Регион

Мистериозниот „командант Волк“ на Ослободителната војска на Косово

Профил на Пјетер Шала

Во родното село на таткото на Пјетер Шала, Брекоч, во општина Ѓаковица, може малку да се дознае за човекот кој оваа недела првпат се појави пред Специјализираните совети на Косово (ССК) во Хаг.

Жителите на ова село велат дека сѐ што знаат за Пјетер Шала, е оти тој е роден во Призрен и дека е единствено дете на неговите родители, кои повеќе не се живи. Тие не сакаа многу да зборуваат за него.

Шала, во понеделникот, се изјасни за невин по обвиненијата за воени злосторства, кои вклучуваат произволно затворање, сурово постапување, тортура и убиство на затвореници, кои се наоѓале во фабрика за метали во Кукс, град во северна Албанија, која ОВК, од 17 мај до 5 јуни 1999 година, ја користела како објект за притвор.

„Ги држеле во импровизирани ќелии под вооружена стража, врзани, со лисици на рацете и кон нив постапувале на суров начин и ги мачеле“, се вели во обвинението.

На денешната прва статусна конференција, адвокатот на Шала, Жан-Луи Гилисен, побара од обвинителството да ги открие имињата на жртвите во чии убиства, наводно, учествувал Шала.

„Ние сме на мислење дека Шала треба да ги знае имињата на жртвите, за кои се вели дека починале“, рече Гилисен.

Седиштето на ССК. Фото https://www.scp-ks.org/

Ветеран на хрватската војна

Шала ѝ се приклучил на ОВК во мај 1998 година, кога тој и уште 30 други лица, од Албанија пристигнале во Косово, кое во тоа време сè уште било дел од Југославија, за да се борат против српските власти.

Тој живеел во Албанија, откако претходно кратко учествувал во војната во Хрватска во 1991 година, како доброволец на хрватска страна.

Тој прво ѝ се приклучил на група припадници на ОВК, предводени од Рамуш Харадинај, кои имале седиште во селата Смолица и Јабланица, во општина Ѓаковица.

Шала, кој станал познат под прекарот „Командант Волк“, тогаш бил стациониран во селото Дујак и станал локален воен водач во овој дел на западно Косово, каде што припадниците на ОВК биле под контрола на Харадинај.

Во јуни 1998 година, Шала им рекол на своите соборци во Дујак, дека командантот на ОВК, Реџеп Селими, го назначил за шеф на локалната воена полиција. Селими, исто така, се наоѓа во притвор во Хаг, бидејќи е обвинет за воени злосторства и злосторства против човештвото, заедно со поранешниот косовски претседател, Хашим Тачи, и политичарите, Кадри Весели и Јакуп Красниќи. И тие, како и Шала, се изјаснија за невини по обвинението.

Соборците на Шала велат дека не знаат многу за неговата активност во воената полиција. „Имавме многу прашалници за неговата улога (во војната)“, вели поранешен член на ОВК за БИРН, кој неодамна беше повикан како сведок од специјализираните обвинители.

На почетокот на август 1998 година, Шала, заедно со уште неколку членови на ОВК, бил испратен во Албанија да набави оружје, но не се вратил на бојното поле во Косово.

Наместо тоа, тој, во консултација со високи членови на ОВК, заминал во северна Албанија, каде биле извршени наводните злосторства, за кои се најде пред ОВК.

Фото: Валери Плеш

Неколку пати именуван како осомничено лице

По завршувањето на конфликтот во Косово, во јуни 1999 година, на кое му претходеше воздушната кампања на НАТО, поради која српските сили мораа да се повлечат, Шала замина прво во Соединетите Американски Држави, а потоа, во 2002 година, во Белгија.

Во март годинава, тој беше уапсен во белгискиот град Антверпен, по што беше префрлен во притворската единица во Хаг, каде го чека своето судење.

Шала (57), досега неколку пати беше осомничен за воени злосторства. Така, во 2005 и 2007 година, истражителите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), кои го водеа случајот против Рамуш Харадинај, разговараа со него во својство на осомничено лице.

Имено, во обвинението против Харадинај, Шала беше наведен како лице осомничено за учество во заеднички злосторнички потфат и за убиство на Србин, како и за киднапирање и тортура на двајца косовски Албанци, во селото Јабланица. Тој ги негираше овие обвинувања.

Шала сведочеше на судењето на Харадинај во Хаг, во октомври 2007 година. Тогаш дозна дека тој повеќе не е дел од обвинението, иако и понатаму беше осомничен.

Пред да сведочи, обвинителството на судот му образложи дека „обвинението против него се смета за целосно невозможно во сегашните фази“. Харадинај на крајот беше ослободен од обвинението.

Името на Шала се појави и во обвинение поднесено во 2010 година, овојпат од Мисијата на ЕУ за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС), против петмина припадници на ОВК, заради малтретирање и убиство на цивилни затвореници, косовски Албанци, во објекти во Кукс и Цахан, во северна Албанија. Името на Шала го споменаа неколку жртви во овој случај. Обвинетите беа осудени.

Шала беше споменат и во извештајот што во декември 2010 година го објави специјалниот известувач на Советот на Европа, Дик Марти, чии наводи против повеќе припадници на ОВК, вклучуваа и обвинувања дека Шала физички злоставувал албански затвореници, во логорите на ОВК во северна Албанија.

Извештајот на Марти доведе до истрага на работна група на ЕУ, а потоа и до формирање на Специјалниот суд (Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство на Косово), кој ќе им суди на поранешни припадници на ОВК за воени злосторства, а поради стравувањето дека судскиот систем на Косово, не е доволно подготвен да ги истражи ваквите чувствителни случаи и да ги заштити сведоците.

Но, Албанците во Косово т.н. Специјален суд го сметаат за навреда на војната на ОВК.

Пред судот во Хаг, Шала во понеделникот изјави дека обвинувањата против него се „смешни“.

„Сметам дека не сум сторил никакво злосторство, освен што ја бранев својата земја. Јас во целост не сум виновен“, нагласи тој.