е добро за државата. На позицијата сега доаѓа, нов и непознат кадар за јавноста, Кренар Лога, по предлог на старо- новиот владин коалициски партнер Алијанса за Албанците.

И Министерството за култура има ист број различни министри, како и Правда. Прв беше Роберт Алаѓозовски, кој не се задржа долго. Во првата владина реконструкција, по влегувањето на Беса, оваа позиција му беше доделена на Асаф Адеми. По него на позицијата дојде Хусни Исмаили од Алтернатива, кој остана околу една година.

По него со Култура раководеше професорката Ирена Стефоска, за сега таа позиција да ја врши Бисера Костадиновска-Стојчевска.

По овие две министерства со сменети пет министри, следуваат неколку што имаат по четворица различни раководни кадри.

Сега и Министерството за здравство доби нов прв човек од Алијанса за Албанците. Всушност, нивниот сегашен лидер Арбен Таравари беше прв министер за здравство во владата на СДСМ, но откога ја напуштија владината коалиција на таа позиција дојде Венко Филипче од СДСМ. Со новиот коалициски партнер, Алтернатива, во 2022 година ова Министерство го раководеше Беким Сали, а сега, откако Алијансата повторно се врати во владината коалиција, здравството ќе го предводи нивни кадар, Фатмир Меџити.

Образованието е уште една област во која се ветуваа „темелни промени“, но по шест години владеење, и ова Министерство спаѓа во оние со чести промени на раководните кадри. Поради тоа и реформите се неизвесни, па не се знае дали тоа што го почнал некој министер, следниот го продолжува.

Прва министерка таму беше Дескоска, но наскоро потоа ја наследи Арбер Адеми од ДУИ. Тој на позицијата беше сѐ до 2020 година, кога на чело на Министерството дојде Мила Царовска. Таа почна да воведува измени во образованиот систем за пониските одделенија, за кои сега е нејасно дали продолжуваат. Нејзин наследник стана Јетон Шаќири од ДУИ, чија позиција останува непроменета и со сегашната владина реконструкција.

Заменик-рекордер

Многумина од првата влада на Зоран Заев не се веќе политички активни | Фото: Влада

Во ова Министерство доаѓа нов заменик-министер со богата заменичко министерска кариера – Агим Нухиу. Уште во владеењето на ВМРО-ДПМНЕ беше заменик-министер за внатрешни работи, па потоа неколку месеци беше и министер. Од кога таа позиција ја зазеде најдолговечниот министер во владите на СДСМ, Оливер Спасовски, Нухиу, пак, стана заменик. Од таму отиде на иста позиција во Министерството за правда, од каде што сега доаѓа во Образование. Тука ќе го заменува својот партиски колега Шакири.

Можеби поради честото менување на портфолијата, Нухиу не ја обновил последната биографија доставена неделава до Собранието, па во насловот оставил заменик-министер за правда, а во делот политичко искуство завршува со претходната позиција, заменик-министер за внатрешни работи.

Намалување на администрацијата за 20 отсто беше една од реформите во Министерството за информатичко општество и администрација што ја ветуваше поранешниот премиер Заев, кога таа функција му ја довери на Дамјан Манчевски. Тој си замина во 2020 година, а на негово место дојде Јетон Шакири од ДУИ. По него со администрацијата раководеше Адмирим Алити од Алтернатива, сѐ до вчера, кога во ова мало Министерство дојде Азир Алиу од Алијансата за Албанците.

Но, во ниту една од овие реконструкции, јавноста не можеше да го слушне одговорот на прашањето зошто одреден кадар треба да го води конкретно министерството и која е неговата идеја или, пак, можеби уште поважно зошто неговиот претходник се разрешува.

Политичкиот пазар никој не се ни обидува да го оправда.