Анализи

Скриени хонорари во Министерството на Артан Груби

Само лани, за хонорари се исплатени 160 илјади евра

Во една од последните изградени барокни згради во центарот на Скопје се наоѓа најмладото министерство во Владата, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Таму работат над 350 луѓе, а за годинава, според државниот Буџет, се проектирани дополнителни вработувања.

Но, веројатно оваа мала „армија“ луѓе не била доволна, па лани биле ангажирани уште, а за тоа биле исплатени 160 илјади евра.

Сепак, кој и за што бил ангажиран дополнително во Министерството останува тајна, бидејќи сите обиди на БИРН да добие податоци за дополнителните ангажмани останаа безуспешни.

Четириесет уплати преку две авторски агенции

Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците | Фото: БИРН

Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците постои нецели четири години.

Политички наследник е на некогашниот Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор. Во органограмот има две управи, 11 сектори и дури 38 одделенија. Меѓу вработените се и државен секретар и државни советници.

Ова министерство, заедно со Министерството за информатичко општество, ги распоредуваше вработените по Рамковниот договор по други институции.

Уште од самите почетоци се отвори јавна дебата дали на државата воопшто ѝ треба Министерство за политички систем, бидејќи има прешироки цели на неговата работа. Во Буџетот за 2023 година пишува дека главните функции на ова најново Министерство му се „обезбедување координација и усогласување на работата на државната управа за спроведување на Рамковниот договор“.

Лани ова Министерство, со кое раководи вицепремиерот Артан Груби, имало вкупен буџет од околу 4 милиони евра, кој годинава е поголем за околу 300 илјади евра.

Тоа е, на пример, приближно четирипати повеќе од буџетот што го имаат Антикорупциската комисија или Финансиската полиција.

Во Министерството, сместено во барокната зграда веднаш до МНР во центарот на Скопје, лани работеле 354 луѓе, а годинава, според предлог-буџетот, таа бројка би можела да се зголеми за уште 69, што значи дека вкупно би работеле 423 лица.

Покрај нив, Министерството плаќа дополнителна работна сила. Имено, само во текот на 2022, во четириесетина наврати, преку две авторски агенции „Артпицк“ и „Лиценца МК 2000“ се исплаќани различни износи: Oд 22 илјади денари до над 300 илјади денари месечно за „други договорни услуги“, што е шифра под која, најчесто, се водат хонорарните ангажмани.

Преку овие две агенции, голем број државни институции, министерства, Владата, но и државни агенции и претпријатија ангажираат дополнителна работна сила.

БИРН пресмета дека само по оваа основа, од Министерството за една година, поточно, лани биле исплатени околу 160 илјади евра.

На пример, на 9 март, во три транши исплатени се нешто над 14 илјади евра. Во декември, исто така, во три транши исплатени се 12 илјади евра. Трипати во јануари, четирипати во февруари, трипати во март…

Oсвен ставката други договорни услуги, Министерството исплаќало и консултантски услуги. За тоа била ангажирана агенцијата „Д-М консалтинг Груп“. Преку неа „поминале“ вкупно 7.600 евра за една година.

Од јавно достапните податоци на Министерството за финансии, може да се види дека постои историја на ангажирање агенции многу пред Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор да стане посебно министерство.

Па така, од 2016 до денеска, само преку агенцијата „Лиценца МК 2000“ исплатени се речиси 280 илјади евра.

На листата за исплата преку Секретаријатот се јавува  и  компанијата „Таг Комуникации“. Таа била ангажирана од 2011 до 2015 година и под шифрата „други договорни услуги“ и „консултантски услуги“ ѝ биле исплатени  вкупно 340 илјади евра.

„Договорците“ од Министерството за политички систем

Вицепремиерот Артан Груби на седница на Влада | Фото: Влада на РСМ

Уште во мај лани, БИРН, повикувајќи се на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, побара копии од фактурите што Министерството ги исплаќало за оваа намена.

Добивме безмалку празни фактури, во кои нема опис зошто се ангажирани лицата. Наведен е само износот. Во описот на фактурата пишува „договорци“.

Во декември повторно побаравме копии од договорите за кои се исплатени парите, овој пат за 11 месеци. Но, одговор не стигна.

По овој молк на Министерството, поднесовме жалба до Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер. Тие, пак, се обратиле до институцијата со која раководи Груби, но наишле на затворена врата. „Имателот на информацијата не одговори на дописот на Агенцијата“, пишува во решението.

Поради тоа, Агенцијата му наложи на Министерството да одговори во рок од 15 дена.

Но, месец дена по ова наложување, и натаму Министерството молчи.

Во обидот да дознаеме за што и кому се исплатени парите, го прашавме и вицепремиерот Артан Груби, но одговор до објавата на текстот не стигна.

И на сајтот на Министерството, освен пиар-активностите на вицепремиерот, нема речиси ништо. Ниту извештаи за јавни набавки, ниту оние 21 документ што се обврзани да бидат објавени на интернет-страниците на државните институции.